Завис(т)ност

Како слеп за стап, кога ќе се фатам за нешто не пуштам, па не знам што да е. Така од мала, ако се фатев за играчка, таа е и ќе се превртев додека не ја добијам баш таа, се разбира ако ми дозволеа родителите. Многу беа кул, имаа тактики како да ме откачат без да се почувствувам безвредно или недоволно добра. Си внимаваа на тоа што и кога треба да добијам, а јас знам дека кога добивав Амин, тоа беше или таа играчка или ниту една! Подоцна, или тие чизми, штикли, или не сакам. Уште подоцна, или тој факултет или друг не учам. Уште подоцна, или тој дечко или друг не може, ако мајка не го сака, еве јас ќе го, ама тој е! Исто и за работата, исто и за храната, исто и за облеката исто и за сакањето. Или е тоа, или не може. До скоро препишував на инатот овновски, демек по хороскоп сме сите такви, пошто се потрувме со статиине по списанија ко млади кој од под која звезда паднал и каков му е табиетот. Не дека нема нешто, ама еве знам овци околу мене што се многу далеку од мојов проклет инат, за тоа или ниту едно. И кога ќе ми падне тоа во раце, маста му ја вадам. Играчките ги преигрував, Облеката ја преносувам до ден денешен, ко ќе се фатам за црна ролка, фармерки и чизми, ко за греота сум, ко друго за носење да немам. Истото го правам и во секоја врска, истото го правам и на работа. За волја на вистината, заради тој инат, заради стигам до таму до каде што сум тргната и го добивам тоа што го сакам. Ама тоа е добро само за работа, за сите други полиња, еве ме џанки, се тресам над парче торта или романтична порака. Со годините е супер што добиваш привидна контрола над таа зависност, и успеваш колку толку да воведеш ред и контрола над тоа по кое бдееш секоја вечер. Дали е последното мевце од ручекот во фрижидер, последнота доза во виното, пораката што никако не стига, или во најлош случај, нерешена состојба, тоа се тие стадиуми на транс кои не носат во абсолутен пад на карактерот, и сите нус појави понатаму.

А во суштина, многу е едноставно. Само треба човек да се сака доволно, за да разбере што е тоа што му ја топли душата, кој е тој покрај кој сака да се разбуди, не мора за до крајот на животот, доволно е бајката да има рок на траење за да има вредност. Која е работата која го исполнува до степен да не му е важно што зборуваат за него, не му дава време да се бави со туѓи животи и истите да ги споделува во вибер групи или тајни чатови. Која е храната од чиј мирис му се полни устата со плунка, која е пијачката која му е доволна кога е сам со себе, да ја издегустира со добра музика, мезе или пак некоја исполнувачка тишина. Без потреба за завист кон туѓото имам, без потреба за љубомора кон туѓата среќа. Кога се почнува од себе, од брутална искреност кон личните потреби и емотивните зависности, се стига до една балансирана состојба на се. За некој, тоа се многу пари, за некој тоа е многу љубов, за мене е повеќе од се.

Како беше онаа, Најди нешто што ќе го сакаш, и остави го да те уништи.

Од што забегавме по туѓо, го забораваме своето. Од што гледаме кај комшиите, не го гледаме тоа што ни е пред нос. Од што забегавме по пари, го забораваме семејството, од што се губиме во семејство, се загинавме како индивидуалци. И никој не може да ме убеди дека не можеш се да имаш, познавам луѓе кои имаат се и се комплетни реализирани личности, АМА цената е превисока на дневно ниво, тежината на одлуките е на друго ниво. И не бараат одговор на фејсбук и инстаграм, не бараат дозвола од мајки, другарки, фамилии и роднини, туку се сами со себе, со личен став, остри, конкретни и со доволно време за се. За вежбање, за балансирани оброци, за успешен работен ден, за потребите на семејството, и на крајот од вечерта потребата на партнерот. А тоа се лични задоволства пред се, дека кога потпишуваш договор, за себе го правиш тоа, кога му помагаш на детенцето со домашна, за твојата иднина го правиш тоа, кога ја планираш вечерта со партнерот, исполнета со романтика и вешови, за тебе е пред се. Кога на другиот му е убаво, нема шанси тебе да не ти е. Тука заглавивме, со заостанатото, еј сега јас за него ќе готвам, ќе се облечам, детето може само, и договорот може покасно.

Сега и одма, до тебе е. Секој ден губиш време, кое нема начин како да го вратиш.

Дали си среќен? Дали ти се исплати таа завис(т)ност?

Сиромав е човекот чии задоволства зависат од дозволата на другите. Мадона

Јас сум Ивана Кнез, зависна сум од проклетиов живот, со сите негови брда и долини.

Се читаме следната недела.