Стареењето не е клетва

Вртење по социјални мрежи знае да биде забавно, ама и да ви го качи притисокот. Значи, кој си пие терапија за притисок, моја топла препорака е да си ја земе терапијата пред да почне да чита сé што излегува на интернетов. Бидејќи мојот притисок сé уште е во рамките на “нормалното”, прашањето што ми излезе “скролајќи“, ме начека неспремна. “Дали се справувате со знаците на стареење?” беше вовед во една реклама која патем речено, се занимава со пластични операции, ботокси и останати начини за разубавување. Уште на почеток на колумнава да си кажам дека не сум против корекции на тело и лице, од проста причина што сум поборник на тоа дека секој човек треба да прави со себе и со својот живот она што смета дека е најдобро за него. Поточно, сум била сведок кога жени и мажи процветуваат после некоја корекција на нос, уши или гради. Им се зголемила самодовербата, се сакаат себеси повеќе, едноставно, корекцијата им го сменила животот на поарно. Нели е тоа целта, впрочем секој од нас настојува животот да му биде поубав. Но, ова дефинитивно не значи дека сум поборник тоа да се прави на многу млади години и без консултација со психолог. Ако ми речете сега да направам список на тоа што ми се допаѓа кај себе физички а што не ми се допаѓа, вториот ќе е подолг и поопширен. Мојата објективност за изгледот никогаш не била поттик за да не се сакам себеси. Ниту мислам дека физичкиот момент може да надомести одредени психолошки состојби кои се императив за тоа зошто некој е незадоволен со себе.

Обично девојчињата во пубертетот стануваат опседнати со својот изглед. Пак ќе речам, да не мешаме физички недостатоци кои стануваат товар и се навистина проблем. Сега повеќе зборувам за трендовите, како на времето кога сите од моја генерација патевме што немавме сини очи и долги руси коси. Модата и фотошопираните фотографии на “идеалните” жени од часописите, нам жените ни го имаат загорчувано животот во различни фази од нашето созревање. Мојата опсесија со сините очи одеа дотаму што сериозно размислував да носам леќи (кои во време на мојата младост не беа вака достапни како сега) и обидот да се направам русокоса излезе катастрофално, со полуоштетена коса која личеше на морков. Кренав раце и за првпат започнав да размислувам зошто сакав да изгледам поинаку. Дали митот за русокосите и синооките се состоеше во тоа дека се посреќни? Да! Мислевме дека гламурот и среќата доаѓаат со фактот што се тие секогаш повеќе посакувани. Моделите и манекенките ги зјапавме на телевизија со подзинати усти, сонувајќи дека сме на нивно место, сакани и обожувани, дека водат гламурозен живот полн со убости и забави. Отпосле почнаа и моделите јавно да зборуваат за тоа дека се соочувале со анорексија, изгладнување до онесвестување, голтање апови и други средства кои им помагаат да го тераат животот кој нам, на обичните смртници ни изгледаше совршен.

Сфатив дека нема ништо совршено, дека сé е во умот и до умот. Жените кои ги знам а кои користат ботокс или филери, се жени кои знаат до каде да одат со боцкањето. Тоа се жени на кои им е јасно дека на 50 не можат да изгледаат како да имаат 20, но можат да се освежат. Или народски кажано сé што прават, прават со усул. А усулот е многу важен за сé, оти без него се губи контрола и чувство за реалноста. Да, ако ме прашате дали би сакала да имам поизмазнето чело и да не ми се гледаат баш линиите околу очите, ќе ви кажам ДА. Сакам и усните да ми се пополни, а и јагодиците. Ама јас сум коркач и тоа голем. Моето верување е дека под нож или игла одам само ако морам, ако ми е здравјето загрозено и еден ден ако ми се смени мислењето, ќе ви кажам сосем искрено, како и секогаш. Но, за голема дрскост го сметам прашањето дали се справуваме со знаците на стареење, оти стареењето не е чудовиште под креветот кое ни го јаде телото. Ме фаќа тага кога ќе видам повозрасна жена која не наликува на себе кога ќе го смени личниот опис, а го сторила тоа под притисок дека е срамота да си стар. Не сум се потсмевала никогаш, оти никогаш не знам што и мене ќе ми удри во умов за десетина години, ама тагата ми е присутна дека често пати стареењето на жените е пропратено со потсмев и иронија.

Што е најинтересно, ова не важи за мажите. Тие се посекси со проседа коса, побелена брада и се сметаат за фраери. Не дека не се, ама двојниве аршини некако ми удираат на нервни ганглии. Ако земете да споредите маж на свои 60 и жена на истите години, секогаш позитивните критики одат во прилог на мажот. Жената ако се појави природна, со бела коса, брчки и лице на кое освен крем нема грам шминка, одма е окарактеризирана како некоја која не води грижа за себе. Од кога стареењето е навреда за женскиот род? Сега дури и во светски рамки на големо се критикуваат глумиците кои се одважија да престанат да се фарбаат, оти се нарушува имиџот на Холивудските диви. Па кога ќе ми текне оти познати глумици имаат вадено ребра за да имаат тенок струк, па заби за да имаат вдлабнатина на образите, си велам дека да си млад по секоја цена е како да си ја продадеш душата на ѓаволот. Митот за женската убост и младост си зема данок, а го плаќаат оние кои слепо се придржуваат кон истиот. Она што ме плаши не е ботоксот и филерите за освежување, туку каков замав зема она дека треба да бидеме некои кои не сме, со пропорции 90-60-90. Значи дечки, да се превртам и да се родам пак нема да ги имам тие пропорции. Или, ќе треба барем 2 години да окапам по операции за приближно да стасам до 90-60-90...па ни тогаш.

