Жена ми криеше од родителите дека сме заедно: Ален Исламовиќ ја раскажа љубовната приказна за Женски магазин

На некого 13-ка му е несреќен број, но Ален Исламовиќ (62) вели дека на него и на неговата сопруга Маријана им е најсреќен. Познатиот босански пејач во Скопје вечерва ќе настапи со Горан Бреговиќ и со Младен Воичиќ- Тифа и хитовите на „Бијело Дугме“ на Плоштадот Македонија од 21 часот.

Пред прес-конференцијата пред концертот во казиното „Фламинго“, Исламовиќ за Женски магазин ја раскажа својата љубовна приказна со сопругата.

„На некого таа тринаесетка му е несреќен број, но на нас ни е среќен. Токму на 13 ноември, Маријана и јас славевме 40 години од нашето познанство. Со својата сопруга, почнавме врска кога таа имаше 16 години. Таа беше во тие години кога сериозна врска беше речиси забранета во тоа време. Ние некако успешно успеавме да се криеме од нејзините родители кои не дозволува да бидеме заедно. Јас сум постар од неа шест години“, ни раскажа Исламовиќ. И тој и сопругата потекнуваат од малото босанско место Бихаќ, а денес живеат во Загреб.

„Јас иако имав 22 години кога се запознавме и веќе бев вратен од војска, таа чекаше да наполни 18 години. По две години криење, им кажа на родителите дека е во врска со мене, и од тогаш ни тргна среќно. Еве, и ден сме заедно, имаме две прекрасни ќерки, Лара и Уна, кои се омажија и кои ни донесоа два прекрасни внука. Сега веќе уживаме во тие денови како баба и дедо. Тоа е една неопислива љубов спрема нашите внуци. Секој оној што ќе стане дедо, дури кога ќе го доживее тоа искуство ќе сфати што значи да се биде дедо“, ни изјави Ален.

Неговиот постар внук Дин, од ќерката Уна има пет години, а гордиот дедо вели дека го наследил неговиот музички талент. Помалиот Давид, од ќерката Лара има пет месеци. Исламовиќ често изјавува дека токму кога станал пејач на „Бијело Дугме“ во 1986 година, доживеал голема среќа. Неговата сопруга тогаш останала бремена, и додека биле на турнеја со бендот ја родила ќерката Уна.

Освен што настапува со „Бијело Дугме“ и пред неколку месеци го промовираше својот соло албум, Ален е окупиран и со приватен бизнис. Близу реката Уна кај неговиот роден Бихаќ, има три плантажи со лешници. Таму најмногу ужива, затоа што вели дека го наоѓа својот мир на ова место каде што свири тишината.

М.Џаровска