“Кажи зошто ме остави”

Кажи зошто ме остави

После смрт, велат дека прекин на љубов е втора најголема болка која секој од нас си ја почувствувал на сопствената кожа. Сите ние сме оставиле некого некогаш и сме биле оставени. Сме биле причина за нечие патење и сме пателе. И колку и во моментот да ни изгледало дека нема да преживееме крах на љубов, сепак човечкиот организам е чудесна работа и знае сам да се залечи. Секако, времето си има голема улога во тој процес, па од денешен аспект си велите “колку сум пател/а без потреба” кога ќе се присетите на сите солзи, непроспиени ноќи и мисли од кои ви се чинело дека ќе ви распрска главата. Старите имаат една мудрост која гласи “се’ минува, и арно и лошо” која е неверојатно вистинита. Како што нема универзална формула за тоа како се тера совршена врска или брак (кога велам совршена, мислам на она што ве прави среќни и спокојни), нема универзална формула ниту за тоа како се преболува крајот. Но, има една универзална вистина за тоа дека човек се залекува од скршено срце, само ако се помири со ситуацијата, си прости сам на себе за сите грешки, му прости на поранешниот партнер и продолжи понатаму.

Е сега, ова со продолжувањето понатаму изгледа прекрасно и лесно вака напишано на хартија, иако во реалноста е малку поинаку. Да се продолжи понатаму не е во залажувањето сам себе дека “абе ок сум, баш ми е гајле”, туку во искреноста кон себеси. Сум имала две големи љубови во животот кои ме имаат изместено и од кои сум излегла крш, ама сум изградила попатно една друга, нова (дискутабилно дали поарна или полоша) Ана. Едната ми се случи кога бев многу помлада и која ме научи дека кога одам против себе, си правам поголема беља и од самиот крај кој сум го доживеала многу трауматично. Тогаш спасот го гледав во еден нездраво богат социјален живот, кој согласно мојата емотивност и материјалот од кој сум изградена, беше ужасно лош избор. Наместо да си дадам време и простор да одболедувам, да се исплачам, да си ги соберам сите делови од себе кои ги расфрлав околу, јас (младост-лудост) одев со глава во ѕид. Не си дадов дозвола да се затворам во мојот свет и сигурен простор за да здивнам, оти тоа ми изгледаше како кревање бело знаме. Го знаете тој момент на “ќе види тој, нема да седам дома и да мисли дека си го јадам џигерот”. Вистината беше дека и кога играв на подиум во дискотека, чувствував таква болка што секако џигерот ми беше изеден, ама од сама себе. Ок, ме оставил. Ок, ме оставил заради друга. Ок, кога се среќававме случајно по журки можев да видам дека не му е никаков стрес нашата средба и дека му е сеедно. Ама што со мене? Зошто упорно и упорно сакав да докажам дека сум добро, кога не бев! Кому докажував, чуму докажував кога секој пат кога ќе си дојдев дома ме болеше лицето и вилицата од присиленото смеење и глумење лудило. На крај попукав по шавови. Моето пукање по шавови секогаш завршува со болест, оти умот ми го распарчуваше телото. Паднатиот имунитет ми е секогаш показател дека имам дисбаланс меѓу она што ми ровари во главата и тоа што реално му треба на телото и психата.

Таа лекција беше првата од која научив дека она што можеш сам на себе да си го приредиш, не може никој да ти го стори. Бев болна две недели, со температура, треска, нејадење, умор, инекции и инфузија. Кога после тие две недели станав од кревет, имав чувство како да ме прегазил воз (тогаш првпат го сфатив значењето на тој израз). Не дека не ме болеше душата повеќе, не дека не плачев и не го мислев, ама таа беспомошност ме натера да почнам да се грижам за сама себе. Свртев нов лист, кој го испишав со поинаков пристап кон себеси. Ја смирив топката, не се форсирав да акам насекаде, си дадов време. И полека ми помина, иако уште долго време имав тапо чувство на загуба, но не кон него туку кон она што јас го изгубив додека бев фокусирана на тоа да докажувам дека сум силна. Сфатив дека најголемиот непријател и пријател сум си сама на себе. Преболев и надминав, а знаев дека надминав тогаш кога престанав да барам виновници и да ја верглам во глава целата наша приказна, одново и одново.

Втората љубов која ме измести беше пред неколку години. Тогаш јас оставив некого, иако болката не ми беше помала, сеедно е кој кого остава ако си преживувате во себе. Но, овој пат знаев што смеам а што не смеам да си дозволам. Овој пат, колку и да звучи необично, знаев како да боледувам оти ни телото ни умот не трпат отповеќе товар кога имате изврвено подолг пат зад себе. Бев сама со себе, пишував многу, читав многу, си патев тивко и без драма, дури на моменти и уживав во тоа патешествие оти знаев дека го терам она што ми помага. Не дека мазохистички уживав, ама сега бев длабоко фокусирана на себе и на начинот на кој таа болка излегуваше од мене. А излегоа четири книги и многу нови лица кои ми станаа пријатели.

И двата пати, се роди новата јас. И таа нова Ана знаеше што сака, а што не сака, знаеше што и’ носи радост и среќа. Вториов пат бев многу повеќе свесна дека нема да правам компромиси со себе кои не сум кадарна да ги искрепам.

