Ана Бунтеска: Еден и единствен збор

Ете,

не успеав збор да најдам

со кој нашето ќе го опишев

или во него себе и тебе да н` зберам

та само од тој еден збор книга да ти напишам

во која нема да можеш да го доброиш

или, пак, ќе почнеш

па на пола пат раце ќе кренеш

и луда ќе ме наречеш.

Ете,

колку умов и да врти

таков збор не успеа да роди

и од него приказна за нас да сплетев

оти за други плетки рацеве не знаат

та цел чаршаф од еден збор ќе исткаев

доволно топол за на зима

и доволно тенок за по горештини да се покриеш.

Ете,

на сета моја љубов

таков збор не најдов

ниту веќе го барам

оти јас, па, и не знам со збор да ти кажам

дека ми фалиш до бол

и дека болката веќе друга димензија има

дека се шири и собира ко жива да е

ко дете расте и се развива

ама, ете,

не ~ се радувам ко мајка на чедо

ниту сакам да потпорасне уште малку

оти и ваква чуму ми е

иако само ~ молчам

и не се обидувам да ја излечам

само чекам

и жива да не сум ако знам што чекам

ниту знам кога ќе мине

а уште помалку и дали некогаш ќе ми минеш

та ја прифаќам како нешто од што бегање нема

и само надеж имам

дека едно утро ќе се разбудам

со нов збор во умов

кој сиот бол ќе го замени

и кој дупкава во градиве ќе ја пополни

кој ќе успее да ме залечи

кога веќе сама не знам и не можам

тој еден збор

еден и единствен

во која сета моја љубов ќе ја собере


За Женски Магазин, Ана Бунтеска