Новогодишно со Министерката за култура- Бисера Костадиновска-Стојчевска: Благодарна сум што имам кој да ме чека и пречека. Тоа е мојата најголема награда!

Културата е една од најважните карактеристики на човекот и општеството воопшто, имајќи предвид дека ниту еден друг вид не поседува култура, а таа може да се изрази само ако се набљудува во однос на социјалната средина и во нивната меѓусебна интеракција. Самиот збор култура има латинско потекло и потекнува од глаголот colere, cultum, што значи негување.

Постојат голем број на дефиниции за културата, каде што е важно да се нагласи дека концептот на културата во поширока смисла ги опфаќа и духовната и материјалната култура, односно сето она што човекот го создал преку својата работа и дејствување. Во оваа смисла, културата има своја креативна и своја репродуктивна димензија. Материјалните и духовните творби кои во просторот и времето се пренесуваат во човечкото општество и преку кои човекот ги задоволува своите потреби, всушност ја сочинуваат културата на едно општество.  Материјалните творби се сè што луѓето создале за живот во даден контекст, што за нив има значење (куќи, мостови, средства за работа...), додека, кога зборуваме за духовни културни творби, првенствено мислиме на јазикот. 

Културата е еден вид синтеза на целокупното човечко дело досега, таа е историски променлив и динамичен феномен. Тоа е и кумулативна појава, која се пренесува во форма на културна традиција, а задача на традицијата е да ги прифати и пренесе веќе создадените културни вредности.

Влијанието на жената се чувствува во сите пори на живеењто, а посебно во културата.

Токму затоа, задоволство ни беше да направиме Новогодишно интервју за Женски магазин со нашата Министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Одмерена, умерена, луцидна, секогаш убаво облечена... Балансира помеѓу приватното и професионалното, а ја зачувала онаа топлина која доаѓа од градот на Конзулите- Битола.

Од поинаков агол одговара на наши прашања, а вие имате можност да дознаете многу нешта за неа кои до сега не сме ги знаеле:

ЖМ: Вие сте жена која врши три улоги- мајка, сопруга и министерка. Верувам дека сите три се различни, но како постигнувате? Темпото на живот, одлуките и времето се брзи...

-Да, но јас не сум единствената жена која е и мајка, и сопруга и извршува одговорна општествена задача. Тоа не се улоги за кои жените очекуваат Оскар. Тоа не се улоги кои ќе ви го постелат патот со рози. Тоа се реални животни улоги во кои нема подготвени дијалози, во кои нема суфлери. Тоа се тие улоги кои ве бараат во целост. Одржувањето на рамнотежа преку компромиси, доверба и љубов е единствената добра и добитна комбинација за да се издржи ова време кое толку брзо го „јаде“ нашето животно време. Живеам на релација меѓу неизмерната љубов кон моите деца, кон моето семејство и секојдневниот предизвик да дадам повеќе, да го направам најдоброто за културата и уметноста како министерка, но и за државата.

ЖМ: На релација сте помеѓу Битола и Скопје. Вашиот семеен живот е во Битола. Дали чувствувате некаков товар или надокнадувате за викендите?

-Моето семејство е мојата сила. Времето што го минуваме заедно е извор на сета енергија што ја вложувам во работата. Секако, едвај ги чекам слободните викенди за да бидам со моите и да ја исполнам празнината за времето кога не сме заедно. Знам дека времето не се враќа и соочувањето со таа вистина има горчлив вкус. Но, тоа се нашите избори, тоа сме ние и таков е животот. Благодарна сум што имам кој да ме чека и пречека. Тоа е мојата најголема награда.

ЖМ: Колку деца имате и на која возраст се? Дали веќе кон нешто покажуваат афинитети? Колку вие како мајка, заедно со сопругот влијаете на нивните одлуки и на што ги учите и насочувате?

-Неизмерно ги сакаме, се грижиме за нив и ги почитуваме. Како родители, се обидуваме да им бидеме пример. Ги сослушуваме, разговараме, им читаме, шетаме, се гушкаме. Иако уште се мали, веќе се исцртува нивниот карактер. Петар има 8 години и е многу емотивен. Засега неговото целосно внимание е насочено кон фудбалот и видео игрите. Ана, пак, има 3 години веќе ја покажува својата независност. Тврдоглава е, упорна кога сака нешто да добие, може да се каже дека особината ја наследила од мене. И толку ја сака розевата боја што се надевам дека во таа боја ќе биде и нејзиниот поглед кон животот. Од срце им ја посакувам сета среќа на овој свет, на моите и на сите деца. Тие се највредното нешто.

ЖМ: Новогодишната и Божиќната магија верувам дека не ве одминува... како сте ги прославувале годиниве наназат, дали накитивте елка, се радуваат ли дечињата, дали и што им подарувате најлесто- на што се радуваат најмногу? 

-Со години наназад за празниците најубаво ми е дома. И на Новогодишната ноќ, на Бадник и на Божик сакам околу трпезата да има многу луѓе. Моите родители, сопругот, децата, нашите роднини и пријатели. Полна куќа сакам. Во деновите на исчекување на празниците ме разнежнува радоста на Петар и Ана кога се натпреваруваат кој повеќе украси ќе стави на елката. И од година во година елката ни е сė пошарена и пошарена. Уживам во нивната креативност. Додека ние гледаме да ги ускладиме боите, тие ни „држат лекција“ дека Новогодишните и Божикните празници се магија, а не натпревар во декорација.

