ТОЈ Е...МАРКО ВИДЕНОВИЌ! “ЧОВЕК АКО УМЕЕ ДА ЉУБИ, ТОГАШ ТОЈ Е НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ”

Фото: Росица Тошевска

Да, добро прочитавте дека наместо ТАА Е... денес го имаме ТОЈ Е... човекот кој знае да ве разнежни, расплаче или вознемири со своите зборови. Како и да е, никој не остал рамнодушен на буквите кои се редат на хартијата, а чиј творец е ТОЈ. Мене ми е огромна чест и радост што повеќе не е само Марко кој сум го читала на социјалните мрежи, туку е и мој близок пријател и соработник. Во пакет ги добив и неговите најблиски и најсакани, кои му се секогаш ветар во грб и кои го оплеменија и моето секојдневие. Марко има многу тоа да ви каже, а јас ќе ве оставам да го запознаете и од еден друг аспект, освен преку поемите со кои ве заробува во својот свет. 

Ladies and gentlemen… МАРКО ВИДЕНОВИЌ!

КАДЕ ЗАВРШУВА МУЗИКАТА И ОД КАДЕ ЗАПОЧНУВА ТВОЈОТ ПИШАН ЗБОР?

Не би рекол дека во моето секојдневие музиката некаде завршува, таа едноставно се преплетува со пишувањето поезија и потоа заедно продолжуваат да се движат. Токму поради тоа испреплетување, многу мои песни имаат и свои композиции, всушност јас обожувам да ги поврзувам компонирањето и пишувањето поезија бидејќи верувам дека на тој начин тие две уметности се посилни и допираат повеќе до вљубениците на едната или другата уметност. Музиката ми е составен дел од секојдневието, па дури и кога не музицирам или не создавам, таа некаде внатре во мене узрева и се спрема да изникне, исто како и самите песни.

НОТИТЕ И ЗБОРОВИТЕ ЧИНАМ ДЕКА СЕ ИСПРЕПЛЕТУВААТ ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ. КАКО И КОГА ЗАПОЧНА ТВОЈАТА ЉУБОВ КОН ПИШАНИОТ ЗБОР?

Најпрво беа зборовите, оние првите уште кога бев бебе додека моите родители ме учеа да зборувам, а потоа дојдоа нотите, но после долги години на секојдневно повторување на зборови и ноти, Бог ми даде способност да ја почувствувам нивната вистинска магија и да научам како умешно да си играм со нив, да ги подредувам и да создавам нешто со што ќе можам да ги орасположам нерасположените, да им ја тргнам барем на миг тагата на тажните, да ги замислам луѓето кои заборавиле кои се и што се, а многу често сите овие нешта да ги предизвикам и кај самиот себеси. Со пишување на поезија за прв пат започнав во 2018 година, објавувајќи рими со општествени и политички теми и сето тоа на социјалните мрежи. Тие први песни беа исполнети со цинизам, а причината најверојатно беше поради сиот бес и немоќ кои биле насобрани во мојата мисла и душа бидејќи многу сакав, а не знаев како да ги променам некои работи во општото секојдневие. Во тој период не бев ниту свесен дека сум започнал да пишувам бидејќи тоа го доживував како обично пишување на статуси, но набрзо приметив дека мојот пишан збор допира до луѓето и буди различни емоции. На некој начин тоа ми беше поттик да продолжам да пишувам. Набрзо, неприметно го променив стилот на пишување и од цинизам и иронија преминав на теми поврзани со тага и среќа, остварена и неостварена љубов, моја и туѓа, онаа за која сум слушнал или од страна сум ја заприметил. Едноставно започнав да се соголувам себеси, а со тоа и другите, оние кои се пронаоѓаат во моите песни. И така од ден на ден мојата поезија ми стана составен дел од животот, како што претходно беше и остана музиката. Имам периоди кога музиката и поезијата се движат испреплетени една со друга, но има и денови кога едната е скриена, а другата е таа која владее. Во секој случај не знам дали би можел без едната или другата, сега тоа ми е незамисливо.

