Дојдовме на одмор и останавме да живееме овде само со куферите кои ги понесовме: Даниела Јовановиќ за животот во Дубаи

Дубаи. Обединети Арапски Емирати. Речиси една од најлуксузните дестинации.  Град кој практично не постоел до пред 50 години, денес е еден од најмодерните.

Дубаи е единствена метропола која привлекува луѓе од целиот свет. Високите облакодери, луксузните хотели, богатите трговски центри и културната разновидност го прават модерен град кој воодушевува со својата различност. 

Секој почеток, по себе е предизвикувачки, тежок, полн со недоумици и стравови кои ги носи со себе кога се впуштате во нешто ново.

Денес, од прва рака за животот во Дубаи, ни раскажува Македонката Даниела Јовановиќ, која со сопругот и двете деца живее веќе години таму. 



ЖМ: Даниела, ни кажавте дека веќе 4 години живеете во Дубаи, колку може да каже дека се навикнавте на животот таму?

- Да веќе 4 години сме овде и буквално се чувствувам како да дојдовме лани, брзо се старее овде а да не ни забележиш. Човек лесно може да се навикне на совршено средена и уредена држава во секој поглед, може да се каже дека ни беше невообичаено бидејќи доаѓаме од Македонија во Дубаи каде што сѐ функционира беспрекорно, каде што е максимално безбедно чисто и каде што владее законот. Но, лесно е кога човек треба да се навикне на нешто поубаво и подобро, да беше обратно, сигурно ќе ни беше потешко.


-ЖМ: Како почна вашата приказна во најголемиот и најпопуларен град во ОАЕ, зошто го избравте токму Дубаи за ваш нов дом?

-Короната е нешто што на сите остави негативен траг и период кој беше навистина премногу тежок за многу луѓе и фамилии и се надевам дека никогаш нема такво нешто да се повтори, но ние некако дојдовме да побегнеме од сето тоа што се случуваше со затворањето таму и единствени опции ни беа Египет и Дубаи како земји во кои тогаш ни беше дозволен влез, па поради безбедносни причини бидејќи сме со деца го одбравме Дубаи. Всушност дојдовме на одмор и останавме да живееме овде само со куферите кои ги понесовме за одморот.



ЖМ: Што работите таму и со што се занимавате?

- Нашата работа не е поврзана со Дубаи работиме е-комерц и маркетинг па се што ни треба е интернет, тоа беше и причина плус за селењето овде, не знам дали баш така лесно ќе се одлучевме да бевме врзани со работа во Македонија.


ЖМ: Имате две дечиња, како реагираа тие на преселбата таму, како се навикнаа, дали одат таму во училиште?

-Да имам два сина, кои имаат 10 и 7 години и овде учат веќе три години, поголемиот беше прво одделение кога почна короната па наставата му беше онлајн во Скопје па претежно кај баба и дедо на гости бидејќи се во куќа со двор и некако толку му се уарни што и сѐ уште ни е тешко да му објасниме дека немаше така да го води школувањето доколку останеа во Македонија. Поголем но и по емотивно повеќе поврзан со татковината, семејството, роднините , другагарите и да има опција да бира ќе го смени Дубаи за Скопје (јас секогаш му велам од таа причина и не им се дава право на децата да гласаат додека не станат полнолетни) . Помалиот си е одлично вклопен тој е меѓу најдобрите во клас дури и во Арапски а кога дојдовме не знаеа ниту еден збор на англиски и се вклопија за помалку од 6 месеци со настава и сум премногу горда на нив.


Исто така обожува да плива а тука сите згради се со базени, теретани, спа центри и уште многу други фасилитис кои го прават Дубаи уште поубав за живеење. Двајцата тренираат фудбал во еден од најдобрите светски фудбалски клубови Јувентус што е искуство кое ќе им вреди сигурно многу во животот.


ЖМ: Колку е скапо да се живее во Дубаи?

Дубаи е еден од најскапите градови во свет и самиот концепт на живеење е толку професионално изведен да мислам дека никој од Дубаи не излегува со заштедени пари на страна напротив ми делува како секој нивен Дирхам да останува овде. Премногу се економски напредни и покрај тоа што спијат на нафта Дубаи може да се пофали со растечка индустриска технологија, туризам, недвижности а познат е и по дијамантите. Она што го знам е дека доста семејства и овде изгубија работа со короната и платите се намалени доста за разлика од пред 3 години , но цените на храната постојано се зголемуваат како и на се останато.