Подароците се посебна приказна. Со сопругот под елката најчесто им оставаме книги. Нė научија децата и затоа нашите подароци ги оставаат последни за отворање. Тука се бабите, дедовците, тетките, чичковците...да ги разгалуваат со нарачани подароци. Жалам што никогаш не отворија подарок од нивниот вујко, од мојот брат. Неговата столица е празна и тоа особено боли во овие денови.

ЖМ: Дали спремате вие лично нешто посебно, некој посебен колач или некое пециво?

Сакам да готвам и готвам со љубов како најдобар зачин. Ги почитувам традиционалните македонски јадења и тие се мојот главен избор. Но, сакам да додадам нешто, да внесам нешто здраво, нешто ново, нешто поинакво. Особено за време на Новогодишните и Божикните празници сакам многу бои и вкусови на трпезата и , како што реков, многу луѓе околу трпезата. И вообичаено е така. Со многу пријатели чии деца , заедно со моите, внесуваат бучен оптимизам во деновите на „новото броење“.

ЖМ: Каква била Битола низ годините за Новогодишните празници, а каква е денес во тој поглед? Се чувствува ли некаква еуфорија сега?

-Полните улици, кафеани, продавници, воопшто тој предновогодишен метеж ми е драг звук и полна слика. Нашинците дојдени дома за празниците ја дополнуваат таа слика која буди надеж, топлина и љубов. Не ја споредувам моја Битола низ годините преку украсите. Суштината не е во тоа компарирање. Зашто, памети моја Битола и подобри и културно побогати предновогодишни денови. Жителите на Градот на козулите со историја, од браќата Манаки до Горан Стефановски, имаат многу попрефинет и многу поистенчен вкус од она што им се нуди да го „проголтаат“ како културна новогодишна програма.

ЖМ: Дали имате време сега да испиете кафе со пријателките на Широк Сокак или сепак дружењата со блиските се во Скопје? 

-Во едно интервју реков и сакам да повторам дека јас работам во Скопје, а живеам во Битола. Широк Сокак е и ќе остане засекогаш мој Широк Сокак. Таму се среќаваме, таму ќе се сретнеме пак.

ЖМ: Секогаш внимавате како ќе се облечете за јавен настап и сето тоа изгледа убаво и ненападно. Дали имате некоја формула за стилот? 

-Формула: Битолчанка (ха ха ха). Познато е дека ние Битолчанките сакаме да сме дотерани. Не сум исклучок иако го преферирам класичниот стил на облекување со еден неизбежен додаток – патиките. Ги носам со себе дури и кога морам да бидам на високи потпетици. Честопати, особено кога одам на некој исклучителен настан за афирмација на македонската култура во странство, се консултирам со локалните дизајнери на кои сум им бескрајно благодарна за советите и професионалноста.

ЖМ: На кој проект сте особено горди изминатава година во поглед на вашата работа? 

-Се радувам на секој проект во културата и на секој успех на македонската култура. Оттаму, не би можела да издвојам еден проект во годината во која Владата, Министерството за култура, културните установи вложија искрени напори за доброто на културата.

За прв пат во регионот, а што е реткост и во светот, успеавме да вратиме дома дел од украдените икони и однесени во Албанија. Благодарение на одличната соработка и разбирање со владата на премиерот Рама, очекуваме да се заврши постапката на враќање и на преостанатите икони.

Го задржавме престижниот статус во УНЕСКО, ја изготвивме измената на Законот за старото градско јадро во Охрид. Ја направивме и Стратегијата за заштита на културното наследство 2024-2028, во Собранието е законот за употреба на македонскиот јазик.

Конкретно ја поддржавме и ја добивме кандидатурата: Скопје-европска престолнина на културата 2028. Градот конечно ни ја предаде Универзална сала, симболот на светската солидарност која пропаѓаше во локалните надмудрувања, да ја реконстриураме и да биде достоен паметник. Конзервацијата и реставрацијата на црквата во Курбиново е при крај. Продолжува заштитата на скопскиот Аквадукт, почнува целосната возобнова на училиштето во Љубојно.

Новиот Дом на џезерите, како и изложбите од светски ранг: 105 години Требеништа и Сребрена Тракија, како и одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов и други бројни одбележувања во 2023 год., додаваат посебен вкус на задоволство во културниот живот.

Сė на сė, една богата година за културата е зад нас. Во Новата, посакувам што побрзо да го започнеме проектот за Шалтер салата на Главната пошта. Секако, на реализација чекаат уште неколку исклучителни проекти чии подготовки привршуваат. Зашто оваа Влада и ова министерство за култура се длабоко свесни и одговорни кон фактот дека нашата култура е нашата суштина.

ЖМ: Ваша порака до нашите читатели за Новата година? 

-Ништо не е невозможно ако работиме заедно, со волја и со страст. Годините и предизвиците кои ги променија нашите животи се зад нас и имаме причина да гледаме напред. Заедничката европска иднина е посакувана придобивка и за културата. Имаме огромно културно наследство како моќна алатка на тој пат.

Среќна 2024 и честит Божиќ. И да чукнеме во дрво. Трипати.

Небојша Толески