Љубовта е како животот, се раѓа, расте, созрева, умира. Среќни се тие кои не само што ја нашле туку и успеале да ја одржат. Не знам, можеби не сум толку моќна да ја одржам или можеби имам повеќе дарба да ја пишувам отколку да ја живеам во реалниот живот. И ако ова сознание порано ми носеше чувство на пораз, сега ми носи помирување, но и јасна слика за моите реални можности и капацитети. Сега не прашувам и не барам одговори на “кажи зошто ме остави”, оти знам дека нема пострашно и полошо од тоа да кренеш раце од сам себе и да се оставиш себеси некаде попатно во еден однос. Жал ми е што секое искуство кое се чита колку и да е искрено, ретко кога сме умни да го примениме кога треба. Сепак, во нашето битие е да учиме на сопствените, а не на туѓите грешки.

Едно знам со сигурност. Ниту една љубов не воскреснува, ниту се враќа (ако е веќе умрена или замината) со јавно обвинување, плукање, правење шоу и глумење жртва. Жртви се само оние кои се соочуваат со семејно и било какво друго насилство. Се’ останато е само фолирање и бркање лажна емпатија и поени. Гледам деновиве се спомнуваше многу разделбата на Џиновиќ (може и со “ч” да е, не знам) со неговата сопруга (чинам дека е веќе бивша). Отворив едно видео, демек интервју од кое ми се наткрена желудник. Возрасен човек (па и жена) која открива секакви детали од интимата, попатно ставајќи си себеси ореол на невиност и прикажувајќи се себе како жртва, е во најмала рака дегутантно. Сите ние знаеме со кого сме, кога сме со некого. Потсвесно, секој од нас е добро запознаен со кого си има работа и да се продаваат “му*а за бубрези” дека е некој шокиран што му се случило, е смешно. А тажно е што сами си веруваме во тоа дека сме жртви, оти не сме. Сме сакале да бидеме слепи и глуви, впрочем за танго се потрбни двајца. И додека се полнат страниците на жолтата штампа со секакви пикантерии, од кои малку ќе ви се подгзади, вистинската жртва се децата. И кога се работи за децата, најголем мотив за тоа дека човек треба да е достоинствен и во љубовта и во осамата, се токму тие. Баш ми текна на раскинот на бракот на Џенифер Анистон и Бред Пит кој беше достоинствен и без разлика дали беше вистина оти ја оставил заради Џоли, Анистоница си остана достоинствена и разумна. Никој (освен најблиските) не знаел како и’ е и дали и колку е повредена. Нејзината одлука дека го прифаќа разделувањето на начин кој беше за восхит, е начинот кој носи брзо зацелување. После истурено млеко, ринглата се чисти без многу мозгање зошто и како се случило да се направи бељата.

Достоинственото излегување од една врска или брак не е заради другите и како ќе ве перцепираат (демек сте фини што не правите сцени), туку е само заради вашето ментално и физичко здравје. На завршената приказна се става точка и се почнува ново поглавје. Секоја запирка после “збогум” е само пролонгирање на агонијата која и онака не е лесна со самото разделување. Она што е ваше си доаѓа, така некако работи Универзумот. Она што дошло, а си заминало...само испратете го нежно, со истата нежност ко која треба да се третирате себеси. Оти на крајот од денот, вашата душа заслужува спокој и љубов, од вас.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Кога љубов се раѓа

Е како нов живот создаден

Полн мириси и вкусови

Од кои душата се шири

Та ти се чини оти небо си

Полно слобода и јата птици

Кога љубов се раѓа

Како човек повторно да прогледува

И некако се’ станува тивко

Освен името на љубовта

Кое пулсира во ритам

Од кој и срцето поинаку бие

Кога љубов се раѓа

Сите стравови губат име

И исчезнуваат меѓу две прегратки

Од кои минатите лузни се залекуваат

Со тој нежен и мек иљач

Во кој се’ има поинаква смисла

Кога љубов се раѓа

Минатото станува бледа сенка

А сегашноста е цут-градина

Од која иднината се обојува

Та мислиш оти светот на плеќи ќе го собереш

И сите препреки ќе ги минеш

Кога љубов се раѓа

Застанува часовникот во мигот

Од кој се мери ново време

Во кое од ЈАС и ТИ станува НИЕ

И почнува нова ера, ново време

Кое дише со безвременост

Кога љубов се раѓа

Се раѓа и нова надеж

Од која сето сивило, синило станува

И кожата чиниш тесна ти е

За во неа да ти ги збере сите чувства

За кои и не си знаел дека ги имаш во себе

Кога љубов се раѓа

Никој не помислува на смртта нејзина

Како да е подолга од вечноста

Во која сенките ви стануваат едно

Без ниет да се одлепат

И повторно сам да зачекориш

Кога љубовта умира

Умира еден сон

Од кој секој поболен се буди

И умот и телото се жива рана

Која клука и пече до коска

Кога љубовта умира

Умира и дел од чоек

Кој иако ампутиран, уште боли и притиска

Како да чека и верува

Дека нешто може поинаку да биде

Кога љубовта се раѓа

Кога љубовта умира

Се раѓа и умира секој од нас

До нова љубов

До ново раѓање

До нова надеж