Утринско кафе со Ангела Томиќ: Немам воопшто време за празни муабети и луѓе кои живеат туѓи животи

Мојот ден почнува во 05 часот наутро, првото утринско кафе, или во последно време напиток од мача, го делам единствено со себе, тоа ми е најубавиот дел од денот, време посветено на моето тело, ум и емоции, време за мали слатки ритуали и лични увиди. Потоа правам распоред за денот што следи, внимателно ги планирам и осмислувам часовите и психофизички се подготвувам за сите дневни активности и обврски, а ги имам навистина многу. 

Јас сум од оние чудните што не спијат и кога спијат, со време се навикнав да уживам во тоа.
До пред некое време, после првото отворање очи, следно беше кафето, кафето беше основен симбол на моите утра. Таа навика свесно почнав да ја менувам бидејќи го освестив моментот дека кафето ми дава инстант буст, ми го подигнува нивото на енергија но на кратка стаза, а кусо време потоа чувствувам зголемена раздразливот и немир и нивото на енергија значително ми опаѓа, навестувајќи потреба од нови дози кофеин. Наместо тоа во последно време приготвувам напиток од мача и нивото на енергија и свежина го одржувам континуирано во текот на целиот ден. Да не се разбереме погрешно, мојата врска со кафето е сѐ уште жива и стабилна, само му најдов друг тајминг за уживање. 

Што и да подготувавте најпрво додајте доза љубов и свесност дека го спремате најдобриот и полн со убава енергија напиток за вашето тело. Потоа една лажица мача прелијте ја со незовриена вода, додајте три магични капки стевиа, малку кокосово млеко и тоа е сѐ. На крај разбудете ги сетилата за ова миризливо задоволство и уживајте во секоја голтка. 

Јас уживам во секој сегмент од животот и енергија впивам од цела негова полност и прекрасност. Ме радуваат и исполнуваат со енергија долгите прошетки во природа, детските насмевки, убавата храна и моите искрени пријатели, семејството, а како шлагче на сѐ ми доаѓаат моите енергични и прекрасни вежбачи/ки кои ми го бојат шарено секој ден со своите постигнати резултати, убавите пораки полни благодарност, споделените искуства и нивната искрена радост која спонтано извира од нашата убава пракса. 

Ме мотивира желбата да направам нешто поразлично, да експериментирам, да истражувам, да се натпреварувам со себе си, со онаа Ангела од вчера, завчера, од пред некоја година, да ги мотивирам луѓето, подеднакво и младите и оние повозрасните, оти знаете секој сака да му се радува на одразот во огледалото,  да си се допадне не зависно во која животна доба се наоѓа..... па ете јас им ја остварувам таа желба на луѓето.
Моментална голема мотивација ми е и проектот на кој работам напорно - уште не откривам ништо, нека биде слатко изненадување. 

И последно, но најважно, мојата ќерка Изабела, која ме инспирира и мотивира секој ден да бидам нејзиниот совршен рол модел, нејзиниот прозорец кон светот и нејзината топла прегратка. 

Како што кажав денот ми почнува навистина рано, подготвувам тренинзи за сите групи и клиенти, модифицирам часови за специфични категории клиенти кои имаат здравствени потешкотии и ограничувања и потоа започнувам со тренинзи кои со кратки паузи траат до 20 часот.
По долгиот и напорен ден се опуштам со добро музиче, убава серија или некоја книга. Знам и да се напијам чаша од моето омилено вино, секогаш во убава атмосфера и избрано друштво. Единствено нешто за кое немам воопшто време се празни муабети и луѓе кои живеат туѓи животи. 

Вечерите се најчесто резервирани за мене. Во мирна и опуштена атмосфера, мирис на есенцијално масло и тивка музика, ги средувам впечатоците од долгиот ден, медитирам и се релаксирам. Секако тука е и ритуалот кој подразбира нега на лицето, бидејќи секој дел од нашето тело и душа си бара подеднакво внимание и љубов за да светка и блеска во полн сјај. 

Бидејќи моментално интензивно го изучувам нутриционизам, класичните книги, ги заменив со писанија и четива од таа област. Но добар филм со убаво друштво никогаш не пропуштам, омилени ми се романтичните, нив знам да ги гледам и неколкупати и со ист интензитет да си плачам и да се соживувам (се смее).

За мене секој ден почнува и завршува со една мисла, ме води тоа дека „сѐ тече и се менува“, дека утрото е неизвесност, а вчера веќе не постои, па така секојдневно се присетувам да дишам свесно и да го живеам моментот, овој овде и сега, бидејќи тој е единственото нешто што го имаме и заслужува да бидеме во љубов со него и да му го претставиме најдоброто од себе!



*Ангела Томиќ - фитнес тренер*