„Ние жените секогаш си наоѓаме маани. Можеби немам вишок килограми, но со целулитот мака мачам“: Искрено со Катарина Ивановска

Таа важи за една од најзгодните Македонки, често можеме да ја видиме во необични креации, лежерни фустани и костим за капење. За неа фотошопот е речиси непозната „работа“, природната убавина е нејзин најсилен адут, а за разлика од многуте жени нема воопшто проблеми со килограмите, иако вели дека и таа си наоѓа маани кога е изгледот во прашање. Иако многумина би рекле дека нема причина за главоболка во летните денови, Катарина Ивановска вели дека сепак активно работи на себе, за да ги отстрани оние работи кои не и се допаѓаат, а една од нив е целулитот. И на само неколку недели до почетокот на летото, кога понежниот пол е во „блага паника“ како да се „избори“ со вишокот килограми и целулитот, токму на оваа тема поразговаравме со еден од нашите најпознати модели. Разговорот го започнавме со прашањето која е нејзината прва асоцијација кога ќе се спомене летото:

- Крај на школска година, сладолед, спарни вечери дочекани во градскиот парк и апостолки (се смее).

Ж.М. Ако се вратиш назад во детството, по што ги паметиш летните одмори?

- Имаме фамилијарна куќа од страна на мајка ми во Дојран. Јас сè што е поврзано за летен одмор од детството се баба ми и дедо ми и четирите братучетки. Одењето пешки до Мрдаја, кај сестра ми на грб. Јадењето лубеница во двор, и раскажувањето приказни од страна на дедо ми секоја вечер гледајќи ги ѕвездите.

Ж.М. Дали паметиш некоја летна авантура која секогаш ќе ја раскажуваш со насмевка?

- Па подобро да ја премолчам (се смее). Летна авантура но не е баш за фалење. Со другарка ми Бела кога изедовме тегла макало отидовме на концерт на Здравко Чолиќ и се чудевме зошто околу нас има круг (се смее). Ова што го зборам е од претходниот живот (се смее)

Ж.М. Како се грижиш за своето тело со оглед на тоа дека ги немаш оние маки, кои обично ги имаат девојките пред лето (целулит и вишок килограми)?

-Сите жени како и да изгледаме секогаш си наоѓаме маани. Можеби немам вишок килограми но со целулитот мака мачам. Немав шанса да вежбам оваа пролет поради операција на лигаментите на коленото. Сега што би рекла јас 5 до 12 вежбам и одам во спа за третмани на тело. Секој понеделник сакам да почнам со диета и се надевам дека ќе дојде тој понеделник (се смее).

Ж.М. Каква облека е твојот прв избор за летните денови?

- Најудобно се чувствувам во убав мек материјал и широк фустан. Летно време најчесто носам широки фустани со рамни сандали. Шорц и маица нормално за преку ден.

Ж.М. Дали си за солариум или други методи за самопотемнување?

- Имам среќа што природно тенот ми е темен. Сонце ме фаќа многу брзо. Солариум практикувам 2 пати годишно пред одмро само по 5 мин. Нормално, самопотемнувањето е поздраво и во последно време е тренд, а резултатите се одлични

Ж.М. Последните години, во мода е на летување носат некои од родителите за да помагаат околу чувањето на децата, дали тоа е случај и кај тебе?

- Секој си има право да си го организираат одморот така како што си замислил. Во мојот случај секогаш сум само јас. Не ми е потребен никој кога патувам со моите деца. Дури и кога сме во Скопје, ретко бабите ги чуваат, само ако има некој повод како што е роденден, свадба или друга прослава вечерно време.

Ж.М. Која е твоја дестинација за одмор ова лето, и со кого планираш да го поминеш?

- За жал летото е веќе на прагот, а јас немам идеја каде да одам на летување. Со децата и партнерот секако ќе одиме некаде да се одмориме на плажа. Октомври знам дека ќе одам со другарките на Ибица.


Елеонора А.