Со патувањата сме направиле спомени за раскажување кои во моментот можеби ни биле безначајни, но значат богатство: Интервју со Ива Крстевска Бакулев

Ива Крстевска Бакулев досега посетила над 20 земји, има 30 години и уште од мала ги сака патувањата.

Оваа млада Битолчанка која е магистер по правни науки и одлично зборува 7 јазици е амбициозна и обожавателка на патувања, запознавање на нови култури а пред сѐ на традициналните јадења на другите држави.

Денес со неа зборуваме за нејзиното патувачко искуство, дестинација која ѝ е омилена, но и патувања кои се на нејзината листа.


*Кои дестинации, земји, егзотични места си ги посетила досега?

-Уште од мала патувам и едвај чекав да одиме некаде, досега сум посетила над 20 држави и од нив би ги издвоила Кипар, Италија, Египет, Франција, Полска, Чешка, Австрија, Унгарија, Турција, Хрватска. Од егзотични места што сум ги посетила би ги издвоила земјата на фараони и мистични пирамиди со едно од најубавите мориња во светот – Египет, кој го имам посетено двапати, а сигурно ќе има и трет. Повеќето од  грчките острови кои сум ги посетила се вистинска рајска егзотика, пејсажи и глетки кон бескрајно синило. Кефалонија ја претпочитам пред сите останати острови. Санторини ми е романтично искуство кое одзема воздишки. Кипар за мене е медитеранска егзотика која изобилува со едни од најубавите плажи во светот.


*Кое место ти оставило најдлабока трага?

Дефинитивно Прага ми е еден од омилените градови кој лежи во срцето на Европа, сум ја посетила повеќе пати и секогаш би ѝ се враќала. Овој град ми буди чувство на дом, среќа, има некоја посебна топлина што ме тера да ја посетам пак, град со душа, едноставно Прага за мене претставува синоним за раскош и убавина. Без никаков проблем би можела да живеам таму.


*Кои луѓе, култура или обичаи те воодушевиле, а кои не ти се допаднале воопшто и зошто?

-Турците, Египјаните, Полјаците и Италијанците ми се едни од најгостопримливите народи, прељубезни, кои ќе дадат се` од себе престојот во нивната земја да ви го направат за паметење, нема да сакаат ништо да ви фали. Тој народ премногу си ја сака својата земја и сака преку нивната љубов да ја засакате и вие, кога вие ќе видите колку длабока емотивна наклонетост вложуваат во својата земја и со каков восхит зборуваат нема да може да одолеете да ѕирнете малку повеќе во внатрешноста на таа земја, бидејќи народот зборува повеќе од историјата на земјите.
Иако имам повеќе соработки со нашиот јужен сосед досега сите биле љубезни и учтиви и видно гостопримливи, сепак морам да напоменам дека со досегашното искуство кое сум го имала со Грците особено со постарите угостители, било да е смештај или некој ресторан секогаш се однесуваат како да им сте терет, едноставно како да не сакаат да ве услужат и како воопшто да не ве заприметуваат. Но, ми е многу драго што помладата популација се менува и тоа на подобро.


*Колку патувањата те менуваат како личност?

- Има позната изрека која гласи: “Не е дестинацијата, туку патувањето“
Се согласувам потполно со ова затоа што самото патување од  моментот на нашата резервација, спремањето за истото и целиот пат што води до дестинацијата кон која се упатуваме, баш тука се наоѓа најголемиот дел од искуствата и она што го гледаш од различни култури, обичаи, навики, вредности на лица кои се околу тебе. Секое патување, секоја дестинација , откривањето на нови хоризонти, не` менуваат нас како индивидуи, не` исполнуваат и не` збогатуваат со нови искуства, историја, знаење и спомени кои ни ги зголемуваат видиците и не` прават да видиме подалеку и од нас самите. Кога ќе се свртиме назад сме направиле спомени за раскажување кои во моментот можеби ни биле безначајни, но значат богатство. Самите спомени градат приказни за раскажување, тоа е исто како да пишуваш книга, секоја дестинација е  поглавје од нашите животи. Патувањето е нешто што го плаќаме, кое нема рок на траење, тоа останува закоренето во нас, дури и тогаш кога нема да сме ние приказната ќе останe на овој свет. Светот е книга. Оној кој не патува, чита само една страна – Свети Августин.


*Работи кои мора да ги имаш со себе секогаш на летување или подалечно патување?

Без пасош никаде (се смее) . Уште како мала кога патував од дома секогаш ми викаа битно со тебе да имаш пари, пасош и телефон се друго може да се купи.  Освен овие работи никаде не одам без целосна мини аптека знаете не дај боже да ти затреба нешто. Пробиотикот ми е задолжителен при секое патување, различни кујни не знаете како би реагирале на храната.


*Дали навистина се потребни многу пари за да се патува низ светот?

-Парите се неопходност за живот во нашата сегашност, како што биле и во минатото како и што ќе останат да бидат. Сосема е погрешно тоа што секогаш патувањата ги поврзуваат со голема сума на пари која мора да ја поседувате за да посетите некое место. Со добра организација, следење на евтини летови, однапред планирање на средствата може да видите дека тоа и не е толку скапо, се е до организацијата. Во  делот на буџетирање, планирање и организирање на патувањата можам комотно да се пофалам дека ми се доста добра страна затоа што сум снаодлива и организирана како личност.


*Која е следната дестинација што те чека-каде на летување?

На одмор веќе бев Египет со мајка ми и мини одморче до Грција.

Замислете, се` уште не сме ни зборувале на тема летување со сопругот и двајцата сме зафатени со обврски и ангажмани овој период, така што доколку ни остане слободно време ќе одиме некаде.

Исто така имам понуда за тропска дестинација оваа година која што се` уште ја немам прифатено, поради сплет на околности, се надевам ќе бидам во можност да го изреализирам тоа далечно патување. 


*Каде беше твоето прво патување?

Првото подалечно патување не земајќи ги предвид соседните земји ми беше екскурзијата во средно во Италија, што мислам дека цел живот ќе ја паметам. Едно од најубавите искуства и доживувања.


*Неостварено патување кое чека на листата?

Дестинација што не` чека веќе 3 години, резервираме па одложуваме итн е Рим, па се надевам оваа година конечно ќе одиме да го посетиме. Рим исто така ми е еден од омилените градови, сум го посетила пред 10тина години и преставува град што треба барем еднаш во животот да го посетите.

Дубаи чека на листата уште кога беше пандемијата планирано ни беше да одиме, но не секогаш тоа што го планираме излегува.


На мојата листа на патувачки желби на прво место ми е Мароко, па Португалија. Просто не можам да ви опишам колку многу сакам Мароко да го посетам, на голем процент од луѓето претежно им се Малдивите или некои тропски дестинации и често добивам  прашања зошто од сите места на светот баш за Мароко имам најголема желба.  Арапската културата, нивната историја, начинот на живот ме влечела и сакам да знам повеќе. Шпанија, Јапонија, Јужна Америка, Куба, Аруба и Мексико исто така ме очекуваат во овој живот.



И.Ставрова