Фото:Росица Тошевска

УМЕТНОСТА Е ВО СИТЕ СЕГМЕНТИ ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ. И ТВОЈАТА СОПРУГА (МАКЕДОНКА) Е ВО ИСТАТА (МУЗИЧКА) БРАНША, А И МИЛАН (ТВОЈОТ СИН) ВЕЌЕ ОДИ ПО ВАШИТЕ ЧЕКОРИ. КАКО ТОЈ ЈА ДОЖИВУВА ТВОЈАТА ПОЕЗИЈА?

Точно е, музиката не’ спои со мојата сопруга уште од периодот кога студиравме на факултетот за музичка уметност. И ден денес и двајцата живееме со и за уметноста, а Милан срамежливо ги направи своите први чекори во музиката, што не значи дека и во иднина ќе продолжи по тој пат бидејќи ние не сме од оние родители кои своите амбиции ги остваруваат преку своите деца. Нашата најголема желба е тој да биде здрав, жив и среќен, бидејќи сите тие три нешта се поврзани и едното без другото е невозможно. Јас сум пресреќен бидејќи Милан често знае да земе некоја од моите книги и да прочита некоја песна, а уште поголемо е задоволството и среќата што ги разбира и често низ смеа знае да ме цитира, имитирајќи ме.

ПЛАТНО ОД ШЕПОТ, ДО СТО И ЕДНА И НАЗАД, БУДЕЊЕ И НАШИОТ ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТ (Љ)УБОСТ. ШТО СПРЕМАШ НОВО И КОГА ДА ОЧЕКУВАМЕ ПОВТОРНО ЕДНА ПРЕУБАВА ПРОМОЦИЈА, КАКО ШТО БЕШЕ БУДЕЊЕТО КОЕ НА СИТЕ НАМ НИ Е ПОТРЕБНО?

Сите досегашни мои стихозбирки се мал дел од сето она што досега сум го напишал, а сето тоа што е напишано во тие песни се состојби и периоди кои сум ги поминал или тие поминале низ мене. Да бидам искрен, немав планови ниту очекувања дека некогаш ќе издадам книга, па можеби затоа во текот на моите почетоци на пишување бев растеретен, односно не размислував многу на тоа. Но, како поминуваше времето а со самото тоа и јас станував се’ поискусен, се појавија очекувањата, како моите, така и на читателите, па повремено се случува сето тоа да ми создаде мало чувство на тежина, поточно обврска, но се трудам сето тоа да го елиминирам бидејќи сум човек кој најчесто кога имал очекувања, завршувал со разочарувања. Со тоа непроценливо искуство научив да оставам на времето, односно пишувам во секој миг на инспирација, а не со цел за да издадам книга. Книгата која ја создадовме ние двајца беше Божја желба, нешто за кое мислам дека доколку правев планови и создавав очекувања, немаше да успее. Во моите почетоци на пишување, често пати Македонка ми читаше твои песни бидејќи е голем вљубеник во твојот пишан збор, па исто како и неа, така и јас се воодушевував на твоите песни. Се надевав дека ќе имам можност барем да те запознаам, но на крај памет не сум помислил дека ќе дојде денот кога ќе издадеме заедничка стихозбирка и тоа не било каква, туку заеднички напишана. Самото тоа што ја напишавме за три седмици е доказ дека и без очекувања, со Божја волја се случуваат чуда, па така се роди и (Љ)убост на мое огромно задоволство. Непосредно пред (Љ)убост, својот ден го доби и стихозбирката Будење, за која сум навистина среќен бидејќи знам дека со својот наслов и содржина веќе ја остварува својата цел, всушност мисијата на секој поет е да биде спроводник на Божјата волја и со тоа да допре до најразлични карактери на луѓе. А што и кога треба да очекувате, тоа навистина и јас би сакал некој да ми го одговори, бидејќи јас тој одговор засега го немам, но кога ќе се случи, силно верувам дека ќе биде нешто убаво.

КОЛКУ ДА ЗНАЕ ЈАВНОСТА, БЕЗ ТВОЈОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ ЗА ДА ЈА НАПИШЕМЕ (Љ)УБОСТ, ВЕРОЈАТНО СЕ’ УШТЕ ЌЕ БЕВМЕ НА ПОЧЕТОКОТ. ОД КАДЕ ТАА ЕНЕРГИЈА И ПОСВЕТЕНОСТ, ОД ШТО И КАКО ЈА ЦРПИШ?

