Ана Бунтеска: Го превртев светот

Го превртев светот

Само за да дојдам до себе

Без каење и вртење назад

Ниту мисли од кои чекорот ми забавува

Кај нив ете ставив СТОП знак

А како секој добар возач

Ги почитувам правилата

И сопирам пред да ме проголтаат

Та си го слушам срцето

Кое чука бавно и силно

Во ритам од кој музика создавам

И си велам дека добро е

Дека уште работи и не заборавило

Дека треба да пумпа крв во жиливе

Го превртев светот

Оној во кој удобно се сместив

Откако си замина

И со себе го однесе денот

Кој се’ уште ми недостасува

Оти налет годината во која ден фали

Па се учам без него да живеам

Или без тебе, сеедно

И сега создавам нов ден

Кој ќе го сместам меѓу минатото и иднината

Во кој ништо нема да правам

Освен што ќе си ги бројам вдишувањата

И силата на издишувањата кои сум ги голтнала

Го превртев светот

Како добра домаќинка која спрема генералка

Та куќата наопаку ја превртува

За да зачисти се’ што останало по ќошиња

И забришувам спомени

Со чисто крпче и мирис на портокал

Некои ги пакувам во големи црни вреќи

И ги оставам пред врата

Цврсто стегнати на врвот

За да не им текне да се вратат

Или мене кај тебе да ме однесат

Поминувам по подот 

За да ги извадам и последните остатоци 

Од твоите стапалки

Та одвреме навреме

И по душава зачистувам

Оти таму најдлабоко се втиснале

Го превртев

Сиот мој свет го превртев без милост кон себе

Без око да ми трепне

Или не дај Боже, солза да ми капне

И некако полесно станува

Без товарот кој во себе го имам

Оти не само годината

Туку налет и животот

Ако на плеќи човек носиш

Чија сенка ко црна земја тежи

Погледнувам угоре

Како небото да ги има сите одговори

Во црните облаци

Од кои секој миг ќе заврне

Во душава ќе заврне


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Уметница Билјана Велковска, „АртСтудио Велковска“