Анжелика Колева за борбата со канцерот: „Врескав на глас во бањата, се изнаврескав... Се соземав и си реков - ќе го решам ова, нема да го честам гостинов со солзи“

Животот е еден тек кој никогаш никој не успел да го предвиди. Најчесто велат дека е „броба“ во која мора да се истрае во име на убавите мигови кои секој еден од нас треба да ги доживее. Спеак, некои луѓе се соочуваат со многу потешка „битка“ отколку што би посакале. А токму еден таков „борец“ е Анжелика Колева. 

Оваа прекрасна дама има 51 година и живее во Скопје. Сопруга, мајка на два сина и баба на две внучиња. По професија сликарка, која времето го поминува во својата галерија. Вели, креативноста и е хоби од дете, а љубовта кон уметноста успеала да ја преточи во професија која е препознатлива. Ни открива дека била многу темпераментно девојче, кое фарбало сè што ќе дофати, возела мотори и ден денес ги обожува, иако призна дека мајчинството ја скротило. Сега тој темперамент е пренасочен во силните бои што ги користи во уметноста. Како адолесцент била специфична девојка која се облекувала чудно за тоа време, но некако секогаш се издвојувала во стилот токму поради тоа што сама си ги креирала облеките. Открива дека уметноста и е еден вид медитација што ја крепи да остане жива, секако, покрај семејството и внуците.

Нејзината приказна, подоцна низ годините е нешто што никој не би сакал да доживее но исто така и одличен пример за храброст, истрајност и силна волја.

Прв пат со дијагнозта канцер се среќава на денешен ден, пред точно 3 години. По тој повод само за Женски магазин одлучи да ја раскаже својата приказна за борбата со канцерот и епилогот од истата, упатувајки силна порака до сите „соборци“.

- Како и секој ден и тоа утро станав и се спремив за одење во галерија. Се беше во ред, си цртав, имав купувач на кој требаше да му спакувам нешто. Кревајќи ја десната рака да земам кутија осетив страшна болка во градата. Веднаш се јавив на мојата докторка којашто одма ми закажа за наредното утро да одам на контрола. Со оглед дека после првото породување имав циста којашто редовно ја контролирав и празнев чим се воспалеше, па така беше и овој пат. Докторката одма ме стави на мамографија и доволно ми беше кога и го видов ликот за да знам дека нешто не е во ред. Ја испразни цистата. Туморот беше под цистата и јас никако не можев да го напипам. Одма зема биопсија. Требаше да ги чекаме резултатите иако таа немаше сомнеж дека е малигно. Страшен дијагностичар. Бев отидена сама на контрола. Не знам како излегов од болницата. Седнав во кола и запалив цигара. Си реков: Собери се Анжелика треба да соопштиш неубави вести. Знаев што следи, со оглед на тоа дека изгубив две другарки од рак на дојка, гледајќи низ што поминуваа. Но, кога почувствував на своја кожа и тоа како не сум знаела низ што поминувале.

Се јавив на сопругот, линијата беше зафатена, па на постариот син, исто-зафатено. На крај на помалиот син и го добив. Тие сите тројца беа заедно на работа. Му реков сине, немам добри резултати, нешто не е во ред. Како стигнав до дома не знам, не знам ни како возев. Тие стигнаа неколку минути после мене. Џабе си повторував дека не треба да ги паничам и да плачам, кога им ги видов очите не издржав, се расплакав. Знаев и тие низ што ќе поминуваат, но за жал не можев да ги поштедам. Тие си заминаа (живеат сами), влегов во бања и тогаш пукнав. Искрено врескав на глас. Сопругот исплашен да не си наштетам нешто веднаш дотрча. Се изнаврескав, се завртев и му реков: Ќе го решам и ова, и нема да го честам гостинов со солзи. За 4 дена стигнаа резултатите. Малигно. Одма отидов кај докторот. Ги виде резултатите и рече дека мора мастектомија. Реков: Во ред, исчистете ја и другата. Малку се помисли но сепак го стори тоа. 

Лежев 4 дена и се помина во ред, го исфрливме гостинот. Сестра ми беше со мене месец дена додека закрепнав за да почнам со терапии. Цело време ја мислев мајка ми. За дете најмногу боли нели. Но морав да мислам и на себе. Одбрав добар онколог . Човек кој овие три години ме држи во живот и јас многу му верувам. Многу е отворен и искрен. Примив 6 хемо терапии и 16 херцептини, сега сум на таблетарна терапија. Од прв ден сум постојано на работа тоа ме исполнува. Оваа како и секоја болест бара борба, и јас секојдневно се борам. За овие три години многу се променив. И не може да не се промениш. Мора да се ставиш на прво место за да можеш да живееш. Прво за себе и нормално за тие покрај тебе. Научив да не ја хранам тагата и стресот кои се накотија во галони, и се клучот за оваа болест. 

Пред да се случи ракот имав доста стресни ситуации, пропратени со тага, и кога си реков доста е, се случи ракот. Затоа чувајте си го здравјето . Учите да се носите со емоциите за да си ја сочувате душата. Редовни контроли, само тоа може да ви го спаси животот, во најмала рака да ви го продолжи. Поддршката е исто така важен фактор. Тука се моите најблиски но ќе ги споменам и моите сестри по дијагноза, кои се/сме тука една за друга. Реално ние соборките најдобро се разбираме, и сме си поддршка го минуваме истиот пат кој е мачен пропратен со болка, тага, страв но и многу љубов. И само така сплотени заедно можеме и мораме.

Ние не сме хероини затоа што сакаме тоа да бидеме, болеста не научи да се бориме. Ниедна болест не се победува, туку се држи под контрола. Така и оваа. Дадена ни е шанса да се бориме, и ќе се бориме. Верувам дека сите сме со некаква мисија на овој свет. Верувам и дека мојата мисија е да креирам убави нешта и да ги радувам луѓето со тие убавини. Да ширам љубов, да помагам и да се борам за подобро утре за сите нас. Мојата мисија продолжува, заврши Анжелика.


Елеонора А.