Ентузијазмот е составен дел на секој уметник, поточно на секој вистински уметник. Велам вистински бидејќи во денешно време вредностите се извртени, па така зборот уметник многу често се доделува на погрешни ликови. Вистинските уметници се’ што започнуваат го започнуваат со ентузијазам и без било какви финансиски очекувања. До сега во мојата музичка кариера која трае скоро триесет години, се’ што сум започнал ентузијастички, успеало, односно допрело до луѓето. За мене не постои поголема сатисфакција од тоа, па од тука доаѓа сета таа енергија, посветеност и желба да продолжам и понатаму да создавам и творам. За жал, тој пат не е воопшто лесен и многумина се откажуваат, некои на почетокот, а некои пред самиот крај. Истото ми се случувало и мене, но сето тоа е животно училиште кое мора да се изврви, некој ќе го разбере и ќе продолжи, а има и такви кои не ќе успеат. Но, мора да се знае дека (Љ)убост е симбиоза, односно желба на двајца поети кои сакаат да ги галат луѓето со нежнотии и убавини, бидејќи така и тие ќе бидат погалени со истите убавини.

Фото: Приватна архива

ФИЛХАРМОНИЈА Е ТВОЈОТ ВТОР ДОМ. И ПОСЛЕ ТОЛКУ ГОДИНИ НА СЦЕНАТА, КОЛКУ Е ТРЕМАТА И ВОЗБУДАТА ПРИСУТНА ПРЕД СЕКОЈ КОНЦЕРТ?

Се сеќавам на првите денови кога се вселивме во новата сала на Македонската филхармонија и секој од нас доби свое шкафче, па така редејќи си ноти, кошули и одела, мојот другар Владимир кој е прв обоист во нашиот оркестар, ме праша дали планирам да се преселам во филхармонијата. Во прв момент тоа ни беше смешно, но потоа заклучивме дека Македонската филхармонија е навистина нашиот втор дом, а со самото тоа одговорноста е огромна. Македонската филхармонија е храм на уметноста во Македонија, а кога влегувам во некој храм, црква, џамија или синагога имам некоја доза на трема, бидејќи таму сум исправен пред Бога и треба да бидам искрен пред неговата појава. Такво чувство на искреност имам и пред публиката за време на секој наш концерт, а со самото тоа и огромна одговорност, бидејќи на тие концерти доаѓаат луѓе од најразличен профил. Има луѓе кои дошле после напорен ден поминат на своето работно место, па сакаат да се опуштат и да уживаат слушајќи ги нашите изведби. Има и такви кои се фанатици и одлични познавачи на класичната литература и точно умеат да слушаат како треба. Често ја имаме и најважната публика, онаа најмладата, пред неа ја имаме најголемата одговорност, а со самото тоа има и мала доза на трема, но онаа која ние ја нарекуваме позитивна трема, онаа која постои за да не’ држи зад линијата, односно границата зад која се наоѓа рамнодушноста.

АКО ПОГЛЕДНЕШ НАНАЗАД ПРАВО ВО ОЧИ НА СИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ, ГРЕШКИ, УСПЕСИ...БИ СМЕНИЛ ЛИ НЕШТО?

Порано бев убеден дека доколку би имал таква моќ, би направил многу измени, но со текот на времето научив дека сите тие грешки и неуспеси се дел од тоа што сум денес, односно ми помогнале да напредувам како на приватно, така и на професионално поле. Мое лично мислење е доколку имаме моќ да го менуваме минатото и да смениме нешто што сме го создале во нашите почетоци, во мојот случај тоа би било некоја песна или композиција. Но, во тој случај лесно можеме да го избришеме целиот пат по кој сме чекореле до сегашноста и со самото тоа несвесно да се вратиме на самиот почеток, а тоа би било голем неуспех по кој најверојатно би следувало нашето исчезнување, односно самоуништување. По моето лично убедување, грешките се создадени за барем еднаш да ги направиме и со тоа да се трудиме веќе никогаш да не ги повториме, дека на тој начин напредокот е неизбежен. Впрочем баш тука започнува една измена која е благородна, која секој од нас треба да ја направи кај самиот себеси. Но ние најчесто ја правиме спротивната работа, ние сите менувања се обидуваме да ги направиме кај оној кој е наспроти нас, несвесни дека сето тоа што ни пречи кај другите е токму она што ние го носиме во нас самите и затоа истото не’ иритира и ни создава нагон за промени кај другите. Токму поради сите овие размислувања, имам се’ помалку нешта на тој список за менувања кои би ги направил доколку би можел да се вратам во минатото. Но знаете, има и нешто друго, секое наше враќање во минатото, односно размислување за некои случки од него, игра голема улога во сегашноста и во создавањето на сопствената иднина. Затоа е многу важно да научиме да си ги признаваме сопствените грешки без притоа да обвиниме некого за истите, бидејќи за секоја грешка која сме ја направиле, вината лежи во самите нас и само ние можеме да се подобриме со тоа што нема да ги повторуваме. Најдобро е во сегашноста да тежнееме кон помалку грешна иднина која ќе извлекува поуки од минатото.

