Дафина Стојаноска: Кога многумина тагуваа по Тито и Југославија, мојот сопруг ја ширеше идејата за самостојна Македонија- тој е иницијаторот за мојот политички ангажман

Во секојдневието е иста, каква што била и пред да стане јавна личност- ниту има намера да се смени во иднина. Кругот на блиски и искрени пријатели и е истиот, а кон оние кои ги запознала преку пратеничка позиција, се однесува одговорно, искрено и максимално посветено. Дафина Стојаноска (49) пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ носител на Изборната единица 6, исто се однесува и кон новинарите. Секогаш внимава да даде навремен одговор или информација. Одговара на секој повик, а ако во моментот е зафатена, првично испраќа порака, а подоцна и се јавува, доколку е потребно. И што е најважно. Не и пречи ниедно прашање, како во овој случај кога политиката не е тема на разговор. Зборува отворено и искрено за својот приватен живот.

ЖМ: Карактер  е она што знаете дека сте, а не другите што мислат. Оставате впечаток во вашите јавни настапи дека сте директна и храбра. Но,која е всушност Дафина, надвор од политиката, во секојдневието?

- Во суштина сум, а и оние кои подобро приватно ме познаваат тоа можат да го потврдат, многу тивка и одмерена. Со пријателите знам да се смеам и да прифаќам шеги и на моја сметка. Ме потсетивте на една случка, пред неколку години. Бев „тазе“ пратеничка и еден наш семеен пријател и подалечен роднина, кој многу добро ни го знаеше целото семејство Јованоски, ме сретна низ град и ме застана да ми каже дека, кога дознал оти ќерката на Стево станала пратеничка и била многу гласна и борбена во Собрание, бил убеден дека станува збор за мојата сестра, затоа што бев тивката и мирната, а сестра ми беше „џамбазот“. Во секојдневието сум најнормална. Не ми годат никакви привилегии или посебни уважувања. Сакам да застанам во ред и да причекам за било која услуга. Се чувствувам најопуштено меѓу пријателите и семејството. Со колегите во Парламент воспоставив пријателски однос, како со членовите на мојата пратеничка група, така и со останатите. Мојата „битка“, директноста и храброста како што Вие пишувате, ги водам исклучиво од говорница и во моите јавни настапи. После тоа, доколку соговорникот прифаќа, продолжувам најкоректно и пристојно. Имаше и такви кои остануваа лути, заради моите настапи, но и нивниот став го прифаќав. Значи, да резимирам, во секојдневието сум иста, каква што сум била и пред да станам јавна личност. Не сум воопшто изменета, ниту имам намера да се сменам во иднина. Кругот на блиски и искрени пријатели ми е истиот, а кон оние кои ги запознав преку мојата пратеничка позиција се однесувам одговорно, искрено и максимално посветено. Тука можам да ги вбројам и новинарите, кон кои секогаш внимавам да дадам навремен одговор или информација. Одговарам на секој повик, а ако во моментот сум зафатена, првично испраќам порака, а подоцна и се јавувам, доколку е потребно.

ЖМ: Потекнувате од угледно гостиварско семејство. Кои се спомените поврзани со детството?

