Која и каква си (кога си сама со себе)

“Биди секогаш насмеана, да не даваш да те сожалуваат”

“Шминката на тебе и да изгледаш како милион долари дури и тогаш кога ти се плаче”

“Не давај повод да те оговараат дека си изгледала како мрсул”

“Пази како се однесуваш, знаеш дека одма се вадат муабети”

“Фина со сите, оти ко ќе го завртиш грбот ќе те стават на тапет”

Сите сме растеле со овие муабети од мајките, бабите, комшиите и околината. Демек се’ ќе биде цакум пакум ако ставиме маска на лицата, исцртаме насмевка и глумиме лудило дека животот ни е совршен. И лажеме, се лажеме себеси, ги лажеме другите. Оти? “Оти така треба”, барем така ќе посочат оние кои не’ научија да ставаме на себе среќа, дури и тогаш кога ни иде да задавиме некого.И повторно истиот круг кој се претвора во спирала од која тешко се излегува. Се лажеме себеси, ги лажеме сите околу нас само затоа што никој не не’ поднаучил да си го гледаме раатот.

Растев со овие муабети погоре. Чинам дека генерации пред мене а и после мене се упропастени од овие мантри кои ни ги имаат отруено мозоците. И кога велам “упропастени”, свесна сум дека изразот е суров, но убедена сум дека е најблиску до она што ни има направено ова настојување да сме совршени. Се разбира, совршени пред светот кој задолжително мора да не’ перцепира дека сме безгрешни и идеални. Ги гледав вкалапените однесувања генерациски наназад. Не дај Боже да не ти е куќата средена оти може некому да му се припие кафе кај тебе. Терање муабети со соседите до 101 и назад, теревенки кои резултирале со целодневни чистења на куќата (таканаречени генералки) и рибање теписи. И сето ова би било во ред ако е резултат на избор кој носи задоволство, а не дека тоа е воспоставено со некои норми и непишани правила.

Се’ уште ги има закоравените адети за кои некогаш повозрасните се фаќаат како слеп за стап (со сета почит кон нив) од пусти страв или срам дека другите повозрасни ќе им замерат ако ги прифатат новите трендови. На пример, кога една моја другарка се породи, со мажот и’ дојдоа малтене до развод оти тој не можеше да се избори со родителите (и на двајцата) кои инсистираа да се истера адетот со мекиците дома. Разбирам ако беше тоа од финансиски причини, оти некогаш сакаш да одбележиш нешто а немаш можност да го направиш тоа без да си го нарушиш комодитетот дома и тераш така, оти немаш избор. Не го разбирам моментот кога луѓето имаат можност, ама немаат разбирачка од оние кои по секоја цена ги тераат адетите. Така, се источкаа околу стотина луѓе кои газеле надвор со кондури (замислете го само тој хаос од енергии, здивови, пот). Наместо младата мајка (другарка ми) и синчето да дојдат во куќа која ќе дише со чистота, мир и балансирана енергија, дојдоа во простор кој корнеше на средства за чистење оти до последен момент се рибаше сета нечистотија која луѓето ја оставија зад себе. Зошто сета таа драма и чуму покажување и докажување кога нема потреба. Зарем толку се водиме од потребата да бидеме совршени...и за кого сето тоа?

Совршенство нема, колку и да се трудите, настојувате или посакувате. И убавината на живеењето е баш во тоа отсуство на совршенство во било кој сегмент. Замислете како би било се’ да ни е потаман. Мене тоа ми личи на сегменти од филмот “The Stepford wives” каде жените беа престорени во роботи кои беа вечно услужливи, насмеани, весели, додека заднината беше сосем искривоколчена. Моделот на жена е секогаш пропратен со една бизарна идеја како би требало една жена да се однесува и да изгледа. Притоа, забораваме на тоа дека сите сме само обични човечки суштества кои имаат релативно слични потреби и желби. Товарот на тоа да се биде секогаш стокмен, насмеан, та домот чист, деца стално спастрени, ова, она доведува до по еден мал нервен слом барем еднаш месечно кој никогаш не се манифестира филмски, туку со избувнување и караница дома. Пазете, караница дома заради желбата да се биде совршен за оние кои се надвор од домот. Нема логика, нели?

