Зависна сум од борбата на умови и адреналинот на шаховската табла: Интервју со Катерина Петровска

Катерина Петровска е Раководител на Дирекција за Маркетинг во Охридска Банка Сосиете Женерал. Токму во оваа компанија слави јубилејни десет години ангажман. Низ годините променила неколку работни позиции, поголемиот дел од нив во комерцијалниот дел што, како што вели, од сегашна гледна точка го смета за непроценливо банкарско и животно искуство. Петровска има уште една голема љубов. Таа неодамна беше дел од женската шаховска репрезентација на Македонија на 43-та Олимпијада во Грузија. Освен за убавината на оваа древна игра, разговаравме и за предизвиците во професијата, но и воопшто за положбата на жените во македонската бизнис заедница

* На почетокот би Ве замолил да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат.

- Од сегашна перспектива, мојот професионален пат започнува и „завршува“ со Охридска Банка Сосиете Женерал. Во оваа компанија годинава славам јубилеј од 10 години и навистина сум горда што сум дел од банка која е единствен светски бренд на нашиот пазар. Тука се случи моето прво работно искуство, по дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје, а низ годините променив неколку работни позиции во Банката, поголемиот дел од нив во комерцијалниот дел, што од сегашна гледна точка го сметам за непроценливо банкарско и животно искуство. Во моментот сум на позиција Раководител на Дирекција за Маркетинг, одговорна за три служби, маркетинг и комуникации, развој на производи и служба за квалитет, секоја од нив со своја проблематика и предизвици, но истовремено меѓузависни и со голем потенцијал за заеднички синергетски резултат, кој верувам го постигнуваме. После подолг период во директна комуникација со клиенти, од оваа позиција имам можност за индиректно влијание и комуникација со нив, како и креирање на понуда и производи што ќе ги задоволи нивните потреби. Навистина е посебен предизвик и задоволство во ова време на дигитализација да се биде учесник во креирање на производи, маркетинг кампањи и интеракција со клиенти преку најразлични дигитални канали. 

* Бевте дел од женската шаховска репрезентација на Македонија на 43-та шаховска Олимпијада во Грузија. Со какви впечатоци се вративте од Батуми?

- Олимпијадата во Батуми беше мој четврт настап на Олимпијада, како дел од женската шаховска репрезентација, после подолга пауза. Пред оваа, последно настапив како дел од репрезентацијата во 2010та, на Олимпијадата во Канти-Мансиск, во Русија. Во Батуми, завршивме на 70то место од 151 земја учесник. Јас, лично, чувствував одреден притисок, дали добро ќе се претставам, дали ќе прикажам добра игра, каков резултат ќе постигнам, со оглед на паузата, но откако се вратив, можам да кажам дека сум задоволна и од играта и од резултатот. Секако дека можеше да биде подобро, во одредени партии пропуштив и победа, но без оглед на тоа што се случува на таблата додека трае партијата, на крај важен е конечниот резултат. Во однос на впечатоците од самиот настан можам да посочам дека Олимпијадите се секогаш грандиозни, убави настани и секако дека посебно е чувството да се биде дел од Олимпијадата, од репрезентацијата, од светската шаховска елита и да се доживее тоа искуство. Голем број земји од цел свет учествуваат на овој натпревар, што создава многу убава атмосфера на разноликост и единство истовремено. Шахот исто така овозможува натпреварите да се одвиваат меѓу шахисти од сите возрасти бидејќи нема ограничувања и буквално може да сретнете играчи од 7 до 77 години. Би додала и дека градот Батуми имаше што да понуди, лоциран на западниот брег на Црно Море, склопот на стариот дел од овој приморски град и новата архитектура беше навистина интересно да се види. Батуми е и на некој начин шаховски центар на Грузија, со оглед дека ова е втора Олимпијада која се организира во овој град, а следната година на истото место ќе се одржи Европското екипно првенство.

* Колку време го практикувате овој спорт? Се сеќавате ли на Вашата прва професионална игра?

- Правилата на игра и првите потези сум ги научила уште на 5-6 годишна возраст, но почнав да посетувам шаховска школа од 9 години и од тогаш всушност почна да се раѓа љубовта кон оваа древна игра. На таа возраст исто така се случи и првиот настап на државно првенство во шах и така почна сѐ. Почнав да освојувам први места на пионерски, па младински првенства и веќе на некој начин почнуваш да стануваш зависен, и тешко е да се оттргнеш. Очигледно дека и по толку години љубовта трае и иако одреден период не бев активна на турнири, постојано следев што се случува во шаховскиот свет, се до еден момент кога сфатив дека ми недостига „борбата на умови“, адреналинот за времетраењето на една партија и уметноста и креативноста што се изразуваат на самата шаховска табла.

* Со какви предизвици секојдневно се соочувате? Што Ви дава сила за да бидете комплетно успешна жена менаџер?

- Мислам дека главната причина за успех е тоа што сакам предизвици. Колку и да се тешки, комплицирани, фрустрирачки, сепак мое мислење е дека без предизвици не можеш да напредуваш, тоа е силата која те прави подобар, ти дава енергија и мотивација. Сметам дека главен предизвик во работата во моментот е успешното комбинирање на дигитализацијата на производите, услугите и каналите на комуникација со истовремено почитување на поставените регулаторни рамки и пропишани правила, а притоа обезбедување на навремена и квалитетна услуга за клиентите. Без оглед за каков предизвик се работи, важно е да се пристапи со позитивен став и отворен ум и верувам така е многу полесно да се најде решението, да се донесе правилната одлука.

* Од што зависи успехот на една компанија?

