Ана Бунтеска: Како секој од нас по две срца да имаше

ти и јас не се гушкавме ко’ нормални луѓе 

никогаш 

ама баш никогаш така не се имавме гушнато 

ти и јас се гушкавме како давеници 

токму така 

како да ќе потонеме ако се пуштиме 

и вода ќе се изнаголтаме 

ти и јас се држевме како... 

мало дете – раката мајчина 

за да не се струполи на земја

како старци – бастунот 

за да не се тетерават 

ете така знаевме 

така умеевме еден со друг 

грчевито да се држиме 

ко ветар да ќе нѐ одвее 

ко’ бршлени еден во друг заплеткани 

да не можеш ниту почеток 

ниту крај да им најдеш 

да не се знае каде едниот почнува 

а другиот завршува 

мачно е пустото 

мачно е да љубиш човек за да го гушкаш така 

како да ќе ти го снема виделото 

ако не се залепиш за него 

како да си ја гушкаш сопствената сенка 

без која не си ти – ТИ 

памтиш? 

ти и јас

памтиш ли како се гушкавме? 

како две срца да имавме 

ете така ко’ ќе се залепевме 

на мојата десна града 

твоето срце биеше 

а од левава моето пиле пееше 

и двете во ист ритам чукаа 

како поулавени 

како деца растрчани 

силно и брзо 

твоето и моето срце како едно 

моето кај тебе 

твоето кај мене 

како секој од нас по две срца 

а одделени без ниту едно 

и чукаа 

силно... силно


За Женски магазин, поетеста Ана Бунтеска