Утринско кафе со Сандра Кирков: Научив дека со добар распоред сѐ ќе се заврши и без брзање

Денот ми почнува со огромна шолја кафе кое најчесто го пијам сама. Тоа е веројатно единствениот период од денот кога имам еден час тишина да размислам и да организирам сѐ што сум испланирала. Цел живот брзав негде наутро, ќе станев и секогаш ми беше сѐ на трчање, да завршам сѐ побрзо да не ми избега денот. Низ годините научив дека ако имам добар распоред сѐ ќе се заврши и без толку брзање и непотребен стрес. 

Што ме мотивира? Да почнам со личниот успех, најмногу се радувам кога ќе остварам некоја од зацртаните цели па тоа ми дава уште поголема мотивација за понатаму. Вистински случки кои имале среќен крај, успешни луѓе и нивните приказни, нешта кои ми причинуваат задоволство. Мотивацијата е она кое не тера да одиме напред, да бидеме подобри, поуспешни. Сите од време на време треба да си повториме на самите себе: „Јас можам, јас ќе успеам. “.

Секоја недела си правам листа со сите обврски што ме чекаат во наредните седум дена па се водам според истата. Тоа ми е најдобар начин да не прескокнам или заборавам нешто битно. Од неодамна со партнерот започнавме нов бизнис на кој сме му целосно посветени и ни го одзема поголемиот дел од времето. Од друга страна, обврските на социјалните мрежи не ги запоставувам и имам среќа што тој ми е најголема поддршка па заедно постигнуваме сѐ. Во последно време сум фокусирана на планирање на нови кампањи што допрва ќе се случуваат, креатива и организација за истите, а кога сум послободна сакам да го искористам времето да отидам некаде барем на два дена да се одморам и да наполнам батерии. Пандемијата си го направи своето за жал, но се надеваме дека доаѓаат подобри времиња.

Секој ден различно ми завршува во зависност од обврските, но во принцип после 19 часот гледам да сум дома и да му посветам време на партнерот и на најблиските. Некогаш се случува до касно да работам на компјутер, но во последно време гледам тоа да го избегнувам бидејќи почна да ми влијае на сонот. 

Сакам книга и филм, зависи од расположение. Домашната библиотека често ја збогатувам со нови наслови, сметам дека тие пари никогаш не се залудно потрошени. Сакам да читам добар трилер, сакам да изгледам добар филм, моментално сум навлечена на неколку серии кои што ме опуштаат и се случува да останам будна до 1 часот по полноќ гледајќи „само уште една епизода“.  Кога почна пандемијата и кога почнавме повеќе време да минуваме дома, си дадов задача да читам две книги месечно. Читањето ја зголемува креативноста, особено читање белетристика, а и позитивно влијае на менталното здравје. Мене ми помага да се оттргнам од секојдневните грижи, а во исто време да научам нешто ново. 


(*Сандра Кирков- дипломиран економист )