- Многу фактори влијаат на успехот на една компанија, но би ги издвоила пред сѐ стратешката определба на компанијата, визијата, агилноста и мотивираноста на вработените, меѓусебната комуникација, доверба и споделувањето на информации. Тука би ги надоврзала и нашите четири групациски вредности во Сосиете Женерал, а тоа се: одговорност, посветеност, тимски дух и иновативност, вредности кои се ставени на висок пиедестал и кон чие усовршување се стремиме сите, а се со крајна цел постигнување на највисока вредност за нашиот фокус - клиентите.

* Што ја прави Охридска банка поразлична од другите банки. Која е Вашата основна стратегија, што ве издвојува од другите банки и какви се вашите планови за развој?

- Стратегијата на банката се состои во остварување на натпросечен, профитабилен и одржлив раст и развој, со истовремено зголемување на пазарното учество, што и се остварува во годините наназад, а имајќи ги предвид и остварените резултати во текот на оваа година евидентно е дека се движиме во линијата на поставените стратешки цели. Охридска Банка Сосиете Женерал е единствениот светски бренд на банкарскиот пазар во Македонија и тоа секако претставува наша предност и не издвојува од останатите банки. Како дел од ваква групација, имаме олеснет пристап до информации, новитети кои се случуваат ширум светот, и светски бизнис практики. Најзначајно сепак сметам дека е влијанието на човечкиот фактор, т.е нашата непосредност, отвореност и транспарентност со клиентите, спремноста за решавање на било какви ситуации и поддршката и лојалноста спрема нашите клиенти.

Токму клиентите се постојано во нашиот фокус и нашата цел е Охридска Банка Сосиете Женерал да биде препознатлива како банка која создава вредност за своите клиенти, користејќи нови и иновативни технологии, која е лојален партнер и се грижи за задоволството на своите клиенти. Во фокус на идните планови за развој се секако креирање на нови производи и услуги, дигитализација на самите производи, но и на каналите на комуникација со клиентите,преку решенија кои ќе овозможат завршување на комплетниот процес онлајн. Со тоа крајната цел е на клиентите да им овозможиме удобност, брзина, лесен и сигурен пристап до производите иуслугите на банката.

* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата?

- Сведоци сме на се поголем број успешни жени претприемачи и менаџери кои смело и со самодоверба чекорат во бизнисот и остваруваат одлични резултати, така што евидентно е дека жените се повеќе се вклучуваат во бизнис заедницата. Сум била дел од корпоративниот сегмент во банката и сум соработувала со навистина квалитетни и влијателни жени менаџери од многу компании. Воедно, како дел од банка во која доминираат жените, и во бројот на вработени и во менаџерскиот тим, можам да кажам дека имаме жени менаџери за пример, успешни и на професионален и на приватен план. Сето ова на некој начин укажува на тоа дека традиционалните сфаќања за жената полека почнуваат да се надминуваат, иако сум свесна дека на овој проблем во општеството сеуште има голем простор за подобрување. 

Би сакала да истакнам и дека Охридска Банка Сосиете Женерал, во соработка со Европската банка за обнова и развој, нуди поддршка за женското претрпиемништво, преку кредитна линија наменета за жени претприемачи, со поволни услови за финансирање како и помош во изработка на бизнис планови од страна на стручни консултанти од ЕБРД, со што помага за развојот на женското претприемништво и унапредување на положбата на жените во бизнис заедницата.

* Кој е, според вас, главниот проблем со кој се соочуваат жените во бизнисот?

- Сметам дека главен проблем е фактот што критериумот „пол“ сѐ уште постои во општеството. Лично верувам дека квалитетот секогаш избива на површина и си го наоѓа патот до успехот, но објективно е дека половата дискриминација не е искоренета. Факт е дека мажите и жените се различни. Тоа се пред сѐ биолошки разлики и секако дека влијаат на сите сфери од животот, но тие не смеат да бидат поле за омаловажување и дискриминација, туку напротив за истакнување на раличностите и квалитетите на секој индивидуалец. Културолошки потребно е да ја прилагодиме перцепцијата на тие разлики и да ги негуваме, почитуваме и унапредуваме различностите.

* Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?

- Сонував да станам пилот. Ме привлекуваа височините, ме фасцинираа авионите, а секако и можноста со таква професија да се стигне до секоја точка на земјината топка. Иако тоа не се оствари и се посветив на друга професија, редовно уживам во летовите кога патувам со авион (се смее).

* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?

- Многу ми е испреплетен деловниот и приватниот живот. Мојот сопруг исто така е банкар, така што на работа ми е слично како дома. Шегата на страна, си има тоа свои предности и недостатоци, но морам да кажам дека навистина добро функционираме.

Голем дел од денот посветуваме на работните обврски така што најдобар баланс ни е добро организиран викенд или одмор. Не е лесно да се воспостави баланс во овие динамични времиња, но со добра организација, меѓусебна поддршка и позитивен став кон предизвиците може да се постигне сѐ.

* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате?

- Имам секојдневна доза среќа - мојата две и пол годишна ќеркичка, многу активно и темпераментно дете кое не те остава рамнодушен и го прави забавен секој миг околу неа. Драгоцени се моментите што ги поминувам во кругот на семејството и мислам дека е тоа главната движечка сила на се друго.  Дали се работи за некое заедничко патување, прошетка во природа или дружба во домашна атмосфера, секогаш е предизвик и забава.

Ме одмара посебно дружба со пријатели, сакам да патувам, да читам, да погледнам претстава или концерт.. Тука е секако и играњето шах. Шахот ми овозможува да се „телепортирам“ во друга реалност, така што без оглед што шахот е во принцип е доста напорна игра, од друга страна ми помага да се релаксирам, да избегам од секојдневната рутина и да си ги наполнам батериите.

Ѓорге Стојанов