За моја среќа или несреќа, мојот пат низ животот честопати беше со кршење на правилата, бирање на патчиња кои не биле изодени или кои биле избегнувани. Мене ми налагаше природата на карактерот да не сум баш по терк на домашните. Сум имала многу љубов од сите околу, апсолутно сум била секогаш сакана и тогаш кога сум велела ОК, но и тогаш кога сум давала отсечно НЕ. Не дека немало расправии, ама олеснителна околност беше легендарната реченица “знаеш дека за се’ оди контра”. Од денешен аспект тврдам дека не било контрирање, ами мојот хедонизам а и одбивањето да бидам нешто што не сум, оти “така треба”. Не, не треба и апсолутно не мора. Паметам дека баба ми беше вџашена кога дозна оти од комшиите никој не ми бил на кафе дома (и до ден-денес е така, иако знаат дека за се’ што треба сум тука, ама не сум иди ми-доџи ми тип). Тоа мое одбивање да се вкалапам, а и на сите на кои им дошло преку глава да се преправаат пред светот а во себе да се јадат, донело ем спокој ем неспокој.

Неспокојот е секогаш од прикриената осуда, несфатеност и стигматизација. Ако не си во калапот, едноставно не чиниш. Но, да бидеме реални. Спокојот носи такви придобивки што ама баш нема да ви чуе палец на лева нога дали некому се допаѓате или јок. Спокојот не е за пред другите, ами за пред себеси кога ќе останете сами со себе. Тогаш, кога ќе се погледнете во внатрешното огледало и кога ќе си видите колку ви е раат душата што ич не ве интересира дали ојлевци и дојлевци ве лаат оти сте без шминка, пцуете, покажувате кога нешто не ви се допаѓа и знаете да вратите ако е некој поган со вас, знаете ЗОШТО сте такви какви што сте.

Никому не должите ниту објаснување, ниту извинување за било која одлука и постапка. Ова да си го научите како Оче наш и да им го повторувате на вашите деца додека не почнат да го применуваат. Најважно е какви сте кога сте сами со себе, дали ви е удобно во сопствената кожа и дали ви пее срцето. Да не правите ништо во животот оти така треба, оти ќе си помисли чаршијата вака или онака за вас. Има работи за кои нема компромиси, колку и да ве гледаат како чудак или лудак. Има работи за кои не се отстапува ниту чекор наназад оти ќе ве чини паѓање во бездна. Има работи кои ве дефинираат како човек, како жена и со кои нема пазарење. Тие кои што ќе ве прифатат и засакаат такви, тие да си ги држите до себе.

Бидете свои, бидете она што сте за некогаш ако ве прашаат какви сте кога сте сами со себе, со чиста совест и душа да кажете...СРЕЌНА СУМ.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Која си кога никој не те гледа

Кога е толку многу тивко

Што дури и здивот ти замира

А срцето ти се скаменува

И тишината почнува да те боли

Чиниш коските провев ти фатиле

Та те вијат однатре како шупливи да се

Како за кавалче изделкани

Од кое никој никојпат песна не ќе стокми

Која си кога никој не те гледа

И кога не треба лик весел да изглумиш

Чунки од тебе се бара дворски шут да бидеш

За нечиј обичен и безобличен ќеф

Кога ти се обесени удолу краевите од устата

А очите уморни и тажни

Та нема ништо на светов што насмев ќе ти измами

Оти ете некогаш и така на чоек му иди

Џенем да фати и да не се врати

Која си кога никој не те гледа

Кога плачеш море солзи

Кога јазик си гризеш за да не излези клетва

И пцости ти горчат во грлото

Кога нокти в дланки си зариваш

Кога ниту ти се живее, ниту ти се умира

Ниту ти се пее, ниту ти се онемува

Ниту чоек ти се гледа, ниту ти се ослепува

Ниту срце ти љуби, ниту без љубов ти се останува

Која си?

Која си кога никој не те гледа

И кога сама со себе остануваш

Кога сите бои од лице ги вадиш

Заедно со лажната среќа

Заедно со сите очекувања кои твои не се

Која си?

Дали си онаа која сакаш да ја видиш

Кога угол гола пред огледало седиш

Дали си онаа која се крие зад бела кожа

И која знае немтур да е

Та и кокона мила

Која заведува и туѓи погледи мами

За да се скрие удолу длабоко во молк

Која си?

Која си кога остануваш сама

И дали и тогаш себе се љубиш

Како што глумиш кога пред други си

Која си....која си кога си сама

И дали си среќна барем половина

Од среќата која заслужуваш да ја имаш

Или и ти како мене

Некојпат доцна во ноќта

Кога ти се чини оти никојпат не ќе се раздени

Земаш вино в рака и застануваш пред огледало

И долго си зјапаш во зениците дур шепотиш

Која си? Која си? Која си?