Анета ја оживува традицијата преку уникатните дела: Една од ретките кај нас која од македонските народни везови создава современи дизајни

Таа е дипломиран историчар на уметност и археолог, а делата што ги создава се уникатност .

Инспирирана од македонската традиција, посебно од македонското културно наследство и раскошните народни везови, Анета Атанасовски е една од ретките кај нас која создава различни дела . Вели дека ѝ било голем предизвик народните везови да ѝ послужат како инспирација за да креира современи дизајни. Притоа, во создавањето на дизајните, ја задржува автентичноста на мотивот, шарата, стилизирајќи ги обликот и линиите со што создава современ израз.

Колку денес луѓето знаат да препознаат дело во кое е вложено многу труд, посебно ако е поврзано со традицијата на еден народ и држава како нашата, и сѐ околу нејзините уникатни дела, Анета ни открива во интервјуто подолу.

ЖМ: Анета, изработувате уникатни, дизајнирани производи, инспирирани од македонското културно наследство и раскошните народни везови –Кажете ни како се роди идејата?

- На целиот концепт работев повеќе од 2 години. Многу истражувања, теренски и со користење на стручна литература. Премногу изработени цртежи и скици. Долг процес кој резултираше со Акреа која во 2023 го виде светлото на денот. Замислата на концептот е поврзување на минатото и традицијата со современото. Со користењето на производите на Акреа во секојдневието, истовремено се поттикнува промоцијата на културното наследство и запознавање со истото. Идејата произлезе од љубовта и почитта кон нашето културно наследство и богатата народна традиција. Мојата професија и искуството придонесоа во креирањето на целиот концепт. Концепт на креативен и современ израз на културното наследство и традицијата.


ЖМ: На Инстаграм сте потпишани под името Акреа- што значи тоа, има ли некое посебно значење и зошто баш тоа?

- Зборот „акреа“ потекнува од старо македонскиот ( античко македонскиот) јазик со преубаво значење „ќерка“. Истовремено, по некоја случајност претставува кратенка од првата буква на моето име и зборот "креативност"

ЖМ: Какви производи најчесто изработувате?

-Акреа е колекција од различни производи како: памучни торби, подметувачи за чаши, магнети, бележници за книги, маици, чаши. Во иднина, колекцијата ќе се збогатува и со други интересни производи.


ЖМ: Една од ретките сте во Македонија со ваквите уникатни дизајни, како ви текна да се инспирирате од традицијата?

- За мене претставуваше голем предизвик народните везови да ми послужат како инспирација за да креирам современи дизајни. Притоа, во создавањето на дизајните,ја задржувам автентичноста на мотивот, шарата, стилизирајќи ги обликот и линиите со што создавам современ израз. Инспирацијата произлезе од мојата фасцинираност од сите елементи на македонската народна носија како : вековноста, вештината на македонската жена, пренесувањето на традицијата од поколение на поколение, убавината, раскошот, мистичноста, колоритот, начинот на изработка на конците. Ќе издвојам еден интересен момент познат на малкумина, а тоа е дека многу пати во минатото, везовите биле користени како тајни кодови со кои требало да се пренесе некоја порака. Покрај везовите од различни краеви на Македонија, креирав и дизајни инспирирани од археолошките артефакти- едни од најзначајните откритија во македонската археологија.



ЖМ: Целиот производ е ваша изработка-од почеток до крај. Кажете ни како оди целиот процес до еден финален производ?

-Процесот на создавање на еден производ е сложен и долготраен. Прво, користам стручна литература за да добијам повеќе информации за мотивот. Потоа, за мотивот изработувам цртеж за кој понекогаш ми се потребни 2-3 дена, зависно од сложеноста. Во следната фаза цртежот графички се обработува со соодветна компјутерска програма. Се креира фајл кој е подготвен да се аплицира на производот со помош на печатење. Во текот на целиот процес имам многу консултации со соработниците.

ЖМ: Каква е реакцијата од луѓето, какви коментари добивате?

-Нескромно ќе кажам дека сите реакции и коментари од луѓето се без исклучок многу позитивни. Постојано добивам реакции на воодушевување и честитки. Сето ова особено ме радува и мотивира.


ЖМ: Мислите ли дека е ценет вашиот труд, и слични како вашиот на пазарот кај нас, дали луѓето знаат да препознаат дело во кое е вложено многу?

-Во последно време, луѓето стануваат сѐ посвесни за вредноста, вложениот труд и љубовта, и сѐ повеќе се вреднува и почитува нашата работа. Сепак и покрај овој факт, не е едноставно да се доближи твојата приказна до луѓето. Затоа што за мене, тоа не се само обични производи туку тие се дел од мене и го претставуваат тоа што сум јас.


ЖМ: Дали е лесно да се заработува преку социјалните мрежи?

-Воопшто не е лесно да се заработува преку социјални мрежи. Онлајн продажбата покрај предностите има и свои недостатоци. Малку е потешко да ја продадеш својата приказна и уметност на социјалните мрежи.


ЖМ: Која е вашата професија, раскажете ни нешто повеќе за вас?

- Јас сум дипломиран историчар на уметност и археолог. Повеќе години работев како конзерватор. Во моментов, се занимавам со едукација, стручен соработник, организатор и едукатор на креативни и едукативни работилници за деца. Исто така, сум и сертифициран интерпретатор на културно и природно наследство , член на ИКОМОС Македонија и дизајнер.


ЖМ: Како изгледа еден ваш ден?

- Денот задолжително почнува со кафе. Потоа започнува позитивниот и креативен хаос . Завршување на различни обврски, реализирање на нарачки, комуникација и соработки со многу луѓе. Работа на нови дизајни. Најубавиот дел од денот и животот воопшто е времето поминато со семејството, пријателите, ќерката, мојата најголема инспирација и мотивација. Слободното време и деновите без обврски ги поминувам со книга, кафе, цртање и сликање, фотографирање- моја голема љубов исто така. Прошетки на Скопска Црна Гора, во нашата преубава Чаршија, посета на изложби а душевниот мир си го наоѓам во нашиот најубав Охрид.


Ирена Ставрова