- Потекнувам од семејството Јованоски. Татко ми почина на 58-годишна возраст. Беше стоматолог по професија, кој дипломирал во Белград, а специјализираше во Скопје. Мајка ми е пензионирана професорка по француски јазик која работниот век го заврши како советничка во Бирото за развој на образованието. Имам и постара сестра која е педагог во средното техничко училиште во Гостивар. Детството ми беше исполнето со многу љубов, разбирање и почитување. За моите родители беше вредност да се прочита книга повеќе и да се посети место повеќе. Моите родители земаа кредит, за да купат колекција на книги. Имавме и се’ уште кај мајка ми во домот ги има огромната библиотека во дневната и во нејзината спална соба. Не’ научија дека сета вредност е во знаењето и во учењето. Ни овозможија да посетиме доста европски дестинации, но притоа не’ насочуваа да ги забележуваме вистинските вредности таму и да се трудиме истите да ги достигнуваме. Да не дозволиме да останеме потпросечни, заради опкружувањето или заради срамот да се биде поинаков. Сепак, животна парола на татко ми беше дека скромноста е вредност, тој велеше „варлина“ . Со мајка ми имаа преубав и хармоничен брак. Можеби заради тоа, и денес татко ми многу ни недостасува, како мене и на сестра ми, така и на мајка ми. Сепак, неговото отсуство, еве веќе повеќе од 20 години, го надоместуваат спомените на него. Но, најмногу сум среќна кога и денес ќе ме сопрат луѓе и ќе ми зборуваат како Стево бил легенда, еден и единствен. Тоа премногу ми значи. Не сакам да ја изоставам во овој одговор и мојата мајка Јелена. Таа е исклучително амбициозна и посебна жена. Блиските пријатели ја викаа „Французинката Ленче“, не само заради нејзината професија, туку и заради начинот на нејзиното гледање кон животните навики и практики. Во секој поглед е поразлична и своја. Откако поблиску ја запознав професорката Силјаноска-Давкова, наоѓам многу сличности помеѓу нив две: издигнати над средината, паметни, начитани, посветени и преинтелигентни. За сестра ми Кристина секој напишан збор би бил малку. Таа ми е воедно и мојата најблиска другарка. Со неа сум порасната и таа ми е се’ во животот. Моите деца премногу ја сакаат, а таа била секогаш тука, и во добри, и во помалку добри времиња. Едноставно личност која секој би посакал да ја има за сестра. Нејзината 13-годишна ќерка Ена е мојата единствена внука. Таа е мојот „полнач“ на батерии. Превозрасна за возраста, добра ученичка, посветена другарка и обожавателка на одбојката и на нејзиниот кокер Тото. 

ЖМ: Луѓето што ве познаваат велат дека сте биле една од најубавите девојки во градот, стабилна, тивка  и насмеана. Созревањето е неминовен процес, особено кога сте опкружени со вистински луѓе околу вас. Кој од нив имаше најголемо влијание и ве насочи кон вистинските вредности? 

- Ви благодарам за комплиментите. Знаете како, убавината е релативна работа. За мене, убавината е сокриена во душата. Убавите луѓе без душа се како дом без покрив, како искината книга. Убавината е нешто многу повеќе. Мојата насмевка сметам дека е наследена од мајчината, додека стабилноста и тивкоста потекнуваат од татко ми. Со насмевката ме потсетивте на еден коментар на фб каде еден „обожавател“ ми имаше напишано: „Лесно ти е тебе – со порцелански заби и со очила од 1.000 евра.“ Моето забало е без ниту еден порцелански заб, а пак очилата секогаш ги отплаќам на рати кај моите пријателки Ане, Евче и Кики. Што се однесува до созревањето, отсекогаш бев пресериозна за возраста. Нaучив да читам на 4 и пол годишна возраст. Во прво одделение тргнав со неполни 6 години, а во тоа време се започнуваше со 7. Секогаш бев многу одговорна на училиште. Го обожував македонскиот јазик и литературата. Дури едно време сакав тоа и да студирам. За ова најголем мотив беше мојата наставничка во основното образование – Анка Наумовска, пример за професионалец и личност која со огромна љубов си ја работеше работата. Во тинејџерските години созревав покрај сестра ми, родителите, другарките и книгите. А вистинското созревање мислам дека ми беше од мојот денешен животен сопатник, Љупчо. Со него и покрај него, од мојата 14-годишна возраст, научив многу нешта. Тој оттогаш ми стана се’: замена за дружење со врсници, учител за македонската историја и култура, повозрасен советник за животни вештини, за бон-тон, за политика, за кулинарство.

ЖМ: Пред извесно време на вашиот фб профил напишавте: „Додека татко ми умираше, една жена го губеше најмилото“. На кого мислевте? Колку прераната смрт на вашиот татко кој беше познат стоматолог во Гостивар, ви го смени животот?

