„Велигденските празници се како рефлексија врз значењето на обнова и надеж“: Празнично со Симона Поповска

Пред нас е Велигден. Еден од најголемите христијански празници и поради својата суштина се издвојува од сите други денови. Велигденските обичаи се разликуваат од регион до регион, но симболиката е секогаш иста: победата на животот над смртта.

Велигден го претставува самото јадро на христијанството, кое е победата над смртта преку жртви и страдања. Додека се слави Велигден воскресението како една од најважните догми на христијанството, важна е и подготовката на верниците за овој празник. 

Велигден е ден на радост. Бијат црковните ѕвона, а луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“, со задолжителен одговор „Навистина воскресна“. Велигден е семеен празник и се слави со присуство на сите членови на семејството и со задолжителната празнична трпеза што го означува крајот на четириесетдневниот пост.

По тој повод, денес за празниците разговараме со докторката и пејачка Симона Поповска.

ЖМ: Симона, пред нас се најубавите денови - Велигденските празници, што за вас значи овој празник?

- За мене, Велигденските празници се време за заедничко славење со семејството како и рефлексија врз значењето на обнова и надеж. 


ЖМ: Како и каде ќе ги поминете празниците?

- Празниците ќе ги поминам со семејството, во моето родно место. 

ЖМ: Колку се радувате на вапцувањето јајца, кој во вашиот дом е задолжен за оваа техника? 

- За мене вапцувањето јајца од секогаш ми било највозбудливиот и најинтересниот дел , а во нашиот дом, секој семеен член има улога во оваа традиција.

ЖМ: Како млада домаќинка и мајка, дали ја практикувате традицијата да станете наутро пред изгрејсонце на Велики четврток и да вапцате јајца? 

- Да, како млада домаќинка и мајка, ја негувам традицијата и станувам наутро пред изгрејсонце на Велики четврток да ги вапцам првите јајца, за кои е важно да го пречекаат изгрејсонцето и едно да се чува преку целата година.


ЖМ: Колку вашите деца му се радуваат на Велигден? 

- Уште од малечки се вклучени во секоја традиција на нашите големи празници, претходно им објаснувам, пееме песнички особено „Кажи ми мамо Велигден што е“ па така особена радост е вапцувањето, а секако и изненадувањата што следат . 

ЖМ: Имате ли некој специјалитет кој секоја година го подготувате на Велигден – како традиција? 

-Да, специјалитет кој го подготвуваме секоја година на Велигден е традиционалниот велигденски милиброд како и специјалитетот на мајка ми за вкусно јагнешко. 


ЖМ: Што ви буди Велигден од детството, се сеќавате ли како ви поминуваа празниците како мали?

Велигден од детството за мене беше време на радост, игра и забава со семејството и пријателите .


Ирена Ставрова