Утринско кафе со Анастасија Анѓеловска: Штом ги отворам очите си кажувам: „Денес ќе биде прекрасен ден“

Денот ми започнува со медитација, јога па подоцна следуваат сите други ритуали. Првиот утрински напиток не ми е кафе, тоа е најчесто кофеински чај или какао со млеко и бидејќи сум ранобудник најчесто го пијам сама во мир и тишина.

Забележав дека кофеинскиот чај ми дава неверојатна енергија и „гориво“ за цел ден. Во исто време е и одлична замена за кафе, ме буди веднаш по првата голтка.

Бидејќи ретко пијам кафе, кога ќе се одлучам сакам тоа навистина да е убаво направено. Говорејќи за турското кафе, најдов бескофеинско што е идентично на вкус и уживам додека го правам. Секако кајмакот е најважната одлика на добро приготвено кафе. Кога излегувам најчесто пијам макијато и преферирам да е густо, со пена и убаво декорирано.


Вежбањето и играњето на мои омилени песни, исто така, ми даваат плус енергија. На тој начин се полнам со позитивна енергија затоа и овие два ритуали се вклучени во мојата утринска рутина.

Мотивација наоѓам многу лесно и најчесто во мали едноставни нешта. Најголема мотивација ми е девојката која ја гледам во огледало секое утро. Реченица што ќе ја слушнам од случаен минувач може лесно да ме измотивира. И самото тоа што е нов ден полн со можности, во кој јас и сите мои се живи и здрави, ми е доволна мотивација да зачекорам во истиот.


Денот ми е посветен на различни полиња. Во текот на работната недела утринските часови ги поминувам на факултет. Штом завршам, се посветувам на себеусовршување, правење планови на професионален план, најчесто и работам во другата половина од денот. Викендот ми е посветен на реализирање на претходно направени планови за правење добри фотки и содржина за социјалните мрежи.

Вечерта ја минувам со семејството и уживам во нивно друштво. Секој раскажува што му се има случено дента. И најчесто вечерта ја го заокружуваме со некој добар филм.


Секогаш, ама секогаш бирам книга. Сакам да гледам и филмови, но според мене книгите многу повеќе ни ја продлабочуваат имагинацијата. Не дозволувам денот да ми заврши без неколку прочитани страници.


Додека појадувам слушам и си повторувам афирмации од различен тип. Но, првата реченица што си ја изговорам веднаш штом ќе ги отворам очите е: Денес ќе биде прекрасен ден. И навистина секој ден ми е полн со прекрасни случки. А истиот го завршувам со благодарност. Се заблагодарувам за сѐ што имам, потсетувајќи се на реченицата: Што ако утре се разбудиме без сѐ она за кое не сме биле благодарни денес?



Анастасија Анѓеловска - блогерка