Нѐ научи да се смееме и кога денот ни е ноќ

На излегување од вчерашната промоција на новиот албум на Калиопи со кој одбележа 40 годишна кариера, го сретнав Гуру Харе.

„Погледни ја, зрачи, колку шири радост. Кога би имале барем уште четири како неа- прокоментира додека гледаше во Калиопи. Потоа ја погледна насловната фотографија од цедето и дополни„ „Ја гледаш ли среќата“.

Среќата е константа, по природа универзална и непроменлива со текот на времето. Ја видов на лицето на Калиопи кога се појавија со Ромео да зборуваат за својот нов проект. За музиката, која за нив претставува момент на инспирација, момент на уживање, момент на споделување и голема радост. Радост еднаква на онаа, која само децата умеат да ја споделуваат. Беа многу млади кога првпат зачекорија на сцената. Таа порасна покрај него. А тоа зборува сѐ.

Не собра на едно место сите и ни го разбуди чувството за нежност и уметност. Ни го приближи на најубав начин тоа што најмногу го сакаше - своите песни. Ни ги разбуди емоциите на едно време кое го сакаме и чуваме, а кое не враќа во убавите и посодржајни уметнички времиња. На нашата младост. Времето кога ја освои цела бивша Југославија и влезе во мислите и домовите на љубителите на убави мелодии и зборови.

Додека се обидував да најдам збор со кој ќе ја опишам се сетив на една изјава на легендарната Дијана Рос „„Ви треба многу време да станете дива, морате да работите на тоа“.

А ние новинарите одамна ја нарековме дива. И не погрешивме. 

Изразот „дива“ значи божица на латински, и во почетокот се врзувал за главните вокали , примадоните на оперскиот свет, како начин да се опише нивниот боженствен талент.

Калиопи е архетип токму на оваа дефиниција. Иако во модерниот свет овој термин го изгуби вистинското значење и се врзува за ѕвезди со ексцентрична гардероба, разголување и скандалозно однесување.

Од почетокот на кариерата се потпираше на своите размисли - можам и умеам повеќе од тоа. Докажа дека жената може да биде секогаш женствена и привлечна, со својот стил. И да биде лавица со боженствен глас.

Остана 40 години на сцената зашто беше доследна на себе, на своите вокални и авторски квалитети.

Имаше среќа да ги има вистинските луѓе во својата близина. Во музичката хипер продукција на балканската сцена, се наметна со многу работа, дисциплина зачинета со „допирот од небото“, наречен талент.

Сама беше креатор на својата кариера. Сама го носеше товарот на животна и музичка борба, кога наидуваше и на критики. Одговараше со девизата „ „мојата цел е да го првам и да го работам тоа што најдобро го знам“ , трудејќи се никому да не му нанесе зло.

Нејзиниот успех не се мери по бројката на издадени албуми, туку со бројот на безвременски хитови. А тие се многу...

Не застанува.

Калиопи има нов албум со 10 песни. Доследна е на музичкиот израз, кој Ромео Грил го збогати со модерни, исклучително добри аранжамни и продукција. И повторно текстови, зборови од нејзиното перо, кои на момент ви ја топлат, но и ви ја распарчуваат душата. На една од нив пее во дует со Слаткаристика. Проект кој ќе обележи младоста на новите генерации.

Спотовите од новите теми веќе се емитуваат на телевизиите.

Калиопи време е да те видиме и во живо, на уште поголеми сцени, на концерти. Да внесеш радост и да ги научиш и помладите „ да се смеат и кога денот им е ноќ“.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Вангел Тануровски