Фото: Стефан Рајхл

КОЈ Е МАРКО КОГА НЕ Е ВО ОДЕЛО И ПРЕД ПУБЛИКА?

Ова прашање би требало да го одговорат моите пријатели. Мојот одговор ќе звучи помалку нескромно, но сепак би кажал, јас сум човек кој често, ако не и најчесто се води по своите емоции. Умеам во секунда да избувнам со моите реакции, а со самото тоа несакајќи да го навредам соговорникот без разлика дали го заслужил тоа или не. Но, истовремено не се срамам да се извинам за моите постапки и не само да се извинам со збор, туку и да се трудам во иднина да не ја повторам таа грешка. Исто така сум човек кој сака да сослуша, да дадам совет доколку го имам, да помогнам доколку можам, а доколку не можам тогаш барем да не одмогнам. Посебно ми се драги дружбите со моите пријатели, секојдневните или оние седенки после секој концерт. Најдраги мигови секако ми се оние со семејството. Исто така, морам да споменам дека посебна убавина чувствувам кога ги засмејувам луѓето во моето опкружување, бидејќи да насмееш некого онака од срце и душа е како да имаш моќ да излекуваш некого кој има силна болка од која пати и страда. Морам да кажам дека шегата ми е силна страна и многу често умеам да ја правам и на своја сметка, а исто така и лесно ја прифаќам ако некој друг тоа го прави. Се трудам хуморот да го практикувам почесто, бидејќи животот е доволно сериозен сам по себе и непотребно е дополнително да го правиме потежок од тоа што е. Затоа верувам дека хуморот е она што и тоа како е потребно во секое време. Како што напишал и генијалниот Херман Хесе, “Единствено хуморот (најгенијалното човечко достигнување) го прави најневозможното да биде возможно, односно ги спојува и соединува сите области на човечкото суштество во зраците на својата призма. Прави да се живее во свет кој како и да не е свет, да се почитува законот и да се биде над истиот, да се поседува како да не се поседува. Сите овие барања и мудрости може да ги оствари само хуморот”.

СО МАКЕДОНКА СТЕ ДОЛГО ВРЕМЕ ЗАЕДНО, ТАА Е И ТВОЈАТА МУЗА КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ ЉУБОВНИТЕ СТИХОВИ. КОЛКУ Е ТАА СУБЈЕКТИВЕН КРИТИЧАР НА ОНА ШТО ГО СОЗДАВАШ, ОДНОСНО ПИШУВАШ?

Најчесто е објективна и знае да ми каже без пардон дека некоја од песните не ме отсликува мене, односно не личи дека сум ја напишал јас или едноставно треба да се обидам повторно и подобро. Често знаеме да влеземе во дебата за некоја од моите песни и најчесто дебатите завршуваат без победник (ако може да се каже дека некој треба да победи). Таа е многу реална, но исто така е голем емотивец и се случувало за некои од моите песни во кои сум пишувал за мојот суден ден, да ми се налути и да ми каже дека не и’ се допаѓа кога пишувам на таа тема. Секако, не е дека не и’ се допаднала песната, туку едноставно не сака да пишувам на таа тема. Најчесто критиките и’ се на место и тоа многу ми помага во процесот на пишување, а истото важи и кога пишувам музика. Партнерот игра голема улога во живото и творештвото на еден уметник, тој може да е ветер во грб, но исто така може да е и силен ветер во гради. За моја голема среќа, јас сум благословен да го имам првото.

