ТАА Е...АНА АНТОВСКА! “ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ Е НАЈБЕЗБЕДНОТО МЕСТО НА СВЕТОТ, КАДЕ ШТО СЕКОЈ ЧОВЕК ЗАСЛУЖУВА ДА СЕ НАЈДЕ”

Фото: Александар Билјановски-Дадар

Ќе ве плени со очите и сјајот во нив, ќе ве насмее со неверојатната смисла за хумор и ќе ве остави воодушевени со елоквентноста. А кога ќе ја читате, ќе бидете целосно внесени во приказните кои ги плете со леснотија и кои ќе ги впивате до последен збор. Ја имав честа да бидам рецензент на нејзината најнова книга која ќе биде наскоро издадена и во која уживав со сите сетила. Таа е нутриционист, писателка, текстописец. Таа го збогати мојот живот со своето присуство, секогаш ме остава без здив од смеење во нашите маратонски разговори, зачинети со топлина и меѓусебна поддршка. И да не должам, уживајте во нашиот муабет...убедена сум дека на крајот од интервјуто ќе го имате истото чувство за неа, токму онакво какво што е и моето.

Ladies and gentlemen… АНА АНТОВСКА

ВЕЌЕ 10 ГОДИНИ РАБОТИШ КАКО НУТРИЦИОНИСТ ВО ПРИВАТНАТА БОЛНИЦА АЏИБАДЕМ СИСТИНА. ШТО Е ПОКОНКРЕТНО ТВОЈАТА РАБОТА?

Да, ја имам таа чест и задоволство веќе десет години да бидам дел од ова големо семејство, кое буквално го доживувам така. Семејство, во кое се преплетуваат професионалниот живот и емоциите, бидејќи со некои од моите колеги се родија искрени пријателства. Мојата работа се состои од неколку сегменти, во кои спаѓаат нутриционистичката поддршка на хоспитализираните пациенти преку изготвување на општи или на индивидуални диетотераписки протоколи на исхрана, согласно нивната здравствена состојба. Учествувам во конзилијарниот пристап на пружање медицинска нега, во кој исхраната игра значителна улога кај одредени постоперативни пациенти или кај оние коишто конзервативно се лекуваат во нашата болница. Потоа, вршам севкупна контрола на системот при изготвување на оброците, од квалитет и избор на намирници до органолептичка контрола на истите. Имено, јас сум и ХАССАР координатор во болницата. Тоа значи дека се грижам за контролата и одржувањето на овој стандард, кој преставува систем со чија помош се врши идентификација, проценка и контрола на опасностите што се значајни за безбедноста на храната. 

Исто така правам и нутриционистичка проценка кај индивидуи кои имаат потреба од промена на животните навики заради покачена или намалена телесна тежина, при што изготвувам диететски протоколи кои им помагаат да ја постигнат таа цел. Покрај тоа, изработувам и персонализирана диетотераписка исхрана кај клиенти кои имаат таква потреба, заради одредена здравствена состојба

КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ИСХРАНАТА, КАДЕ НАЈЧЕСТО ГРЕШИМЕ И КОИ СЕ ТВОИТЕ ПРЕПОРАКИ?

Од моето досегашно искуство, нередовните оброци, честото и прекумерно внесување на прости шеќери, вечерниот зголемен калориски внес и непрактикувањето физичка активност, недоволното спиење, честото консумирање алкохол, се главните причини за покачувањето на телесната тежина. Препорачувам сите горенаведени работи да се исклучат, а исхраната да се состои од доволен внес на растителни влакна преку свеж зеленчук и умерен внес на свежо овошје. Потоа да се внесуваат протеини со консумирање риба, мешунки, печурки, и јајца, како и здрави масти преку консумирање на маслиново масло и сирови јаткасти плодови. Советувам да се пие најмалку 1,5 л. вода на ден, да се практикува редовна физичка активност и да се спие најмалку 7 часа во текот на ноќта, но да се оди во кревет што порано.

ОСВЕН ТВОЈАТА ПРИМАРНА ПРОФЕСИЈА, ГОЛЕМА СТРАСТ ТИ Е ЧИТАЊЕТО И ПИШУВАЊЕТО. КАКО ЈА ОТКРИ ДРУГАТА АНА ВО СЕБЕ?

