Моќта на кафанскиот астал

Кога ќе речат дека кафаната е институција, имаат право. Апсолутно. Многу работи се случуваат на тој чудесен кафански астал.

Некои муабети не можеш никогаш да ги „отвориш“ на ниту едно друго место, како што можеш да ги отвориш и да „ги возиш‘ таму.

Зошто и како, таму човек си ја отвора душата е дилема, дури и феномен која нема објаснување. Едноставно е тоа така и крај. Секоја чест на оној кој ја измислил. Создал место на кое човек после само една-две чашки ракија, ги „дезинфицира“ сите свои грижи. Не мора да е ракија. Се прави ова и со кафе и вода, иако секако дека ракијата има моќ, повеќе да ги изгланца сите приказни. На крајот на краиштата, ракија отсекогаш се ставало на секоја рана. Се сеќавам дека прво нешто што ми ставеше мајка ми, кога ќе си ги исчукав колената, или лактите од разно-разни жмурки, точаци, или чатали-копатали …, беше ракија.

Истото се случуваше и кога ќе качев температура. Ќе земеше и ќе ме измасираше со ракија од глава до пети. И утредента си кукурек. Се сеќавате дека ова се правеше и при гнојна ангина. Ќе ти врзат крпа со ракија околу грлото и ракијата ќе ја „извлече“ гнојната ангина и пак си утредента кукурек.

Татко ми после бричење на пример никогаш не ставаше лосион, или многу ретко, ако требаше на гости да одиме. Но за по дома, вообичаено се мачкаше со ракија после бричење. Велеше дека ракијата после бричење го прави лицето „стакло Панчево“.

Баба ми пак на пример, секое сабајле ќе дрмнеше на екс една ракија, имаше една чашка „напрсток“ и по она бррр (тресење глава и испуштање звук), денот можеше да почне.

Така што ракијата има чудесно, лековите, дезинфекциско … Повеќенаменско дејство.

Е сега замислете ракија и кафеана заедно. Ах, што се има создадено оваа чудесна комбинација. На овој кафански астал се расчистени еден куп проблеми, пребришани се безброј грижи, поделени се исто така еден куп и тажни и среќни и слатки и горчливи маки. Ракијата дома има сосема друго дејство. Повеќе е ритуал, кој служи да се отвори софрата за ручек. Може да помине, во навика, во рутина, во баналност … Башка што, дома ракијата ретко кога, има моќ да ги отвори тајните и скриени долапи, како што истата таа ракија без никаков проблем ги отвора во кафеана. Одма ги подмачкува сите „шарки“, на нашите внатрешни порти и отверени сме „ко Буквар“, што се вели.

Елем, да не го тупам, што би се рекло кафански на „подмачкано“ со една-две ракии, него дај отвори се и кажи си што имаш да си кажеш.

Седиме некни фина екипа. Стари кафанџии сакам да речам. Луѓе со убаво кафанско педигре. Одамна не сме се собрале. Се нешто обврски, се нешто немаме време, дури понекогаш и свесно ги одбегнуваме ваквите средби, бидејќи не знам зошто, ама во последно време многумина од нас се затворвме во сопствените чаури. Затворајќи се така им дадовме на грижите и на проблемите да ни се таложат, да се пластат една врз друга и да си создаваат свое гнездо во кое ќе се размножуваат.

Приказнава што ја пишувам се случува во Идадија. Дебар Маало. Сосем спонтано и случајно. И ова не е реклама, бидејќи ова е едната од најстарите кафани во нашиот град. Институција на која не и треба реклама. Повеќе од 100 години постои. Си мислам кога само би можела да збори и да раскаже што се, и какви се не приказни се случиле овде. И добри и лоши. И убави и неубави. И среќни и тажни.

И нашата беше таква. Што среќна, што тажна. Сите си кажавме, сè што ни тежеше на душата. Еден од екипава се разведува. Си ја отвори душата и си кажа дека не се сакаат веќе. Беше разочаран, но му „сплетовме“ приказна дека редно беше и тој да се разведе и да му се придружи на клубот. На други двајца, детето им оди во Америка на студии, мајката се утепа од плачење, ние ја тешевме со живели-живели, а таткото глумеше херој до третата ракија. После и нему очите му се наросија. Друг се жалеше дека не може да го натера внукот, манџа да касне. Се направил како бумбар. Маж ми и јас три пати се скаравме и три пати се смиривме. Сакаше да ме убеди дека седум дена, се сосема доволни за одмор. Се објаснувавме и успеав на едно живели да „искамчам“ сепак десет дена. Фрчеше тука од сите страни една искреност, смеа, среќа, радост, тага …, се заедно. Нешта кои така измешани само кафаната и ракијата заедно можат да ги спакујат.

На крај дојдоа музиканти, еден убав староградски состав и не соголеа до гола кожа. Ни ги земаа сите пари. До последната стотка на банкарот, кому не му беше срам да става по 100 денари. Го утепавме од зезање. На крај виде не виде го плати целиот цех. Ова сега се случува, па којзнае кога друг пат. Банкар да плати цела сметка. Банкар ги викаме човекот оти е најгласен и оти се тој „држи банка“.

На смеа на шала, останавме до фајронт. И како стари добри кафанџии со педигре, со песна си отидовме накај дома. Сите грижи ги оставивме таму. На кафанскиот астал.

На крај маж ми не пропушти да ме праша, сеа гледаш како се останува по цел ден у кафеана. Глеам.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу