Во Делчево има 33 лица во самоизолација, граѓаните послушни: Родне Деолска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Начинот на живот којшто го имавме досега нагло се промени, граѓаните се исплашени, дечињата исто така се исплашени и сите остануваат дома, по препораките на надлежните за заштита од новонастаната ситуација, односно за заштита од коронавирусот.

Женски магазин, контактираше со свои соработници низ неколку места од државата и ги праша, како се одвива сега животот во нивните општини, што велат граѓаните, каков е билансот на лица во самоизолација и дали некаде има дополнителни проблеми.

Родне Деолска од Делчево, сподели со читателите на Женски магазин дека во Делчево генерално се почитуваат препораките, но дека најмногу се чувствува отсуството на граѓаните од соседна Бугарија, кои беа редовни муштерии особено во сабота на пазарниот ден во Делчево.


„Факт е дека ситуацијата нагло се промени како и насекаде низ државава ама мора да се справуваме и придржуваме кон мерките. Во Делчево се забележува релативно мала раздвиженост, кафулиња и ресторани не работат, освен пекарите, маркетите, банките и аптеките кои имаат воведено шалтерски систем на работа со ограничен влез на потрошувачи.  Она што можеби и најмногу се забележува е тоа што Делчево беше препознатливо по  присуството на граѓани од Бугарија особено во сабота кога е пазарен ден. Сега со затворање на граничниот премин од пред некој ден , ќе се редуцираат и оние малкуте кои доаѓаа последните две недели. Оваа ситуација без сомнение ќе има последици на локалната економија ама сите се надеваат на некоја поддршка кога ќе се надмине проблемот“, вели Деолска.


Чаршииските муабети, во мали места а особено во вакви услови во Делчево има, а Родне вели дека сега овие муабети се најмногу поврзани со повртаници од странство.

„Нормално е во вакви ситуации, а посебно во помали населени места како Делчево,  да има многу чаршиски муабети од типот на тоа дека има повратници од странство кои не се во самоизолација, дека снемува храна, маски, се споделуваат информации на алтернативни лекови за лечење или заштита, но сите мора да се воздржиме од се што дополнително ни создава паника. Она што е официјално е дека 33 лица во Делчево се во самоизолација и нема потврдени случаи на заразени. Намирници и заштитна опрема има доволно во овој момент, улиците во градот и селата се дезинфицираат, институциите исто така, формиран е кризен штаб, има отворени телефонски линии за помош на стари лица и социјални случаи и сите институции се вклучени во овој процес„, истакнува Родна.


 За читателите на Женски магазин Родне вели дека следи и споделува со нас само официјални информации, со семејството се придржуваат кон мерките на Министерството за здравство, а истото им го препорачува и на другите и што побрзо да се справиме со ова зло.


Н. Миланова