- Мојата ординација беше сместена во локал на едно старо градско семејство кое живееше во куќата – позади и над локалот. Тетка Љупка беше Србинка од Пеќ. Нејзиниот син Ѓурица почина на 32-годишна возраст од тумор во мозокот. Беше исклучително паметна жена, од која научив многу нешта. Тоа беа нејзини оригинални зборови и никогаш нема да ги заборавам. После извесно време, почина и таа, но и денес се радувам кога ќе се сретнам со нејзиниот помлад син Душко. Тоа се за мене вистински пријатели и за нив секогаш има место во моето срце. Што се однесува до прераната смрт на татко ми, убедена сум дека, доколку не се случеше, денес сигурно ќе бев се’ уште со работа во мојата ординација, заедно со него покрај мене. Имавме прекрасни планови како колеги, но тој почина една година после отварањето на нашата ординација, која беше негова животна желба. Неговата смрт се случи во период, кога со мојот сопруг живеевме под кирија, во една гарсониера и со едногодишна ќерка. Двајцата бевме приватници и навистина го живеевме најтешкиот период. Сепак, и денес ми е драго, кога ќе ми се приближат негови бивши пациенти и ќе ми кажат дека се’ уште ги имаат неговите пломби на забите, или кога многумина кои искрено го познаваа и почитуваа ќе ми кажат дека мојата смиреност и карактер многу ги потсетува на Стево и дека се убедени оти татко ми сигурно ќе се гордееше со мене – и како пратеничка. Ќе го завршам овој одговор со една изрека: „Секое лошо е за некое арно“.

ЖМ: Највеличенствена, но истовремено и најтешка  улога е да си родител. Се трудиме на децата да им го покажеме вистинскиот пат, да им го оставиме воспитанието како најголемо богаство , секој на свој начин. Каква мајка сте вие? Попустливаили строга,  со принципи кои со текот на времето ги менувате.

- Кога Пелагија и Тома беа помали, бев построгиот родител. Беа преумни деца и ги научивме од мали да бидат самостојни и одговорни. Од прво одделение ги научивме сами да си ги пишуваат и завршуваат домашните задачи, да си ги паметат зададените задолженија и да внимаваат на себе. Никогаш не сме им го напишале домашното, ниту сме прочитале лектира, наместо нив. Кога беа на 11 и 6-годишна возраст, почнав активно да се занимавам со политика и премногу им недостигав. Тоа за мене е време кое никогаш нема да се повтори и никогаш нема да можам да им го надоместам. Сепак, мојот сопруг, сестра ми и нашите родители беа тука за помош и бескрајно сум им благодарна за тоа. Денес Пела и Тома се возрасни и зрели личности и сфатија која е мојата одговорност. Тие се нашето најголемо богатство, затоа што нас ни беше најголема грижа да ги израснеме и воспитаме во изградени и успешни луѓе. Пелагија е психолог и работи во приватна фирма, а Тома студира информатика и е активен кошаркар и репрезентативец. Имаат многу блиски односи и контакти меѓу себе, бидејќи Пелагија работи и живее во Скопје. Тие се многу дружељубиви, весели, харизматични и полни со хумор и ведрина. Обожуваат да гледаат филмови и серии, но и да излегуваат со друштво, како и да посетуваат различни места во и надвор од Македонија. Во нашиот дом се почитуваат принципите и правилата, но се слушаат ставовите и мислењата. Им ја посакувам сета среќа и горда сум на нив. Овде морам да го споменам и Ахил – кучето кокер на Пела кое изминативе три години не’ научи на уште поголема љубов, грижа и прошетки во природа. 

ЖМ: Со сопругот ве поврзува голема љубов уште од вашите средношколски денови. Догата врска ја крунисавте со брак. Каде е тајната на вашата среќа?

- Годинава со Љупче треба да славиме „сребрена“ свадба. Заедно сме 35 години, од кои 10 во врска и 25 во брак. Тајната на нашата среќа е во нашето разбирање. Ние се разбираме и кога не разговараме, но и кога не сме заедно. Среќата се и нашите деца. Среќата се и нашите роднини и пријатели. Среќата е најкомплетна, кога се споделува. Заедно сме споделиле многу нешта, а среќата долго време ја живееме и посакувам така и да остане до крај. 

ЖМ: Колку е инволвиран во вашата кариера како политичарка, како реагира на критиките од вашите политички противници?