ВО БУДЕЊЕ ИМАШ ЕДНА МОЌНА ПЕСНА ПОСВЕТЕНА НА МИЛАН И НА РОДИТЕЛСТВОТО. КОЛКУ ЗНАЕМЕ ДА ИМ ГИ РАШИРИМЕ ИЛИ ПОТКАСТРИМЕ КРИЛАТА НА НАШИТЕ ДЕЦА?

Денешните деца растат во еден суров свет кој е заробен во технолошките зандани кои навидум изгледаат дека светот им е на дофат и дека можат да имаат се’, да одат секаде каде што ќе посакаат, а во исто време скоро се’ им е забрането и ускратено. Тоа е виртуелноста и нејзината искривена слика за реалноста. И нашето време имало свои мани и предности, но сепак дружбите, игрите, и разговорите биле основни средства за комуникација. За жал, во денешно време вештачката интелигенција е таа која владее со сите нас, најмногу со нашите деца, а тоа зема огромен данок. И сега, ние како родители сме ставени во незавидна ситуација во која од една страна треба да им ги рашириме крилјата и да им ја дадеме слободата, а од друга страна во одредени ситуации треба да им ги поткастриме пердувите за да не одлетаат во погрешен правец за кој и самите ние не сме сигурни дали е или не е погрешен, бидејќи самото време носи нешто кое треба брзо да го откриеме за да знаеме дали е тоа лошо или добро. Ова е борба со непријател за кој знаеме многу малку и со самото тоа не знаеме дали ќе победиме или не. Јас се обидувам да не применувам притисок врз Милан, не сакам по секоја цена да го убедувам и терам да биде нешто што не сака, но во исто време верувам во тоа дека децата додека се мали не знаат колку можат и во што би биле повеќе од добри, за подоцна во животот нивната професија да им биде уживање, а не измачување. Конкретно ќе кажам за уметноста, односно за музиката, тој пат е тежок, трнлив и многу специфичен. Музиката бара многу откажувања, многу жртви во текот на целиот живот, но со добар баланс од страна на родителот, детето може сето тоа да го помине успешно и без преголем напор, а подоцна во животот да ги ужива сите тие благодети. Се разбира, најголемиот предуслов за тоа е да има дарба од Бога. Затоа не сакам да бидам родител кој по секоја цена ќе го насочува своето дете да биде она сум јас/ние, да ги наметнувам сите мои неостварени цели во неговиот живот и со тоа да создадам исфрустрирана личност. Но, секако тежнеам да бидам родител кој ќе биде ветер во грб на најнеприметен начин и при секој лет на моето дете, да не бидам пред него, туку да сум во негова близина, па доколку му е потребна мојата помош или поддршка, да му ја дадам безрезервно, но никако да го одвратам од неговите соништа и летови.

Фото: Огнен Ацевски

СЕ ЗНАЕВТЕ СО НАШАТА НАЈГОЛЕМА ЅВЕЗДА, ТОШЕ ПРОЕСКИ. КОЛКУ ИЗГУБИ МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА СО НЕГОВАТА ПРЕРАНА СМРТ СО КОЈА ЧИНАМ ДЕКА НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ ПОМИРИМЕ?

