Утринско кафе со Симона Петреска: Ме мотивира потребата за секојдневно збогатување на моите сознанија

Наутро после будењето сакам да си полежам во кревет, барем уште 15 минути, а потоа го пијам моето прво утринско турско кафе, најчесто сама или со моите родители. 

Ритуалот на пиење утринско кафе со моите родители ми претставува големо задоволство бидејќи тогаш разговараме за разни теми кои се поврзани со минатото, сегашноста и идните планови на нашето семејство. После кафето следува доручекот кој што секогаш е обилен за да ми даде енергија за обврските кои следат. 

Најмногу сакам турско кафе, густо и горко, без шеќер. Другите кафиња ги пијам само ако морам. 

Најубавиот извор на преубава енергија во мојот живот се моите деца Матео и Миха, моите внуци Бобо и Софи, мојата сестра и зет, моите родители, прекрасните пријатели, луѓето со кои соработувам... Сите тие мојот живот го збогатуваат и го прават уште поубав. 

Ме мотивира потребата и жедта што ја чувствувам во мојата душа за секојдневно збогатување на моите сознанија кои првенствено ги применувам за свој личен, духовен и умствен развој, и кога ќе станат мојата вистина на живеење ги споделувам со другите луѓе.

Од понеделник до петок деновите ги поминувам на моето работно место до 16:30 часот, а потоа почнуваат моите обврски како мајка со моите деца, школски и воншколски активности, за викендите прошетки во парк или некое патување. Зависно од домашните обврски, понекогаш сакам да излезам и да поминам време со моите пријатели на кафе-муабет. 

Денот ми завршува со чај кој го пијам во мојата дневна соба, понекогаш со чаша црвено вино и музика од 80-те. 

Многу сакам да читам книги за духовен развој, сакам да гледам инспиративни видеа на тие теми, филмови гледам многу ретко, а кога гледам тоа се најчесто постари романтични филмови. 

Секој ден се будам со мислата: „Денес денот ќе биде прекрасен“, а си легнувам со емоција на радост и благодарност кон Бог за сите благослови што ги имам во мојот живот.


*Симона Петреска - автор, животен тренер и мотиватор*