Со пишување на текстови за песни започнав многу одамна. Имено, имав чест и задоволство со своите зборови да оживеам неколку песни кои беа големи хитови на почетокот на овој милениум, како „Вистина„ и „Необичен круг“ кои ги компонираше и ги испеа Биба Додева, потоа „Не сакам да знам“ на Ребека, „Овој град е магичен“ на ДСГ и пред три години дебитирав како текстописец и соработував со неверојатниот композитор и аранжер Роберт Билбилов, на фестивалот „Макфест“ . Па така, се роди песната „Твоја“ во изведба на Марија Данева и освои трето место.

Но, идејата да напишам роман ми се појави пред повеќе од две години и решив да се обидам да го направам тоа. Така се роди мојот прв роман „Совршен допир“, кој го издаде издавачката куќа „Сакам книги“,  кој читателската публика многу убаво го прифати. Постојано добивам пораки од читателите кои ме прават навистина среќна. Така, откривајќи ја силната желба да креирам, ѝ се препуштив на фантазијата и сега не можам и не сакам да застанам. Оваа нова Ана е среќна, исполнета и благодарна за дарбата која ми ја дарил Бог, да си играм со сопствените мисли и чувства и да ги ставам на хартија, а при тоа да уживаат оние кои читањето вистински ги исполнува.

И самата читајќи и впивајќи ги сите тие прекрасни книги, прави да ѝ дарам на мојата читателска публика, книги во кои целосно се вложувам и кои сакам да бидам вредни за нивното време.

СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА И ДВЕТЕ ТВОИ ПАСИИ СЕ ДИЈАМЕТРАЛНО РАЗЛИЧНИ ЕДНА ОД ДРУГА, КАДЕ ГО НАОЃАШ БАЛАНСОТ?

Токму фактот дека двете мои пасии се дијаметрално различни, придонесува да бидам максимално исполнета, бидејќи монотонијата се исклучува како можност, која можам да кажам дека навистина ја презирам. Тоа е главната причина која ја дефинира мојата среќа и исполнетост.

ВО НАЈАВА Е ТВОЈОТ ВТОР РОМАН. ДАЛИ ЌЕ ОТКРИЕШ НЕШТО ПОВЕЌЕ ЗА НЕГО ЗА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ?

Токму така, мојот втор роман „Шепотот на судбината“ е готов и треба да излезе од печат за некое време. Многу се радувам заради тоа, особено затоа што напишав книга која јас би сакала да ја читам. По многу работи се разликува од првата и во неа се препознава мојата писателска зрелост. Многу сум горда на секој напишан збор, секоја реплика, на секој лик кој го изградив и тоа со многу љубов. Неверојатно се пронајдов себеси пишувајќи го, мислам од авторски аспект. Се работи за романса со примеси на драма елементи, која е богата со длабоки емоции, хумор и во еден дел тага, во кои се надевам многумина ќе се пронајдат. Се работи за современа, модерна, динамична приказна, која ќе ве натера, со нетрпение да ја вртите секоја наредна страница. Еве, за читателките на Женски магазин заедно со уредниците на истиот спремаме изненадување кое се состои во извлекување на три читателки по случаен избор кои ќе ја добијат на подарок „Шепотот на судбината“ на промоцијата за која дополнително ќе бидат известени каде и кога ќе се одржи, се разбира со посвета.

ВЕРУВАШ ЛИ ВО ЉУБОВ, ОНАКВА КАКВА ШТО ЈА ИМА ВО КНИГИТЕ? КОЛКУ НИ НЕДОСТАСУВА ЉУБОВ ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ?

Мислам дека не би можела да не верувам во љубов онаква за каква што се пишува во книгите, љубов за каква што јас пишувам. Да, верувам во искрена, чиста и исконска љубов, затоа и станав романсиерка. Но, реалноста во која живееме, говори нешто сосема друго. Таа ни покажува дека за жал, не значи дека секој од нас ќе доживее таква љубов која искрено на сите им ја посакувам, затоа што љубовта е единственото нешто коешто може да не подигне од пепелта и целосно да нѐ преобрази во секој поглед. Секој треба да почувствува вистинска љубов, а вистинската љубов мотивира, воздигнува, исцелува. Вистинската љубов не предизвикува болка, не е деструктивна, не распарчува ничија гордост, не вклучува манипулација, страв или несигурност. Вистинската љубов е најбезбедното место на светот, каде што секој човек заслужува да се најде. Но, секој си има свои приоритети, надежи, аспирации, така што таа за секого не е подеднакво важна.

ВО ЕДЕН ОД НАШИТЕ РАЗГОВОРИ, МИ НАПОМЕНА ДЕКА СУДБИНАТА ИГРА ГОЛЕМА УЛОГА ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ. КАДЕ ЗАВРШУВА СУДБИНАТА, А КАДЕ ЗАПОЧНУВА НАШИОТ ИЗБОР КАКО ЌЕ ГО ТЕРАМЕ ЖИВОТОТ?

Тие постојано се испреплетуваат. Сметам дека сите сме онаму каде што треба да бидеме, бидејќи судбината ни го покажува патот, а ние сме тие коишто одбираме дали ќе тргнеме по него или не. Судбина на некој начин е сублимат од нашите мисли, очекувања, уверувања и секако постапки. Јас не верувам во случајности. Верувам дека сé се случува со некоја причина и дека секое искуство коешто го живееме, има за цел да не научи нешто. Некои од нив се благослови, други се лекции и тие искуства не дефинираат како личности. Луѓето коишто ги среќаваме низ животот исто така не се случајни. Секој од нив треба да ни донесе нешто и ние ним. А колку ќе бидат присутни, за тоа одлучуваме самите.

ПИШУВАЊЕТО БАРА ГОЛЕМА ПОСВЕТЕНОСТ, УПОРНОСТ И ВЕРБА. ИМАШ ЛИ ПОСЕБНО ВРЕМЕ ИЛИ РИТУАЛИ ВО ТОЈ ПРОЦЕС?

Пишувањето навистина бара голема посветеност. Со оглед на тоа дека слободно време имам во попладневните и вечерните часови, како и за време на викендите, тогаш и пишувам. Немам никакви ритуали. Важно ми е да сум доволно одморена за да можам да се препуштам на таа магија, која знае убаво да ме истроши. Но, тоа искуство е слатко, така што не би го менувала за ништо.

ШТО ПРАВИШ ВО СЛОБОДНОТО ВРЕМЕ? ИМАШ ЛИ ВООПШТО СЛОБОДНО ВРЕМЕ ОНОЛКУ КОЛКУ ШТО ПОСАКУВАШ?

Немам слободно време колку што посакувам, но претежно читам и се дружам со неверојатни луѓе, чие присуство ми го бои животот во прекрасни бои.

ЗНАЕЈЌИ ТЕ, А НЕ ПОЗНАВАЈЌИ ТЕ ЧИНАМ ДЕКА ВЕЌЕ ИМАШ ВО ГЛАВАТА ИДЕЈА ЗА НОВ РОМАН ИАКО ДОПРВА ТЕ ЧЕКА ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА КОЈА НАСКОРО ЌЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ. ДАЛИ ПОВТОРНО ЌЕ НИ ГИ РАЗГАЛУВАШ СРЦАТА СО ЉУБОВ ИЛИ ЌЕ ПЛОВИШ ВО НОВИ ВОДИ?

Неверојатно, но да, имам веќе идеја за наредните две книги коишто сакам да ги напишам. Сакам да направам серијал од „Шепотот на судбината„ кои нема да бидат продолженија на таа книга, туку како главни ликови во секоја наредна, ќе бидат некои од споредните ликови, од оваа. И секој нов роман ќе може да се чита засебно. За сега не би го менувала жанрот, но никогаш не се знае. Можеби некогаш ќе напишам трилер.

ОТВОРЕНА СИ И ИСКРЕНА, СЕ ДАВАШ СЕБЕСИ ЦЕЛОСНО ВО КОМУНИКАЦИЈА СО ЛУЃЕТО. КОЛКУ ДЕНЕС ВРЕДИ ДА Е ЧОВЕК ОТВОРЕН И ДАЛИ ТОА ПОВЕЌЕ ТИ НОСИ БОЛКА ИЛИ РАДОСТ?

Точно е дека сум отворена и искрена, но не се давам секому целосно во комуникацијата. Секоја релација ми носи ново искуство и затоа вреди, па и оние горчливите, кои ме потсетуваат дека сакам само убави работи. Моето искуство е богато со убави приказни кога комуникацијата е во прашање, затоа што со текот на времето научив како да ѝ верувам на интуицијата во секој поглед. Тоа ме прави претпазлива и ми дава можност правилно да одбирам. Моето мото е „биди секогаш љубезна и чесна и не прави им го на другите, она што не сакаш да ти го прават на тебе“. Тоа значи дека мојата совест е мирна и дека безгрижно заспивам, а при тоа научив и како да се штитам.

СЕ КАЕШ ЛИ ЗА НЕШТО ВО ЖИВОТОТ? БИ СМЕНИЛА ЛИ НЕКОИ РАБОТИ АКО МОЖЕШ ДА СЕ ВРАТИШ НАЗАД ВО ВРЕМЕТО?

Одамна не се каам за ништо, затоа што не би била личноста која сум денес, без сите порази, лузни и негативни искуства кои сум ги доживеала. Како што кажав, сите сме онаму каде што треба да бидеме.

ЗА КРАЈ, ШТО БИ НИ КАЖАЛА А НЕ БИЛО ДОСЕГА КАЖАНО ЈАВНО?

Не сум кажала до сега, дека кога сум во период на пишување книга, во слободното време, размислувам во себе како да изговарам реплики и дури на моменти така и разговарам со блиските. Знам дека е малку откачено тоа, но што да се прави, таква сум  и не ми лошо искрено (се смее). 

За крај...драга моја Ана, да ти се множат книгите и да блескаш на твојата промоција која со нетрпение ќе ја очекувам. Ти благодарам за одвоеното време и честа да си дел од ТАА Е...

Да си најдиш жена до себе

Со која сонцето секое утро ќе ти свети

И на лето и на зима

Жена која со насмев ќе те буди

И која сама за себе причина за среќа ќе ти биди

Да си најдиш жена до себе

Која од куќата ќе знај дом да ти стори

И домот топол ќе го држи

Со блискоста своја кон тебе

Која ќе те чува ко дете и маж

Љубовник и пријател

Која сенката ќе ти ја сака

И во твојата својата ќе ја стопи

Да си најдиш жена до себе

Која здивот ќе ти го љуби оти живот ќе и’ дава

А ќе се храни со бакнежот твој

Која од очите ќе ти чита и усните неми ко ќе ти се

И која од душата ќе извези постела за двајца

Жена која не ќе се трга од тебе ко ќе ја гушниш

И која болењето на глата со водење љубов ќе го лечи

Да си најдиш жена до себе

Која после љубовна ноќ не ќе трча да те измие од себе

Туку до тебе ќе лежи замачкана од сокови

Од твоето семе и пот

И која на градите ќе ти заспие слушајќи те како дишиш

Да си најдиш жена која и кога се расправа со тебе

Во гласот љубовта ќе и’ ја сетиш

И која и кога ќе вика на крај ќе те праша дал си гладен

Чија суета ќе биди помала од вашата љубов

А љубовта секогаш поголема од сите раздори

Жена до себе да имаш која ќе преди ко мачка

И милост во очите за тебе ќе има

И која ќе знај кога да ти преќути

А кога до последно да вреска

Која ќе те почитува и ко ќе и’ иди

Очите од бес да ти ги ископа

И нема да е покорна

Нема кротка да е оти така треба

Туку оти таа така сака

Оти тебе ми те сака појќе од инаетот

Да си најдиш жена до себе 

Со која муабет ќе имаш

И чие тело по твоето ќе се обликува

Која ќе се обвиткува околу тебе ко бршлен

А пак своја ќе е

Која за тебе светот наопаку ќе го сврти

Ама ќе знај и да ти кажи “истај се сега оти ќе пишувам”

Жена да си најдиш која ум во глата ќе има

И свое мислење за се’

Ама која ќе знај како да ти ги кажи нештата

Која ќе те остај маж да бидиш

Ама тоа да не ја направи помалку жена

Помалку силна или мудра

Која ќе ти попушти оти и’ се сака

И која борба со тебе ќе води

Оти така и’ се можи

Да си најдиш жена која гордо до тебе ќе чекори

Еден до друг и чекорот ист ќе ви биди

Ниту пред тебе да трча ниту пак зад тебе да се влечка

Жена која со крената глава за рака ќе ја држиш

И која жедно со очи ќе ја пиеш

Која втора полојна ќе ти биди

А без неа никогаш цел не ќе си

Совршена жена, таква да си најдиш

И не да е најубата

Ниту најпаметната да биди

Туку совршена за тебе

Која ќе знај како да те љуби

Оти љубовта таква гола за ништо не ја бива

Која ќе знај на каков начин да те сака

Жена таква да си имаш до себе 

Како онаа онде-оној што го љуби

Како месечината-сонцето

И дождот-ветрот, како јас-тебе

Ана Бунтеска