- Во суштина, Љупче е „виновникот“ за мојата политичка ангажираност. Тој е постар ВМРО-вец од мене. Тој ја ширеше идејата за ВМРО и за самостојна Македонија, кога многумина тагуваа по Тито и по Југославија. Ја имав неговата комплетна поддршка за да започнам со политика. Ја имам и денес, со тоа што, откако во 2020-та година, за првпат станав носителка на пратеничката листа во ИЕ 6, Љупче започна да ја работи мојата ФБ кампања. Тој ми ги прави фотографиите и видеата, а некогаш ме советува за настапи, за изјави или за објави. Тој е мојот „back stage“. Се надополнуваме еден со друг и заедно го живееме и политичкиот живот. И годинешнава кампања ја водиме заедно, така што веќе сме уиграна екипа, во која што учествуваме со цело срце и ум, без нималку штедење. Што се однесува до критиките од моите противници, нив ги анализираме и реагираме сосема непристрасно, не гледајќи на нив како сопружници, туку апсолутно како политичари. 

ЖМ: Искуството е збир од убави мигови, но, и разочарувања. Кој е вашиот најголем успех, а кој би го напишале во животниот графикон како неуспех?

-  За мене најголем успех е скалилото на кое сум стасана во мојата политичка кариера, бидејќи сум го постигнала исклучиво заради мојата посветеност и работа, без никаква замолница или ургенција. Заради ова и секогаш се трудам да им дадам личен пример на разочараните или на оние кои сакаат да се повлечат од политиката. Како неуспех, иако не личен, за мене се два датума: 19.10.2018 денот кога не’ предадоа 8-мината, на кои никогаш нема да им простам што одлучија без дозвола од народот и 27.04.2017. Денот кога Уставобранителите ќе ја добијат вистинската правда, за мене ќе биде најголемиот македонски празник. 

ЖМ: Како би ја опишале состојбата на жената во политиката. Судејќи според застапеноста како носители на листи, сепак главниот збор го водат мажите. Што треба да се менува? 

-Треба да се промениме сите во целина. Свесна дека за секоја промена потребно е време, мислам дека времето пополека работи за нас жените, но и ние, жените треба да работиме на себе. Македонија има доста способни и квалитетни жени кои не треба да ги добиваат позициите на листите, само заради нивниот пол и изборниот законик, туку најмногу заради нивните квалитети и способности. Секогаш сакам она што го зборувам и за што се залагам, да го покажувам и докажувам и со личен пример. Затоа, можам да се пофалам со податокот дека листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во ИЕ 6 овие избори има 11 жени, а од нив - три сме во првите пет. Женската „борба“ во Македонија ќе се добие само со квалитет и неоткажување. Тоа е мојата порака за оваа тема. 

ЖМ: Вие сте една од носителките на листа. Беше ли тешко во свет каде што владеат мажите, да ги наметнете своите ставови, да бидете разбрани и да застанете рамо до рамо со нив?

– Воопшто. Прво, заради тоа што не сметам дека треба да се наметнувам, туку сметам дека е сосем доволно секогаш, во вистинското време и на вистинското место да си ги искажам моите ставови, мислења, критики и предлози. Второ, најлошо е премолчувањето и зборувањето зад грб.  Го практикувам она првото и никогаш не сум се покајала за тоа. На последниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кога Христијан Мицкоски беше по втор пат избран за претседател, во својот говор кажа: „Со особено внимание ќе ги слушам критиките на моите соработници“. За ова искрено го пофалив, бидејќи навистина тоа е клучот за вистинскиот успех. Вистинскиот лидер, според мене, околу себе треба да ги има најголемите и најискрените критичари. Лидерите опкружени со ласкачи и полтрони, не стигнуваат далеку. 

 ЖМ: Што очекувате од изборите?

- Очекувам историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Очекувам максимална сериозност после нив и вистинска револуција на работа, ангажман и посветеност. Тоа е причината, заради која што ќе освоиме најголем број пратеници и заради што луѓето ни ја даваат последната шанса. Овие избори се: Сега или никогаш! Овие избори нема седење дома. Овие избори мора да си ја превземеме судбината во свои раце и да одлучиме за сопствената иднина. Масовна излезност, масовна смиреност и масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ е конечниот спас од оваа хаварија. 


*С.А.Н.