Утринско кафе со Александра Аџиска: Мотивација ми е секоја порака дека некого сум го инспирирала на позитивна промена

Денот ми започнува во 6:00h со шолја кафе која обично ја пијам сама зошто сопругот не пие. Тоа задоволство трае околу 30 минути, а после тоа стартуваме со секојдневните обврски, ја будам ќерка ми Ева , почнуваме со спремање и подготовки за работа и за школо.


Во животот главна мотивација, причина за насмевка и среќа ми е Ева, мојата ќерка. Таа ме исполнува со позитивна енергија секојдневно, но секако мои мотиватори и поддржувачи се мојот сопруг и семејството.


Наоѓам мотивација и во предизвиците. Мотивација ми е секоја порака дека сум помогнала на некого, сум го инспирирала на позитивна промена и сум го поддржала кога му било најтешко...Ме мотивира и сопствениот развој и промена.

Енергија црпам од позитивни и искрени луѓе на кои може да им веруваш и секогаш ама баш секогаш успешно завршена работа.


На клиниката за Радиотерапија и онкологија работа како инженер по медицинска физика, и имам среќа што работните часови ги поминувам со тим кој пред сѐ е професионален, позитивен и секој предизвик е само дополнителна инспирација за нас како инженери. Работата ни нуди можност за надградба.


Мојот работен ден завршува секогаш различно, а остатокот од денот го поминувам со Ева и со сопругот. Ја земам од школо, правиме ручек, шетаме, играме, учиме, гледаме цртани. Секој ден е речиси ист, вечера, капење, гушкање и спиење. Откако ќе заспие Ева ( гледам тоа да не е после 9,30 часот) има време и за нас. Тоа значи нешто различно секоја вечер. Некогаш сакам да читам книги, некогаш да гледам филм или серија. Понекогаш е толкав хаос што откако ќе се средиме низ дома не останува време за ништо и преморени заспиваме. Во секој момент кога дозволува секојдневието излегуваме на свирки, пијачка или во кафуле со пријателите кои ми значат. 


* м-р Александра Аџиска, инженер по Медицинска физика на клиниката за Онкологија и Радиотерапија и специјализант на Нуклеарна Медицинска Физика при Медицински Факултет