НИЕ наспроти ЈАС

Се сеќавам на една приказна во која се говореше за тоа колку е важно заедништвото и каде беше дадена една одлична паралела помеѓу луѓето и еден сноп прачки. Секоја прачка индивудуално може многу лесно да се скрши, но ако се многу нема сила која ќе може да ги подели на две. Колку едноставно и колку вистинито, нели?

И како што тоа најчесто бива, сите едноставни работи се најтешко остварливиили најтешко одржливи. А секаде во природата ќе најдете вакви примери. Една газела наспроти еден лав има епилог кој е познат. Газелата ќе е вкусен оброк за лавот, а нејзините остатоци за мршојадците. Лавот е лав, но ако е еден тогаш џабе е што е наречен крал на животните бидејќи ако има стадо газели тогаш епилогот нема да е во прилог на лавот. Така е со се’ во животот, та не џабе и Александар Дима во својата книга Тројцата мускетари ја спомнува реченицата која е синоним за единство и заедништво “еден за сите, сите за еден” која ние сме си ја измодифицирале во “еден за сите, сите за никаде” што многу кажува за нашата генерална определба кога е заедништвото во прашање.

Како созревам (некако уште не ми се старее), се’ почесто станувам свесна за тоа дека секој од нас сам по себе е поранлив и почувствителен отколку да е во група, макар таа група била сочинета од двајца. Да, не’ има и вакви диви луѓе, интроверти, но и ние си имаме неколкумина кои можеби се бројат на прсти на една рака, но се луѓе со кои ги делиме најскриените и најдлабоки мисли, проблеми, таги и радости, искушенија и недоумици. Сам човек не го бива, но тоа “сам” се има многу искривоколчено во секојдневниот наш речник и жаргон. Така, да се сакаш сам себеси е толкувано како себичност за што тврдам дека е многу погрешно, оти човек ако не се сака сам себе не е способен да сака никого.

Баш пред некое време ми излезе на ФБ една статија која имаше бомбастичен наслов околу вечната битка меѓу жените кои се во брак/врска и жените кои се сами, без оглед дали така сами одбрале или заради сплет на околности. Секогаш ме поразува кога читам женски писанија во кои наместо да се поддржуваме едни со други, да си даваме ветар во грбот и да бидеме тука кога некоја од нас ќе коленичи за да подадеме рака, се делиме на ТИЕ и НИЕ. И токму таа вечна борба е во изборот која секоја од нас го прави и потребата да се истакне оти “моето е поарно наспроти твоето”. Сум била сама, сум била во брак, сум била повторно долго време сама и од искуство го знам следново: иритира додека си сам да те прашуваат “кога дечко, греота е вака убава и млада да седиш сама”, иритира кога имаш дечко да те прашуваат “ајдеееее, кога свадба...баш ми се игра на една”, иритира кога си во брак да те прашуваат “абе, работите вие нешто? Камо детенце хехехе”, иритира кога имаш дете да те прашуваат кога второ, иритира кога се разведуваш да те прашуваат “ама зошто, баш бевте ок заедно”, иритира кога си разведена да те прашуваат “зошто не си најдеш некој, не чини да умреш сама” (ѓоамити ко ќе умирам и него под рака со себе ќе го носам). Да, сето ова иритира ептен оти е директно мешање во нечиј живот, спална, па и во гениталии.

Од друга страна, иритира и кога самците вадат теории со кои брачниот или заедничкиот живот го претставуваат како онаа Итарпејовската “канта полна го*на, а озгора еден прст мед”. Не, заедничкиот живот не е “мора и треба”, не е сведен само на проста економија оти ги делиме трошоците, мајките не се само мајки и да, знаат да прават муабет за се’ и сешто (не само за пелени и сарми). Меѓу другото, бракот и заедничкото живеење беше со знак равенство за трпење физичко и психичко насилство од партнерите. И тука малку ми се наткрена  желудникот. Да, има семејно насилство и за жал, тоа е нешто со што жените се соочуваат почесто отколку мажите, но да се кажува паушално дека брак=малтретирање е ноторна глупост и навреда кон жените кои веруваат и се одлучуваат на брак.

