Зградите и обележјата во Скопје се осветлуваат во сина боја за децата

Овој Светски ден на детето, Владата, Собранието, ТАВ Македонија со Меѓународниот аеродром Скопје, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, кулите Џевахир, Халк банка, Амбасадата на Италија и други се приклучија кон УНИЦЕФ и Делегацијата на ЕУ да се осветлат во сина боја за децата 

Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето, вечерва и утре, зградите и обележјата во Скопје ќе се осветлат во сина боја како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата. Владата, Собранието, ТАВ Македонија со Меѓународниот аеродром Скопје, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, Халк банка, кулите Џевахир, Амбасадата на Италија и други се приклучија кон иницијативата.

“Осветли во сино“ за Светскиот ден на детето е глобална иницијатива. Постојат најави дека Европскиот парламент во Брисел, Шангај кулата во Кина, Пантеон во Франција, Акрополис на Атина во Грција, Палатата на мирот во Хаг, Холандија, Раштрапати Бахаван во Индија, Петра во Јордан, Куќата Фрида Кало во Мексико, мостовите на Босфор во Турција и многу други познати обележја ќе светнат во сина боја во 2019 година.

Секоја година на 20 ноември - по повод потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето - светот го слави Денот на децата. Оваа година - 30-годишнина од Конвенцијата - е посебна и е време да се преземат обврски за справување со некои од новите предизвици со кои децата и младите се соочуваат и да се искористат можностите на современиот свет. 

Заедно со Владата и во партнерство со Делегацијата на Европската унија, УНИЦЕФ во Северна Македонија организира низа активности за одбележување на 30-годишнината од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето.

•Училиштата низ целата земја пишуваа за “Иднината на детството“ како дел од активностите во рамките на “Најголемата лекција на светот“. Над 1300 деца ги доставија своите креативни дела, од кои дел ќе бидат изложени на состанокот на високо ниво во Владата “За децата, со децата“.

•Јане Велковски, 11-годишен застапник на лицата со попреченост од Северна Македонија ќе учествува на глобалниот самит на УНИЦЕФ во седиштето на Обединетите нации во Њујорк каде децата и младите ќе испратат повик за акција за заштита и унапредување на правата на децата. 

•Кампањата за активирање во социјалните медиуми “Каква иднина сакам за децата“ започна со претставување на почитувани членови на заедницата кои ги споделуваат своите пораки за иднината што ја посакуваат за децата и ја повикуваат јавноста да го стори истото. 

•Деца и млади ќе учествуваат на средба на високо ниво “За децата, со децата“ организирана од Владата во партнерство со УНИЦЕФ и Делегацијата на ЕУ, и Младински образовен форум. За настанот ќе следат дополнителни информации.