Практикувам утрата да ги почнам многу рано, во мир и тишина: Утринско кафе со Анита Николовски

Со оглед на професијата доктор, улогата и обврските кои статусот мајка и сопруга ги очекувам во текот на денот, ако го додадеме и моето хоби и секундарна професија како фитмама, денот ми е прилично динамичен и врзан со многу луѓе и комуникација. Затоа практикувам утрата да ги почнам многу рано, во мир и тишина, додека најголем дел од светот се‘ уште спие и тогаш да најдам време за себе... Па речиси секое утро го почнувам со чаша млака вода со неколку капки лимон, ѓумбир и мед наместо кафе, кое како утрински ритуал претходи на мојата јога сесија или утрински тренинг. 

Најголема моја мотивација се здравјето и благосостојбата на моите најблиски и чувството да се остане присебен и нормален во ова доба. А ако ме прашувате за вежбањето, од каде наоѓам мотив и црпам инспирација, би рекла дека тука е само стил на живот во прашање, тука ме води дисциплината и желбата да пренесам навики кои сметам дека моите деца треба да ги апсорбираат и практикуваат од најмали нозе. 

Дневните планови и обврски ги делам на две групи: Обврски кон професијата и планови во домот, односно мојата фамилија. Статусот на специјализант бара многу посветеност и учење, но кога тоа ќе го искомпензирам со љубовта која ја добивам и давам во топлиот дом, некако се‘ станува полесно и поприфатливо. 

За разлика од почетокот на денот кој го стартувам сама и во тишина, вечерта ја уживам во друштво на моите најмили и најсакани, дали тоа ќе биде прошетка во овие топли денови или некоја фамилијарна игра во постудени или дождливи денови, важно ми е да поминуваме колку што е можно повеќе време заедно како семејство во хармонија и љубов. 

Никогаш не можам да ги споредам двата избори помеѓу книга и добар филм, зошто неописливо е чувството и задоволството кое една добра книга го нуди, имагинацијата која ја буди, за разлика од гледање филм кој може да ми послужи само за релаксација.

*Анита Николовски - Доктор (специјализант)*