Епилогот е дека беше извулгаризирана една тема која скоро секогаш се вулгаризира, зависно од тоа од која страна е пишувачот. Ако е пишувачот во брак, тогаш се делат совети за самците, поистоветувајќи ги со личности кои се промашени и без цел. Ако пишувачот е жена која одлучила да е сама, тогаш жените кои се во брак се опишани како жртви или глупави. А вистината не е ни ваму, ни таму. Вистината е многу проста, секоја од нас бира и одбира што и како ќе живее. И нема вистински избор, барем не универзален. Има избор кој ќе ве направи задоволни со себе и среќни или ако сте несреќни....па, има чаре и за тоа. И кога веќе зборуваме за заедништво, тогаш каде е женската солидарност и поддршката?

Знаете, многу често мешаме баби и жаби. И токму тоа мешање баби и жаби не’ направи да сме крволочни и бесчувствителни. Раздорот е оружјето кој го прави секој народ да е ранлив и подложен за манипулации. Пред два дена си замина уште еден млад живот. Пред два дена родител изгуби дете. Да, човек може да е вдовец или вдовица, сирак...ама нема назив за човек кој изгубил дете, затоа што тоа по сите правила на Универзумот, не треба и не смее родителот да го надживее своето чедо. Можам сега да разврзам на долго и широко за болката, за загубата и за неправедноста ама факт е дека само оние кои имаат изгубено чедо знаат каква е таа болка. И додека за нашите се поплукуваме да се живи и здрави, не може за туѓите да разврзуваме теории во кои клетвите, радоста заради туѓата мака и немањето осет ќе се во ист контекст со Бог, кармата и праведноста. Нема, не постои тука ниту оддалеку сличен, а не па ист контекст. Не се научивме и не се научивме. Трагедиите не се “настани” за да се покаже колку сме досетливи во теориите дали има баланс и правдина. Трагедиите се удар, катаклизма во едно семејство, болка која никогаш, ама никогаш не поминува.

НИЕ наспроти ЈАС...заедништво наместо прост себичлук (пак ќе речам дека сакање себе не е себично), развој на колективната свест за тоа дека сам по сам сме ранливи и лесно уништливи, развивање емпатија за другите и за нивната мака се одраз на високо свесни луѓе, високо свесен народ кому никој ништо нема да му може во иднина.

Многу ме боли што сме станале вакви какви што сме станале. Ме боли, затоа што знам дека кога човек станува свесно зол и себичен, не остава простор за ништо убаво да му се случува. А тоа што е секој од нас, тоа си привикува. Оти среќата и несреќата се одразнуваат не само на поединецот, туку и колективно. За промена, да бидеме НИЕ наспроти ЈАС, ЗАЕДНО наспроти ПОЕДИНЕЧНО...барем еднаш, барем за промена. Којзнае, можеби и ќе се изненадиме позитивно дека ќе успее, дека нешто ќе се смени на поарно.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Лесно е чоекда си

Кога се’ стокмено е

Кога има сонце наместо дожд

Ветре пролетно наместо студ

Ех колку е лесно

Колку е само лесно

Да си арен кога се’ од рака ти оди

И кога немаш мака видено

Кога си ко бубрег во лој

Оти најлесно е тогаш за убост да раздаваш

И устата полна мудри збојот да ти е

Та оди и чоек арен биди

И тогаш кога неправда по грбот ти мава

Кога те боли секое ковче

Оди и чоек биди

Тогаш кога на другиот неубо ќе му е

Кога ќе треба рака да пружиш

И некого од кал да извадиш

Без да се мислиш

Без ич на дикат да ставиш

Дали рубата и тебе ќе ти се извалка

Или црно под нокти ќе ти се собере

Оди и чоек биди

Доволно голем за во туѓи чевли да влезиш

И да видиш колку некојпат боли

Кога на маката ти се потсмеваат

И на раната озгора сол ти тураат

И врз душата полна бол ти газат

Синкир ако се лоши со тебе

Тогаш животецот поубав ќе им се види

Нема потешко од тоа

Чоек за мерак да си

Стокмен со питомост и кроткост

Накитен со чоештина и убост

Со поглед полн милост

И рака спас која нуди

Оти само во мака чоек се гледа

Од што материјал е создаден

И колку му вреди она

Што во срцето го носи

Без да мери

Без на кантар да става

Без мисла погана

Без зборој сабји

Само во мака чоек се познава

Дал чоек е и чоек ќе остане

Или дури и пеколот

Врати пред него ќе затвори

Та чедово мое пред себе го гледам

И само во себе си велам

Оти многу желби немам, навистина немам

Само жива и здрава да е...чоек да е, чоек да биди