Доживеав два културни шока во Сиднеј – климата и чистотата, а луѓето шетаат буквално боси: Македонката Кристина Митевска Никиќ за животот во Австралија

Пред 13 години се преселила во Австралија со нејзиното тогашно момче, а сега веќе сопруг...

Кристина Митевска Никиќ е Македонка која живее во еден од најубавите предели во Сиднеј, Северни Плажи. Потребни и биле 5 години за да се навикне на новата средина, прво на климата, а потоа и на целокупното секојдневно опкруживање.

Мајка е на три девојчиња Марија, Ива и Уна и работи како медицинска сестра.

Кога ќе ја спомне Македонија, најмногу и недостасуваат блиските роднини и пријатели, а потоа македонската пиперка, ајварот на мајка ѝ, како и културните настани во Скопје.

Во интервју за Женски магазин, Кристина зборува за животот во Сиднеј, културата, менталитетот, храната, инфраструктурата, специфичностите на овој град, како шетањето боси на граѓаните буквално наскаде - плажа, улица, болница, продавница,амбуланта, образованието и знаменитостите кои не смеат да се пропуштат...

ЖМ: Македонија ја замени со Австралија. Со твојот сопруг живеете во Сиднеј, колку ти беше тешко навикнувањето на нова средина, нова клима и менталитетот на луѓето?

- Во Сиднеј се преселив пред точно 13 години кога со моето тогашно момче одлучивме да ја крунисаме нашата врска со брак. Благословени сме што живееме во еден од најубавите делови не само за Сиднеј, туку и за Австрлија, наречен Северни Плажи. Флората и фауната ми се допаднаа на прв поглед, поради автентичноста, разновидноста и експлозијата од бои. Климата многу ми одговара, иако високата влажност во воздухот знае да биде непријатна во дадени моменти.

Австралијанското општество е составено од многу националности, религии, раси, култури, гастрономии, вклучувајќи ја автентичната Абориџинска култура. Секако, севкупниот живот е во голема мера организиран врз основа на колонијалното англосаксонска влијание. Мене лично многу ми се допаѓа целата таа разноликост и со текот на годините изградив пријателства со луѓе од различно потекло. Искрено речено, почетоците не беа лесни и ми беа потребни 5 години да се навикнам и да почнам да функционирам во ова опкружување.

ЖМ: Верувам дека луѓето имаат сосема поразличен менталитет од оној на Балканците, но имаат ли некоја сличност?

- Секако дека постојат големи разлики, затоа што се работи за мулти-културно општество, но има и сличности во менталитетот со некои култури кои можеби изгледаат далечни кога сме во Македонија. Запознав многу различни луѓе и стекнав доста пријатели и познаници, но од нив две ми се многу блиски, од кои едната е Сики Индијка, а другата е Колумбијка. Иако потекнуваат од различни континенти и припаѓаат на различни религии и култури, сепак сме заклучиле дека имаме слични гледишта во однос на тоа колку ни значи семејството и фамилијата, како ги угостуваме пријатели и роднините, како се воспитуваат децата, како се празнуваат големи религиозни празници, кои инвестиции се потребни за стекнување на личен дом итн.

ЖМ: Што најмногу ти недостасува од Македонија?

- На прво место се моите најблиски роднини и пријатели, а потоа спонтаноста на дружење, црквите и манастирите, домашно-одгледувана храна, културните настани кои се далеку поразнолики и подостапни во Скопје отколку во Сиднеј.

ЖМ: Имаат ли специфичен начин на живот Австралијците. Ако тоа во Франција е на пример пиење вино за време и на работната пауза, во Германија раздвиженоста речиси стивнува по 18 часот. Како функционираат Австралијците?

- Тешко е да се дефинира што е Австралиец и да се зборува за некои вообичаени навики и специфики. Генерално, сите го прифаќаат т.н. „out-door“ стил на живот кога без многу подготовки и оптоварувања, најчесто за време на викенд, се оди на излет покрај плажа или парк, се ужива во храната и пиењето, без никакви претензии, се игра некој спорт како крикет или фудбал. Саботите се резервирани за спортски активности, не само за децата, туку и за возрасните. Инфраструктурата е одлична и има можности за секаков вид на спортување.

ЖМ: Каков народ се Aвстралијците, љубезни, нервозни, пријателски настроени, не сакаат/сакаат да комуницираат?

- Искрено бев многу изненадена од нивната отвореност, спонтаност и учтивост. Љубезноста на вработените во јавните служби, продавниците, поштата, кафулињата и сл. е на завидно ниво, човек навистина многу пријатно се чувствува каде и да отиде.

ЖМ: Имаше ли тешкотии со интеграцијата во заедницата кога отиде во оваа земја?

- Иако претходно имав живеено во други европски земји, Австралија ја доживеав поразлично, сепак е друг континент, специфичен на свој начин. Искрено имаше предизвици на почетокот, но мислам дека со текот на годините добро се интегрирав и добро функционирам во ова општество.

ЖМ: Каков град е Сиднеј за живеење, што се нуди, како функционира, како е решено прашањето со сообраќајниот хаос и дали воопшто го има?

- Во Сиднеј моментно живеат над 5 милиони жители и градот се простира на површина од 12.368 км2. Поради тоа што се наоѓа покрај вода, има неверојатни природни убавини, зеленило, богати понуди за водени спортови и забави, различни културни, музички и спортски манифестации и разнолика гастрономија. Торонга Зоо е една од најубавите зоолошки градини на светот, не само по местоположбата, туку и по богатството на животинскиот свет и различните активности кои се организираат за децата. Истовремено, Сиднеј е и една урбана џунгла, со специфичен сообраќаен метеж, но позитивното е тоа што постојано се инвестира во инфраструктурата и капиталните дела.