Со Тоше учевме заедно во средното музичко училиште во Битола, а подоцна и на факултетот за музичка уметност во Скопје. Бидејќи бевме одделение од дваесет и нешто ученици во нашата генерација, сите бевме многу блиски. Секојдневните дружби за време на часовите но и потоа, можеби беа пресудни што и ден денес ги одржуваме контактите помеѓу нас. Тоше беше баш онаков каков што сите го знаеме, скромен и тивок. На почетокот никој од нас не ни помислуваше дека тој ќе биде она што е денеска, легенда, но тој уште од првото појавување во Битола го живееше својот сон. Со текот на времето, тој со брзина на светлината оствари успеси што нам обичните луѓе не би ни биле доволни ниту десет животи за да ги оствариме. Тој едноставно беше допрен од Бога и имаше мисија која сакале ние да се помириме или не, ја оствари. Тој стана синоним за чиста душа во естрадата и секојдневието што е многу ретко во целиот свет. Тој остави печат во македонската, а и балканската поп музика, при што многу деца од нашето време, а и потоа, се идентификуваа со неговиот лик и да се стремеа да бидат подобри луѓе. Едноставно кажано, тој стана вечен. Како човек недостига бесконечно, но утеха е што тој е вечен и незаборавен, и уште долго ќе биде пример и идол на многу идни генерации кои допрва ќе ги слушаат и пеат неговите песни. Јас имав среќа и привилегија да бидам негов соученик и пријател, а и повеќепати имавме настапи на средношколки дружби каде што имавме наш заеднички бенд. Во 1998 година, на неговиот прв настап на Скопскиот фестивал јас и уште двајца ученици од музичкото училиште, настапивме како негови пратечки вокали, искуство кое ќе го паметам сиот мој живот. Интересно е што јас не можев да поверувам кога ни даде предлог да пееме со него, се’ до моментот кога стигнавме во Скопје на тонска проба во Универзалната сала. Зад нас имаше симфониски оркестар кој беше составен од многу мои денешни постари колеги, возбудата која не’ обзеде не се опишува со зборови. Тоа е миг кој со гордост ќе го раскажувам на моите внуци. Многу недостига, недостига до болка, но вербата и надежта дека е на поубаво место, на сите ни дава сила.

ШТО ТИ Е НАЈГОЛЕМАТА СРЕЌА И НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ?

Не знам дали би можел точно да кажам која ми е најголемата среќа, бидејќи сите мои среќи се поврзани една со друга. Моето постоење, а со тоа и моите родители, мојата сестра, подоцна мојата сопруга, мојот зет и двете внуки, во меѓувреме еден куп драги пријатели, а врвот е мојот син, секако пропратно и еден куп други случувања во мојот и во животите на сите претходно споменати. Секако, љубовта кон сите нив е на различен начин, но кон секого за секого е посебна. Човек ако умее да љуби, тогаш тој е најсреќниот човек на светот. Што се однесува до стравовите, нив ги има на секое ќоше, неизбежни се бидејќи ние сами си ги создаваме. На ова прашање би можел со сигурност да одговорам дека најголемиот, односно најголемите стравови ми се за моите сакани, помислата дека нешто може да им се случи, но со вербата во Бога, стравовите траат кратко и брзо се забораваат, се’ до некоја наша повторна средба во која повторно и повторно вербата е таа која ги победува.

КОГА ТЕ ОТКРИВ КАКО ПИШУВАЧ, МИ БЕШЕ ОТКРОВЕНИЕ. ДАЛИ СИ ВООПШТО СВЕСЕН КАКВО ВЛИЈАНИЕ ИМАШ ВРЗ ЛУЃЕТО КОИ ЖЕДНО ГО ЧИТААТ СЕКОЈ ТВОЈ ЗБОР И КОЛКУ НИВНАТА ПОДДРШКА ТИ Е ВЕТАР ВО ГРБ?

Многу ми значи секоја поддршка, посебно кога таа доаѓа од мојата сопруга, родителите, сестра ми и сите мои сакани со кои секојдневно сум опкружен. Секако многу значи поддршка од некој како тебе, бидејќи твоето име веќе е поим во македонската поезија, и тоа ми е силен ветер во грб. Што се однесува до моето влијание врз читателите, да, веќе станувам се’ повеќе свесен за тоа и чувството е прекрасно. До пред некое време не го прифаќав тој факт како вистинит, мислев дека моето пишување нема големо влијание. Но откако почнав со издавање книги, после секоја промоција станував се’ повеќе свесен дека имам многу почитувачи на мојот пишан збор. Многу често се случувало да ми пишат и во приватна порака дека со некоја моја песна сум предизвикал да потече и некоја солза, или пак дека сум ги развеселил и сум им дал надеж да продолжат понатаму после некоја голема несреќа која им се случила. И секако, сите овие нешта ми се голема поддршка и желба да продолжам да ја црпам инспирацијата од секојдневието и да продолжам со пишување.

