Се огледувам на жени кои гласно се смеат и играат како да се сами и имаат своја автентична енергија: Пред огледало со Марија Јанчевска

Марија Јанчевска (19) е млада и талентирана актерка, во слободно време и поетеса, а на јавноста и е позната по улогата на Елена во филмот „Сестри“ на Дина Дума кој се прикажуваше на Нетфликс и со улогата на Сандра во популарната тинејџерска серија „Тин камп“.

Марија минатата година заврши средно образование, а оваа година е бруцош на Факултетот за драмски уметности.

Во продолжение ги читате ритуалите за убавина на Марија...

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал? 

-Се придржувам на одредена рутина кога станува збор за нега на кожа и мислам дека единствено континуирано придржување кон една рутина може да резултира со чиста и здрава кожа. Наутро по плакнење на лицето користам коцка мраз и со кружни движења по лицето ја намалувам утринската потеченост. Потоа ставам нијацијамид серум, хидратантна крема (ја користам хидратантната крема на Embryollise) и без исклучок крема за сончање со фактор 50 над тоа, во зависност од обврските во текот на денот додавам шминка (иако наутро избегнувам да користам пудра - ја заменувам со skin tint или бб крема). Обично на дневна база нанесувам бронзер, руменило и гел за веѓи над кремата со заштитен фактор. Во текот на денот со себе носам термална вода и по потреба дополнително го хидрирам лицето. Вечерната рутина е малку покомплексна бидијќи во текот на ноќта кожата може полесно да ја абсорбира козметиката. Шминката од текот на денот ја отстранувам најпрво со мицеларна вода, потоа со отстранувач за шминка базиран на масло целото лице. Повторно го чистам лицето со гел за чистење и нанесувам тонер, потоа нијацијамид серум, крема во делот под очите, хидратантна крема на цело лице, маска за уста. Летен период ставам и капки за потемнување за да ја намалам употребата на пудра. 

* Со какви препарати го негувате лицето? 

-Особено внимавам на препаратите кои ги користам за нега на лицето и составот на истите. Обично проверувам дали се безбедни за користење преку скенирање на апликација каде детално можам да го прегледам составот и да одлучам дали е безбедно да го користам производот. 

*Посетувате ли козметички салони?

-Со оглед на мојата возраст и состојбата на кожата не сум имала потреба континуирано да посетувам козметички салон. Сепак, третманите за чистење на лице треба да се практикуваат почесто. 

*Кои производи ги употребувате за нега на коса?  

-Употребувам рицинусово масло неколку часа пред миење на косата, во последно време ја користам линијата на L’oreal Elseve Dream Long, WOW dream coat спреј на влажна коса, спреј за заштита од топлина и капки од арганово масло. 

*Што сакате да прикриете, а што да истакнете сошминка? 

-Единствено нешто кое го прикривам со шминка е делот под очите кој најчесто го издава мојот неконтинуиран распоред на спиење со цел да ја намалам видливоста на заморот на кој подлежам со толку малку сон. 

Сметам дека природниот изглед со минимална шминка најубаво изгледа на секого. Кога станува збор за истакнување, обично акцентот го ставам или на очите или на устата. Не прескокнувам контурирање на лицето и во последно време сум опседната со користење течно руменило кое додава свежина на лицето. 

*Кои се Вашите омилени козметички производи? 

-Не практикувам многу да експериментирам и се придржувам кон она за кое знам дека функционира. Долго време ја користам линијата на La Roche Posay Effaclar duo кремата и гелот за чистење лице како и Cicaplast B5+, Laneige lip sleeping mask, La mer - The treatment lotion, Drunk elephant - bronzing drops, Rare beauty liquid blush, Charlotte Tilbury pillow talk lip liner, Fenty Beauty Highlighter, Dior Backstage пудра и коректор. 

*Што носите секогаш во Вашиот несесер?

