ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов

„Еј Мама“ (Наташа Малинкова)


Синглот е дело на нејзиниот долгогодишен соработник Столе Аврамов, а познатата пејачка нагласува дека станува збор за биографска тема.

- Авторот на стиховите одлично ме познава, знае каква сум и зад камерите кога рефлекторите ќе се исклучат. Во оваа нумера ме опишува мене, но и сите урбани жени и мајки од новото време. Овој проект е посвета за еманципирани и храбри дами кои знаат да си го организираат денот и да функционираат на повеќе полиња–открива Малинкова.

„Еј мама“ лани беше промовирана со видеозапис кој го режираше Даниел Јовески. Во спотот се појавуваат членовите на танцовото студио „Беатрикс кру“, а пејачката се претстави во уште едно провокативно издание.