И, како и за секоја работа така и за ова го имаме и моментот на тоа дека за секоја побарувачка се создава и соодветна понуда. Тие кои можат финансиски да си приуштат, одат кај врвни пластичари (и ова сепак не е гаранција, оти ене ви ја Донатела Версаче како пример дека некогаш и парата не може да ви купи младост). Но, што со жените кои имаат потреба, желба или се на било кој начин приморани да направат некаква корекција, а не можат да ја платат кај најдобрите доктори? Колку пати сте виделе и слушнале за компликации отпосле од несоодветно изведен зафат? Алергии, одбивање на организмот да прифати импланти, па дури и смртни случаи. Муабетот не ми е да ве одвратам ако сте наумиле да правите нешто со своето тело или лице, туку да ви го кажам следново:

Не вршете корекции заради некој или заради страв од стареење, оти старееме и нема бегање од тоа.

Не се ценете себеси по тоа дали физички им се допаѓате на другите, оти и партнерите на најубавите жени на светот не ги гледаат своите жени како модели, се навикнуваат на нивниот изглед.

Ако веќе сакате да направите корекции, нека бидат во насока да ви го истакнат убавото во вас, карактерот и да бидат со усул.

Обврзно консултирајте психолог или психијатар, за да бидете на чисто дали ви смета нешто на себе, а не во себе. Второто не се решава со изгледот, туку со работа на себе.

Имајте предвид дека ако не купувате храна од било каде, најмалку што треба е да ставате шогоде во себе. Информирајте се детално за процесот, но и за евентуалните ризици.

И најважно од сé...не секогаш она што го сакате, е она што ќе го имате како краен резултат.

Стареењето не е страшно, страшно е кога ве јаде нешто однатре и кога не сте среќни. И еве да одговорам на тоа фамозно прашање дали и како се справувам со знаците на стареење (кои ги имам). Живеам! Живеам најдобро што знам и умеам, гледам да имам секогаш време за најблиските и за себе. Си ги чистам умот и душата со убави мисли и убави луѓе до мене. Не е дека не ме замислува староста, оти чинам дека нема човек кој не чувствува некоја неодредена скепса кога ќе помисли на неа. Ама како да ви кажам, секоја година си велам дека сепак, среќна сум што сум сé уште тука. Сега за сега користам само обичен крем за лице и немам ритуали за убавина. Не за друго, мрза сум и гледам младоста да ми е во срцето. А нема ништо пострашно од тоа да ви остари душата и да ви исчезне смеата во вас. И пак ќе ви кажам, што и да правите на себе, правете го со многу љубов кон себе.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не си ја продавај душата на ѓаолот

Оти цената која ќе ја платиш

Е секогаш поголема

Од она што за возврат ќе го добиеш

Та да не даваш други да ти кројат

Она што ќе треба сиот живот да го носиш

Оти убава си токму онаква

Каква што си во очите

На оние кои те љубат

Не си ја продавај душата на ѓаолот

Оти една ти е

Оти освен неа друга немаш

Ниту можеш да ја купиш

Или да ја замениш за нова

Демек поарна ќе ти биде

Оти секојпат во срцето дупка ќе имаш

Која не ќе се пополни

Со лажна надеж и суви насмевки

Не си ја продавај душата на ѓаолот

За некој да те сака

Или да те вреднува како што треба

Оти сама себе ако не се милуваш

Џабе постелата полна ќе ти е

Ако ти е празна утробата

Чунки чоек ако нема нежност кон себе

Туѓата не ќе е иљач

Туку само болка која не стивнува

Не си ја продавај душата на ѓаолот

За младост која младост не е

За утеха која утеха не е

За топлина која топлина не ќе биде

Оти убоста твоја не е во ликот

Туку во она што зад него се крие

Та ако некој не ја гледа

Или не знае како да ја види

Бегај подалеку, за да не се поболиш

Не си ја продавај душата на ѓаолот

Оти ѓаолот секогаш по своето си доаѓа

Та што и да правиш, прави за себе

За среќата твоја и спокој

За сон мирен да имаш

За очите да ти светат од радост

И песна во тебе да се роди

Од која лицето ќе ти се измазни

И околу тебе светлина ќе се роди

Како кога нов живот се раѓа

Мудра да си

И да не се ценкаш за душата твоја

Оти таа ќе те грее на старост

И од неа сила ќе црпиш

Та колку и да си уморна и сама

Сепак себе ќе се имаш

Оти нема ништо поубаво од тоа

Своја да останеш

Со душа широка колку небото

На кое сите еден ден

Повторно едни со други ќе се најдеме