-Крема за заштита од сонце, lip tint (го користам и како руменило) моливче за уста. 

* Омилен парфем? 

-Portrait of a Lady Frederic Malle и Cherry Smoke Tom Ford

*Како ја одржувате линијата?

-Моето секојдневие ми наложува да имам многу динамичен и физички активен начин на живот, па тоа особено ми помага успешно да ја одржам посакуваната маса и изглед на телото. Се трудам покрај повеќечасовните проби танц на факултет да извежбам и најмалку три пати неделно функционални тренинзи или kick box тренинзи кои дополнително ми помагаат. Сепак, подеднаква улога со тренинзите игра и балансот во исхраната. Се обидувам да внесувам повеќе протеин и во текот на денот да испијам најмалку 2л вода. 

* Како би се опишале себе си? Што е она што Ведвижи напред?

-Би се опишала како посветена на сѐ што правам и присутна во моментот. Моментално сум на возраст на која го градам каратерот и гледам да го држам точно насочено вниманието на зацртаните цели, а притоа да одржувам баланс во сите други сегменти на младоста. Работам на себе и на односите кои ги градам со луѓето. 

Перцепцијата која ја имаме за себеси е клучниот стимул за движење напред. Треба да бидеме свесни за тоа кои сме во моментот, но уште попрецизни во визијата што сакаме да бидеме. Напред ме движи верзијата од себе која ја имам замислено и моментите во процесот кој секојдневно ги оминувам за да ја достигнам. 

* Дали надворешната убавина е пресудна заоставење на прв впечаток?

-Според мене надворешната убавина неоспорливо се темели на внатрешната состојба кај една жена. Среќна и исполнета жена е најубавата жена. Сепак физичкиот изглед и надворешна убавина играат огромна улога во оставање на прв впечаток во било кое сценарио. Надворешниот изглед открива многу за начинот на живот на човекот и неговите секојдневни навики, како и за односот кој го има кон самиот себе. 

Покрај тоа особено е важно како ние се чувствуваме во сопствената кожа, и тоа директно влијае на нашиот однос кон себеси и кон другите. Кога сме задоволни на тоа поле, зрачиме друга енергија и имаме многу поголема самодоверба. 

* На која дама ѝ се восхитувате и зошто?

-Генерално им се восхитувам на дами кои ја задржале безвременската естетика низ годините и чиј стил не подлежи и не се темели на трендови. Се восхитувам на жени кои не се плашат да бидат свои и да заземат став. Како во однос на стил така и како личности. Огромна почит имам кон жените кои не се ограничуваат себеси и се остваруваат во низа животни улоги. Жени кои се свесни за својата вредност и кои постојано работат на себе како најголем животен проект. Обично се огледувам на жени кои ги поврзувам со себе, оние кои гласно се смеат и играат како да се сами, кои не се претопуваат во толпата, кои имаат своја автентична енергија и имаат многу самодоверба. Имам среќа да сум другарка, ќерка, соработничка, студент на многу такви жени кои секојдневно ме инспирираат.

* Каква треба да е современата жена?

-Современата жена треба да е во својата женствена енергија. Тоа е клучниот момент кој сметам дека треба да го задржиме како жени и покрај сите оние околности и предизвици кои ги носи современото темпо на живот кое сметам дека на жената и наметнува да се пренасочува кон машка енергија и да го губи женскиот сензибилитет. Современата жена може сѐ сама, но своеволно одбира да не направи сѐ сама, бидејќи сите сме создадени да живееме во заедница со поделени задолженија. И сепак сметам дека одредени работи едноставно се задолжение на машкиот пол. Современата жена е полна со самодоверба и свесна за својот потенцијал, таа се стреми кон постигнување на најдобрата верзија од себе на секое поле, попатно прифаќајки се во формата во која што е. Современата жена одвојува време за себе и е сама свој приоритет. 

Габриела Додевска Глигоровска

Фото: Дарко Митев