Женски Магазин од Будимпешта за време на коронавирусот: Дисциплина и без вондредна ситуација

Драги читатели, се надевам ме читате од вашите домови, затоа што останувањето дома и изолацијата е од неопходна важност во овој период. Ако сме доволно разумни и самосвесни, ќе се заштитиме пред се себеси, а следователно на тоа и другите околу нас.

Во Будимпешта нема вонредна ситуација, но вирусот е дијагностициран според последните информации кај 103 лица и 4 починати.

Неколку болници во Унгарија се ставени во функција за лица кои треба да бидат во карантин и како епидемиолошки места.

Границите се затворени, тоест од државата може да се излезе, но не може да се влезе во Унгарија. Тоа не важи за оние кои се Унгарци или нивните најблиски членови од семејството, како и лицата со постојан престој.

Аеродромот е во функција само за патници исто така само Унгарци или лица со постојан престој.


Сите настани се откажани, библиотеките, музеите, изложбените центри, галериите, театрите и слично се затворени. Тоа не ги спречува креативните уметници да изведуваат скечеви онлајн, формираа група на фејсбук каде секојдневно имаат литературни читања и делови од претстави (го отворија таканаречениот Карантин театар).

Хуманоста се огледува низ бројните групи и страници на социјалните мрежи каде се нуди помош и совети, меѓу нив е и интернационалната група Anti virus initiative Budapest, волонтерите на црвениот крст се секојдневно на терен, волонтери околу 900 има во болниците со оглед на тоа што недостигаа луѓе за медицинска нега.

Универзитетите, училиштата и воопшто образовните институции се затворени,  наставата претежно се одвива онлајн.


Ние стапивме во контакт со македонскиот лектор при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта проф.Златко Панзов, кој ни изјави дека препораките како да постапуваат професорите во овој период во врска со заштитата на студентите, започнале уште на почетокот на семестарот.

-  Бидејќи имаме голем оддел за кинески јазик, со многу професори од Кина и студенти, се препорачуваше изолација на две недели, како и добро познатите мерки за хигиена. Во состојба на претпазливост бевме уште од почетокот на февруари-изјави Панзов.

На 12-ти март Владата на Унгарија донесе одлука за затворање на факултетите.

-  До 26-ти март сме на пролетен распуст (оваа година поради корона вирусот порано почнува распустот, инаку вообичаено за време на Велигден го имаме). Од 26-ти март почнуваме со онлајн настава. Универзитетот периодов се подготвува за таков вид на настава, постојано добиваме нови информации, техничка поддршка, инструкции.

Наставата по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта ќе се одвива онлајн, па го запрашавме Панзов колку се подготвени за истата.

- Подготвени сме, оваа година за првпат добивме и учебници во електронска форма од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Имаме платформи и апликации за изучување на македонски јазик. Истовремено на Фејсбук страната на Лекторатот постираме корисни совети, македонски филмови, театарски претстави, музика, информации за Македонија - истакна професорот и додаде-

Овој семестар 30 студенти ја следат наставата по македонски јазик и култура на Лекторатот. И во вакви услови подготвени сме да одржуваме квалитетна настава.


Дипломатските претставништва во земјата воведоа привремен рестриктивен режим на работа со странки. Македонската Амбасада редовно на својата страница ги информира граѓаните за сите поважни информации, меѓу кои и оние поврзани со патувањата, транзитот и воопшто мерки за подобра заштита. Постојано се во контакт со македонските министерства, посебно министерството за надворешни работи и ги информираат Македонците кои живеат во Унгарија за сите промени.

Го пренесуваме во целост официјалното соопштение на Македонската Амбасада, а под истото се броевите за контакт.

„ Амбасадата на Република Северна Македонија во Будимпешта информира дека следејќи ги официјалните мерки и препораки за превенција на понатамошното ширење на COVID -19, од вторник (17 март 2020) воведува привремен рестриктивен режим на работа со странки. 

Конзуларното одделение на Амбасадата ќе биде отворено за итни конзуларни случаи според претходно договорениот термин со надлежниот конзуларен службеник, преку електронска пошта или телефон. 

При најавата и пред влезот во просториите на Амбасадата, секоја странка ќе треба да се изјасни за следните факти:

-дека нема симптоми на зараза со COVID -19,

-дека во последните 14 дена не престојувала во држави во кои е воспоставен карантин поради COVID-19,

-дека немала непосреден контакт со лица кои се можни или потврдени преносници на COVID -19.

Физичкиот контакт при процесуирањето на конзуларните предмети ќе биде сведен на неопходен минимум.


Амбасадата замолува за разбирање поради посебните околности при договарањето и реализирањето на договорените термини во рамките на воведениот привремен рестриктивен режим на работа со странки, со цел да се обезбеди континуирано одвивање на работата на Амбасадата во интерес на граѓаните.                    

За подетални информации и претходно закажување, странките можат да ја контактираат Амбасадата на следната електронска адреса: budapest@mfa.gov.mk, на телефон +36 1 3360510 или на СОС телефоните  (исклучиво за итни ситуации 0036301609390,     0036306934811).

Движењето низ градот е видливо намалено, со оглед на тоа што Унгарија ги затвори границите, се чувствува отсуството на туристите. Имено паркинг местата во самиот центар наменети за туристичките автобуси, кои пред оваа ситуација ги имаше во голем број од различни земји во светот, сега се потполно празни.

Мерките за заштита се почитуваат, посебно во делот што пред маркетите има средство за дезинфекција, луѓето носат маски за заштита и нараквици.


Да напоменам, кафе баровите, рестораните, продавници за облека, фризерски салони, козметички, теретаните работат до 15 часот. После тоа време работат само големите супер маркети и аптеките. Кон оваа мерка голем број од салоните, кафе баровите, спортските центри, се затворени,  по иницијатива на самите сопственици.

Дисциплината се чувствува во делот кога треба да посетите банка или пошта, во нив се пропушта само еден до двајца клиенти, останатите чекаат пред врата на растојание од метар и пол еден од друг. Се пропуштаат преку ред и тука морам да ја искажам радоста колку луѓето покажуваат само свест и емпатија во овие моменти, постари лица и бремени жени. Нема влегувања преку ред со онаа фамозно познатата реченица-само да прашам нешто. Во пошта не примаат книжни пари, плаќањето се врши исклучиво преку картичка, а доколку треба да испратите пакет или писмо, тоа се врши само во назначените пошти низ градот, не во сите како досега.

Сообраќајот низ градот се одвива како и досега, бродскиот сообраќај исто така, освен што е намалена посетата на турите со брод и останатите низ градот.

Претежно луѓето се по парковите или во природа, но без групирања и на препорачаната оддалеченост.


За Женски магазин од Будимпешта, Неда Маретиќ