Врсничко насилство

Значи вака...можам се’ да поднесам. Ич не се потресувам за навреди кои се однесуваат на мене, кои ми биле или ми се сервирани пред лице или зад грб. Отрпната сум на простотилак, кажани блуеници, начуени невистини. Не знам дали е до годините или е до долгогодишното градење на одбранбен механизам кој веќе не дозволува да патам за рекла-казала. За разлика од порано кога го боледував секој збор кој ми бил кажан или со социјалниве мрежи прочитан, сега сум во зен фаза кога не само што не ме тангира, туку и го регистрирам како да е кажано за некој таму далеку кој не го ни познавам.

Но, кога се работи за ќерка ми прагот на толеранција ми е многу низок. Кога се работи за Нина, знам цела да се накострешам и тогаш ја имате ситуацијата на Др. Џекил и Мр. Хајд. Тука, ниту поднесувам, ниту имам разбирање, ниту пак сакам да имам разбирање. Секој еден кој имал храброст да ме удри таму каде што најмногу ме боли и тоа само со спомнување на нејзиното име, си го добил по муцка. Во тие и такви ситуации кога ќе ни чепне некој во децата, верувам дека секој од нас доживува трансформација, па дури и да бил најкроткиот човек на светот.

Ако некому и на нешто сум посветила најмногу внимание и љубов во животот, тоа било кон ќерка ми и нејзиното воспитување. Учењето на емпатија и почит се првите лекции кои ги добивате од дома. Да, го има и она улично училиште од кое ќе соберете некоја лекција која ќе ви исчеличи, но основите се добиваат од дома. Ако од дома не се научи детето дека тупаниците, поганите зборови и насилството воопшто не се решение на било каков проблем, тогаш работата е утната уште во корен. А од утнат корен, не расте саглам дрво. Па сега некој ќе рече оти тоа си е приватна работа кој како си ги гледа децата дома. Да, во право сте...ама само до моментот кога таквите деца ќе почнат да го применуваат начинот на кој се воспитувани врз вашето, моето дете.

Сакале или не, навикнати сме на возрасни силеџии кои секојдневно ги гледаме насекаде, во сообраќај, на шалтер, во кафеана, на улица. Жалосно е што моравме да се навикнеме дека коегзистираме со такви примероци, а уште пожалосно е што се’ помалку има механизми како да се спречат истите да ни го загорчуваат животот. Но, неприфатливо е да почнеме да се навикнуваме на насилството меѓу младите или да вртиме глава, преправајќи се дека не зема голем замав. Потполно е неприфатливо да се дозволи да цвета врсничкото насилство затоа што мама и тато го имаат синдромот на “знаеш ли кој/а сум јас?”. Да, знаеме кои сте....примитивци кои сте си го упропастиле детето, а сега тоа упропастува и малтретира други деца.

Нина беше во основно училиште кога првпат доби шлаканица од дете кое важеше за проблематично. И тоа, ја доби шлаканицата затоа што му се обрати да внимава како трча оти ќа ја турнеше другарка и’ по скали. За дете кое никогаш не било удрено, ќерка ми имаше траума. Среќа, брзо и ефикасно се реши тоа благодарение на класната, педагогот и директорката. Дома долго и на широко зборувавме за насилство, оти шокот дека некој кренал рака на неа и’ беше голем. Што се однесува до вербалниот булинг, никогаш не го потценувајте затоа што знае да направи исто толку голема штета како физичкиот. Кај Нина тоа било од аспект на тоа дека е дете на разведени родители, па во некои муабети точно сум знаела кој од родителите што има кажано, оти децата некогаш се само папагалчиња за тоа што се говори дома. Сега, како повозрасна веќе знае сама да се справува со вербалниот булинг и да се избори за себе иако е се’ уште шокирана од тоа дека некои деца едноставно не ја знаат разликата меѓу зезање и навреда, или само не ја почитуваат таа разлика.

Во тинејџерскиот свет исмејувањата за изгледот (или како што го викаат боди шејминг), за статусот што го имаат или немаат родителите во општеството, за нови патики или гардероба која е со етикета од познат дизајнер е веќе секојдневие. И тоа полека ескалира додека не прелие чашата, па ќе се појави видео во кое имате пресметка на 15-годишни девојчиња кои унаказуваат соученичка. Која е таа злоба? Која е таа омраза која ги води децата крвнички да истепаат друго дете? Која е потребата да се омаловажи, згази, уништи, раскрвави? Страста на тие години треба да е насочена кон животот, симпатиите, читањето книги, дружбите а не кон насилството. Која е таа глад да се седи отстрана и да се навива и потикнува злото? Снимање со телефон и споделување, смеење како да е тоа само филмска сцена во која знаеме сите дека крвта е лажна, а актерот ќе стане од земја насмеан кога режисерот ќе каже СТОП.