ЖМ: Што ви е најинтересно таму, како изгледа еден ваш ден?

-Нема да претерам ако нескромно кажам СЕ! Фасцинатно е изграден, првенствено самите облакодери го одземаат здивот,  најубавите згради од целиот свет се пресликани и овде, воодушевува и самиот факт дека ова е се изградено на пустина, преку ноќ никнуваат сѐ помодерни и поубави зград,и локали нови плажи, ресторани и што уште не, имате чуство како градот никогаш да не спие па единствено што ни недостасува е можеби денот да трае подолго затоа што има толку многу нешта што може да се направат и никогаш не е досадно.


ЖМ: Таму се занимавате со моделство. Колку е барана таа професија таму, има ли доста потенцијал?

-Имам снимено неколку реклами, фотосесии и бев на ревија во Бурџ Калифа каде што носев накит вреден милиони, но всушност приоритет ми се обврските околу децата и семејниот бизнис па повеќе ангажмани одбивам одколку што прифаќам.


 Сепак сме сами овде а снимањата се на професионално ниво каде што си обврзан некогаш и по 12 часа да си таму присутен со потпишан договор доколку го прифатиш ангажманот. Сметам дека се одлично платени некој минимум што сум го забележала од ден е 400 евра но снимањата траат и по неколку дена и плус се доплаќа доколку излезе и печатена форма на реклама. Но и конкуренцијата е огромна, сепак мислам дека во Дубаи се најубавите девојки од цел свет.

ЖМ: Би се вратиле ли пак во Македонија да живеете, колку често доаѓате во родниот крај?

- Македонија е нашата татковина и секогаш со радост се враќаме, сепак таму се нашите семејства, роднини и пријатели. Доаѓаме често особено за школските распусти кои ги има доста овде. Сметам дека Дубаи е дестинација за живеење од бајките и бескрајно сум благодарна и среќна што сме тука а за понатаму сепак ќе оставиме на времето, но и секако во консултација и со децата одлучуваме за секоја наредна година, како што напоменав имаме доста работа за да го убедиме поголемиот син.



ЖМ: Што му фали на Дубаи според вас, има ли некои недостатоци како град?

Сметам дека на Дубаи не му недостига ништо туку на светот му недостигаат повеќе земји да се како Дубаи во секоја смисла на зборот. Но, ајде ете ако веќе бараме игла во сено за пример ќе го земам денов додека го правевме интервјуто. Имаше силно невреме со обилни дождови кои се случуваат еднаш до два пати годишно а можеби и ниеднаш и целиот град беше парализиран. Нѐ информираа со порака дека поради невремето нема да работат училиштата, улиците беа преплавени, но целиот хаос кој беше предизвикан од ветрот и дождот од моментот кога престана да врне беше саниран по само неколку часа истиот ден (се смее). Да не испадне дека сепак не успеав да му најдам маана ќе ги споменам високите цени, во Дубаи сѐ е поскапо за дури 20% до 30% од останатите земји. 


ЖМ: Раскажете ни каков е животот на локалното население, колку се гостопримливи, колку прифаќаат нови жители, како функционира градот, нешто што е несекојдневно?

-Толку се гостопримливи што станаа познати по видеата на социјалните медиуми со Habibi come to Dubai што само од Јануари до Септември 2023та година го посетиле скоро 13 милиони туристи. Па доколку доаѓате да го посетите Дубаи еден совет битен е да ги избегнете сите познати туристички места преку викенд и да уживате на некоја добра плажа, но исто така да ги избегнете и градските плажи не се пријатно искуство во викендите.Г енерално во Дубаи сите луѓе се културни и гостопримливи, секогаш убаво расположени буквално на улица можете да сретнете чистач да мете и да си пее додека работи. За локалците овде би рекла уживаат во животот како ниеден друг народ и мислам дека најголемо оптеретување им е на што и како да ги трошат парите. Најчесто можете да ги сретнете во моловите како чекаат ред за влез во најскапите бутици како Chanel, Louis Vuitton или златарите van cleef & Arpels, Cartier..Доста тежок живот. Но морам да истакнам дека во Дубаи како на ниедно друго место на планетава не постои расизам, национализам, со ништо нема да почувствувате било какво нетрпение помеѓу илјадниците различни националности вери и култури кои живеат овде.


Ирена Ставрова