ЖМ: Кој ти беше најголемиот културен шок кој го доживеа во оваа земја?

- Има два. Поради поволноста на климата и генералната чистота, многу луѓе шетаат боси, буквално наскаде – плажа, улица, болница, продавница, амбуланта. А вториот шок ми беше што има доста луѓе кои доаѓаат со пижами и босоноги на лекар.

ЖМ: Како изгледаат зимите, а како летата во оваа земја?

- Ако нешто можам да издвојам дека многу ми се допаѓа, тоа е климата. Зимите се благи и можат да бидат суви со дневни температури и над дваесет степени. Летата се топли, но за нас е предност што живееме недалеку од океанот, па скоро секогаш се чувствува разладување и свежо ветренце. Сведок сум дека во последните 3-4 години времето во Сиднеј е многу понестабилно, со големи температурни разлики и обилни врнежи.

ЖМ: За стандардот кој го има Австралија, дали Сиднеј е евтин или скап град за живеење?

- Сиднеј, но и цела Австралија се карактеризираат со скап начин на живот, поради пред сè високата цена на недвижнини. Стандардот е повисок од многу европски земји, но и даноците се високи. Во секој случај, има работа и животниот стандард е солиден за оној кој сака да работи.

ЖМ: Кој дел од градот ти е најомилен?

- Секако дека Северните Плажи на Сиднеј ми се најомилениот дел, но исто така сакам да поминувам време во центарот каде има многу случувања и на Сините Планини кои се надвор од Сиднеј.

ЖМ: Според тебе кои места задолжително треба да се посетат во Сиднеј?

- Има многу што да се види и посети во овој град. Местата кои би ги издвоила се населбата Менли со една од најпознатите плажи во Австралија, планинскиот венец Сини Планини, Сиднејската Опера, зоолшката градина Торонга Зоо и Кинескиот Кварт, но листата е многу подолга.

ЖМ: Сиднејската Опера е една од грандиозните граби, Заливскиот мост како најспецифични знаменитости во градот. Какво искуство носиш, дали си ги посетила?

- Сиднејската Опера е навистина несекојдневен архитектонски и естетски објект не само од надвор туку и однатре. Сум била на неколку концерти на класична музика и акустиката е неверојатна. Заливскот мост сам по себе е навистина грандиозен и секој пат кога со автомобил или автобус поминувам по него е ново незаменливо искуство, особено за време на зајдисонце.

ЖМ: Колку често имате време да посетите некоја од плажите и да уживате?

- Како што претходно споменав, благословени сме што живееме во населба која излегува на плажа, така што животот ни еволвира околу плажата, парковите за деца на плажа, капењето од ноември до март месец, спортувањето, прошетките и сл.

ЖМ: Има ли Македонци во средината во која вие живеете, и дали сте во комуникација?

- Иако повеќето Македонци се сконцентрирани во населбата Рокдел која е во близина на аеродромот, и овде на Северните Плажи се среќаваат Македонци, особено оној бран на стручњаци кои се преселиле кон крајот на осумдесеттите, почетокот на деведесеттите години. До пред некоја година постоеше и училиште за македонски јазик во кое одеше едно од моите деца, но во моментов е во мирување поради слаба заинтересираност.

ЖМ: Мајка си на три прекрасни девојчиња, воедно си и вработена, но и си сопруга. Како успеваш да направиш баланс во сето тоа?

- Модерниот начин на живот на сите страни на светот се карактеризира со брзина, многу обврски и притисоци. За нашето семејство, клучна е добрата организација, востановената рутина и оддишката која си ја даваме за време на викендите и годишните одмори. Денот недела е ден кога целосно успоруваме и му го посветуваме на Бога, одејќи в црква и учејќи ги децата на духовност и вистински вредности во животот.

ЖМ: Каков е образовниот систем. Конкретно за деца во предучилишна возраст со оглед на тоа што Марија, Ива и Уна се на таа возраст?

- Образовниот систем е навистина поразличен од оној во кој јас пораснав во Македонија. Ива и Уна одат во градинка, во која има флексибилност во колку часот ќе се однесат децата, во колку ќе се земат и колку денови ќе одат. Марија е во основно училиште и сè се учи практично, низ игра, без бубање и без учебници. Притисокот и посериозното учење е својствено за средното образование.

ЖМ: Специфична храна која се консумира во овој крај од светот?

- Богатството на кујни е навистина огромно. Има храна за сечиј вкус, од индиска, тајландска, афричка, бразилска, мексиканска, до автохтона абориџинска и некоја модерна австралијанска која е мешавина од различни кујни. Ако треба да издвојам некои јадења, тоа би биле следните: леб од банани, риба и помфрит, намазот Vegemite кој има специфичен и несекојдневен вкус, месо од кенгур итн.

ЖМ: Која храна најмногу ти недостасува од Македонија?

- Пиперките од сортата „бела дуга“, ајварот на мама, чоколокум од Европа и зеленчукот кој го гаеја баба и дедо.

ЖМ: Како изгледа твоето секојдневие, со мајчинските и работните обврски заедно?

- Секој ден си носи свои предизвици, убавини, смеење, учење нови нешта, брзање и неизбежно стрес. Навистина секој ден е различен зависно од обврските кои се состојат од носење на децата во градинка или училиште, одење на работа, земање на децата кое од каде треба, носење на вон-школски активности, готвење и домашни обврски, прошетки до плажа или парк пред спиење итн. Во секој случај, голем е благословот да се биде и мајка и медицинска сестра и сопруга, секоја улога си носи свои убавини пружајќи љубов, грижа и помош и добивајќи го истото за возврат.

Габриела Додевска Глигоровска