СО ШТО КУБУРИМЕ ВО УМЕТНОСТА, БЕЗ ОГЛЕД ВО КОЈА ФОРМА Е? ДА ИМАШ МОЖНОСТ, ШТО БИ СМЕНИЛ НА ТОА ПОЛЕ?

Ова е прашање на кое многупати (како и многумина) сум давал свое мислење и за жал до сега не само што ништо не е променето кон подобро, туку напротив, многу сме отидени наназад. Кубуриме со вистинските вредности, со критериумите, со вистински луѓе на вистинските места. Онаа вистинска уметност е прекриена со дебел слој на лажна уметност, поточно со некои увезени лажни вредности од “западот”, израз кој се’ почесто се користи во секојдневието. Сите тие отпадоци кои ни се наметнати и лажно претставени како нешто ново и прогресивно, всушност се дози на отров кој не’ труе, и со тоа ни ја уништува вистинската уметност која е се‘ подалеку од самиот уметник, а да не зборуваме колку е одалечена од публиката. Ни се наметнуват некои нам далечни теми, а оние кои ни се во генот, за нив не’ учат дека треба да ги заборавиме. Почитта кон уметникот, кон уметничките институции е сведена под минимумот, а за тоа не се виновни само политичарите, нијанса повеќе се виновни и самите уметници кои дозволуваат сето тоа сквернавење да се случува. Секојдневно ни се сервира дека треба да ја доближиме уметноста до сите луѓе, по мене тоа е најголемата грешка бидејќи моето убедување е дека не може секој да ја конзумира уметноста, без разлика за која конкретно се работи. Во светот на уметноста треба да се внесуваат најмладите, се разбира на многу суптилен и добро осмислен начин преку самиот образовен систем кој пак е исто така една друга тажна приказна кај нас. По внесувањето на таа млада публика во светот на уметноста со текот на времето ќе се случи филтрирање, односно ќе останат само оние кои навистина се предодредни да бидат уметници, а оние останатите ќе тргнат по некој друг пат, но сепак периодот во кој се запознавале со уметноста ќе остави еден убав белег и со тоа самите тие ќе бидат духовно богати личности кои ќе имаат потреба на честа конзумација на уметност од било кој вид, без разлика дали е тоа ликовна, музичка, театарска или сл. Ова е само еден мал дел од тоа што би се обидел да го сменам, но повеќе од убеден сум дека доколку би се започнало со промените на овој начин кај најмладите, резултатот би се покажал за десетина години од моменот на започнување кај конкретната генерација и би било подобро во севкупниот живот во нашето општество. Се разбира, за секоја промена потребен е слух од луѓето кои ги водат политиките во една држава, но кога ќе се присетиме дека најчесто на клучните места се луѓе кои во конкретниов случај немаат допирни точки со уметноста, туку се ликови кои позицијата ја “заслужиле” со нешто што нема ни “У” од уметност, тогаш не ни останува ништо освен да создаваме уметност која ќе биде духовна храна и надеж за оние вистински љубители на уметноста.

ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛ ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ДОСЕГА?

Луѓето кои ме познаваат, а во истовреме и ја читаат мојата поезија често умеат да ми кажат дека дотолку ги препознаваат моите песни што по самото читање, односно мое соголување во истите тие песни и не мора да го прочитаат името на авторот бидејќи знаат дека сум тоа јас. Досега голем дел од себеси сум споделил во многуте песни кои сум ги напишал и објавил, а она што останало необјавено, односно несподелено, тоа значи дека се’ уште не му дошло вистинското време, дека не е созреано за да биде набрано, односно конзумирано. Затоа, нека останат плодови и за некои следни есени и зими, а претходно нека ги галат пролетните дождови и нека ги зреат летните зраци сончеви.

За крај, денес ќе ве почестам со една негова песна. Марче, сполај ти за радоста да бидеш првиот ТОЈ Е... 

Многу капки треба

за смрт да се посее

Многу капки треба

за војна да се спречи

Многу капки треба

за жалење и пак непрежалено ќе остане

Многу капки треба 

за сушата да се победи

Многу капки треба

за нешто да се сработи

Многу капки треба

за страсни бакнежи,

но ниту една капка не е потребна

за да се прости и да се продолжи.

(Марко Виденовиќ)

За Женски магазин, Ана Бунтеска