Жените знаат да препознаат добро вино и добар парфем: Разговор со Елена Милошевска-Јовановска, координатор во здружението „Вина од Македонија“

Кој еднаш влегол во винскиот бизнис и го засакал виното, веќе никогаш не се откажал од својата професија, вели Елена Милошевска-Јовановска, координатор во здружението „Вина од Македонија“„ Жените успеваат во винскиот бизнис, токму поради природно развиената интуитивност. И покрај теоретското познавање кое е навистина многу важно, за оваа професија од огромно значење е постojaна дегустација на вина. Органолептичките карактеристики на вината можете да ги препознавате и осознаете единствено со постојани тестирање на различни вина, и што е исто многу важно истите да бидат од што е можно поразлични региони во светот. “, ни раскажа Елена.

Во здружението „ Вина од Македонија“, таа е од самите почетоци, од 2010 година. Целта на здружението е промоција на македонските вина на интернационалните пазари и градење на препознатливост и свест за македонското вино. 

„ Сосема случајно влегов во винскиот свет. На почетокот, најголем предизвик секако ми претставуваше да научам сѐ за винската индустрија, сѐ што е поврзано со виното. И сега по осум години откако сум таму, постојано учам“, вели Елена. „Тешко беше да се  совладаат многуте препреки, и ден денес ги има, се обидувам да ги совладувам и да координирам на најдобар можен начин, верувајте не е лесно. Патувањата, состаноците а и секојдневната работа бараат остапувања и во приватниот живот. Но, задоволна сум, исполнета со убава енергија, тоа е најважно“, додава таа. 

Како жена во бизнис кој е условно речено машки, Елена не се чувствува инфериорно. „ Винскиот бизнис сѐ уште важи за машки, меѓутоа во последно време е сѐ поголем бројот на жени енолози, жени од маркетинг секторот, извозни менаџери кои се веќе успешни на своите позиции. Затоа, дека се чувствувам инфериорно не би рекла, меѓутоа секојдневно се соочуваме и во тој дел со одредени препреки, сепак сме земја на Балканот, но сметам дека во наредната деценија, многу полесно ќе им биде на жените од таа гледна точка кога ќе започнуваат свои бизниси“, е дел од приказната на Милошевска-Јовановска. Таа се согласи со нас дека жените успеваат можеби поради природно поразвиената интуитивност од мажите, и чувството за префинетост. 

„ Жените знаат да препознаат добар парфем и добро вино. Оној кој што е упорен, реткост е да не ја засакал професијаата кога веќе влегол во винскиот свет. Така што и ретко кој си заминал и комплетно се откажал од љубовта кон виното. “Инфицираноста” со вино трае до крај“, вели Елена за крај. 

Приватно, таа e мајка на 11 месечен син и благодарение на големата поддршка од сопругот и од семејството успева да се соочи со сите секојдневни работни и домашни предивици. 

М.Џаровска