Не, не ми кажувајте оправданија дека се тоа само деца кои изгубиле контрола. Па на овие години ако ја губат контролата на силеџиски начин, што останува за подоцна?! Не може родителите да не се свесни што им вирее дома. Абе само што ќе ја видам ќерка ми, знам што сака, дали е ок, дали ќе се раболува и дали нешто ја мачи. Не може да не приметиме ако детето ни е агресивно, освен ако ние како родители не сакаме да си замижиме пред вистината дека треба да реагираме соодветно.

Многу е лесно да се згази дете кое е кротко, учено на љубов, емпатија и питомост. Многу е тешко да се воспита такво дете, оти тоа бара многу откажувања од сопствениот раат, одмор или задоволства. Ама па, има ли поголемо задоволство од тоа да видите дека сте одраснале ЧОВЕК?

Време е да се преземе нешто посериозно, додека не се случила некоја трагедија која ќе произлезе од физичкото и вербалното насилство меѓу децата. Редно е и институциите да ја сфатат сериозноста на проблемот, пред некое дете да си посегне по животот или да биде оставено на плочник без знаци на живот. Редно е и сите ние да се ангажираме малку повеќе и поактивно за да се санира штетата која е веќе сторена. Мора да има начин, мора да има казни, мора да има одговорност. Доста се заташкуваат и се кријат ваквите случаи. Како родители имаме избор дали ќе одгледаме луѓе или потенцијални убијци!

Денес сакам да им дадам поддршка на сите деца кои се борат со било кој вид врсничко насилство, но и на нивните родители кои некогаш се наоѓаат во ќор-сокак оти рацете им се врзани. Денес ве повикувам да не останеме слепи и глуви за проблемите кои допрва ќе ни се удрат од глава ако не им најдеме решение. Поттикнувајте ги децата да споделуваат со вас ако се малтретирани. Поттикнувајте ги да кажат и на училиште и бидете им ветар во грбот, но и карпа на која ќе се потпрат. Не мислете “деца се, се закачнале малку”, оти Србија уште не може да заздрави од еден таков случај каде што секогаш и без исклучок коренот е во семејството.

Не молчете ниту вие, ниту вашите деца. Ако го игнорираме проблемот, нема да исчезне. Ако ни се децата доволно возрасни и не се директно тангирани од врсничко насилство, не значи дека треба да сме неми, слепи и глуви. Ниту едно дете не заслужува да страда заради било која причина. Начини има, само треба да го напуштиме концептот на ЗНАЕШ ЛИ КОЈ/А СУМ ЈАС, оти од тоа ни пропаѓа државава на секое поле.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Се’ ми крепи душава

И омраза и бес

Во туѓ поглед уловени

Потсмев и презир

Во око од непознати

Та се научив кусур да не фаќам

Да не си се поболувам

И ич на дикат да клавам

Кога некој уста погана има

Се’ може душава да ми искрепи

Осаменост и нељубов

Кога си оставен од најмилите

Крвави колена од пад

Кои нема кој да ги превие

Злобни усти кои колнат

И кои сон ти земаат

Се’ ми крепи душава

Освен...

Освен за чедото ко ќе ме здоболи

Та ми се чини

Оти некој со нож во утроба ми ровари

И срцето надве ми го сосекува

Оти таа е мојот свет

Мојот почеток и крај

Мојот ден и мојата ноќ

Моето ЈАС е во нејзиното сплетено

Та во мене ѕверот се буди

Кога окото со солза ќе и’ го видам

И канџи ми растат под ноктите

Кога гласот од тага и’ трепери

И чинам оти светов можам да го здробам

И се’ наопаку да превртам

Само за насмев да и’ измамам

Оти само за неа ме боли телото

Однатре жива рана ме јаде

И само среќата нејзина

Е иљач за сите мои болки

И сите удари попатно примени

Се’ крепам

Се’ на светов можам да искрепам

Без окото да ми трепне

Без телото да ми затрепери

Освен кога името нејзино ќе се спомне

На детето кое од моите коски и месо пркнало

И кое од мене живот примило

Кое секогаш во мене ќе остане

Дури и тогаш кога ќе ме нема

Оти за неа светот мој застанува

И се’ за неа ме боли

Се’ ме боли за чедото мое