Со концертот на стадионот „Станица Карпош“ Бени Шаќири, Весна Бејби и Игор Џамбазов им ги затворија устите на неверниците
Игор Џамбазов преку социјалните мрежи ги искритикува организаторите на концерти во Македонија, поради нивната постојана желба да трошат огромни пари на носење на естрадни ѕвезди од странство, на сметка на нашите изведувачи, кои работат буквално за семки. Веднаш после тоа, неколку ентузијасти го повикаа да одржи концерт со Бени Шаќири и Весна Бејби, на стадионот „Станица Карпош“.
Пред Ковид кризата, секој што снимил по некоја песна, а живее и работи северно од Македонија, гостуваше тука, ни продаваше евтини излижани финти дека ние сме најдобрата публика, си ги собираше парите во џеб и ни се смееше веќе на првата патарина. И така, со години се одлеваа големи пари од Македонија за хонорарите на поп и фолк ѕвездите од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и поретко Црна Гора. Знаеме дека општинскиот колач предвиден за вакви настани е прилично ограничен, а не можат да се пофалат со дарежливост ниту газдите на моќните фирми во Македонија. Инстант ѕвездите од Србија, старите естрадни волци и волчици од Босна, Хрватска и Србија, кои зад себе имаат голем багаж и многу хитови, но и некои заборавени изведувачи, кои се активираа како членови на жири во некои многу гледани избори, повторно ги дочекаа своите пет минути веднаш штом се отворија границите. И попуштија сите Ковид мерки. Нивните хонорари како и пред тоа, повторно беа многу високи, а нашите естрадни ѕвезди беа принудени од истите тие менаџери и сопственици да собираат трошки при нивните настапи во истите дискотеки и кафулиња, во кои нивните странски колеги намлатиле големи пари. И нормално и очекувано беше да реагираат нашите музички ѕвезди, кои со години ја губат оваа борба со своите странски колеги. А се работи за отсуство на самопочит, односно за непочитување на сопствените културни и естрадни величини, на сметка на странските.
Факт е дека нашите музички ѕвезди не се присутни на нашите најгледани и најслушани медиуми. Исто така е факт дека последниве години недостасуваат повеќе нови хитови на македонските изведувачи, но крајно време е да научиме да го сакаме и почитуваме своето. Какво и да е. И да вложуваме во него.
Музиката во Македонија е оставена самата на себе и големите спонзори не сакаат ни да помислат да вложат во неа. А убаво им е кога ќе искешираат огромни пари за некоја силиконка убавица со сомнителни пејачки квалитети од странство или на некој латино „заводник“ од соседството. Да, за возврат ќе добијат неколку фотографии за Фејсбук. Од заедничката вечера, на која било и потесното семејство.
Синоќешниот музички настан во „Станица Карпош“ на кој настапија Бени Шаќири, Весна Бејби Петрушевска и Игор Џамбазов покажа дека и македонските изведувачи може да наполнат стадион. Впрочем тоа го стори и „Меморија“ пред една недела во салата Борис Трајковски. Им ги затнаа устите на сите неверници, кои пред настанот се сомневаа дека ќе биде тешко да привлечат публика во голем број.
И покрај тоа што дождот засилен со ветар паѓаше до почетокот на концертот, не ја спречи публиката во огромен број да дојде и да ужива во музиката на нашите изведувачи, зачинета со смеа за која беше задолжена Весна Бејби. Се создаде одлична атмосфера. На стадионот беа поставени маси за седење и стоење. Околу нив шанкови со пијалоци и јадење. Цената на билетот беше 250 денари. Во таа сума влегуваше и пијалок по желба.
Настанот го отвори Бени Шаќири со антологиската „Пушти коси“ на Зијан. Отпеа дел од хитовите на бендовите од екс ју просторите. Но, и свои песни, со кои ја размрда по малку „заспаната публика“. И уште еднаш докажа, со својот исклучително музички поткован бенд, дека суверено владее вокално на сцената. Иако стенд ап настапите на Весна Бејби траат час и половина, во оваа пригода имаше на располагање 30 минути, бидејќи како што нé информира во свој стил „Игор морал да се врати вечерта во Дојран, после концертот“ . Но, и тие минути за фантастичната Бејби беа доволни да ги насмее присутните и да им подели подароци – креми кои служат како сексуални помагала.
Последниот блок беше наменет за свирката на Игор Џамбазов и неговиот бенд. Нé потсети на неговите стари и нови хитовски блуз и џез рефрени, кои ги зачини со дел од анегдотите од неговиот живот. И откри дека веќе не конзумира алкохол веќе 4 години, 5 месеци и 17 дена. Игор, Гуру Харе и бендот беа одлични, како и секогаш. Свои и единствени.
Организаторот не застанува тука. Најавува нови музички настани со наши изведувачи во текот на летото. Нивната цел е „Станица Карпош“ да стане оаза на македонската музика и македонските артисти. Конечно!
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Вангел Тануровски
ГАЛЕРИЈА: