Загрижени сме и имаме маски, но не паничиме: Познатите за Коронавирусот

Дел од домашните јавни личности велат дека не треба да се крева паника без потреба околу Коронавирусот, откако вчера министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во Скопје една пациентка е заболена и се наоѓа на Инфективната клиника во Скопје.

„ Се разбира сите треба да бидеме претпазливи, но потполно е непотребно е да се создава било каква паника“, ни изјави поп-пејачката Тамара Тодевска. Со сличен став е и нејзината сетра, Тијана Дапчевиќ.

„ Не се плашам многу затоа што сум добро информирана дека Коронавирисот можат го фатат луѓе над 80 години на кои што им е многу ослабен имунитетот. Многу ме нервира тоа безпотребно ширење на паника, затоа што некои работи сѐ уште не се докажани. Мислам дека кај нас на Балканот вирусот не може да се прошири со таа брзина, иако медиумите се праплавени со вестите за него. Сигурно дека нема сите да изумреме во рок од 48 часа. Немам негативно искуство со некој вирус, и мислам дека маските на нас кои што не сме заболени не ни помагаат. Маски треба да носат заболените, кои што се инкубирани“, вели Тијана Дапчевиќ.

Оперската пејачка Весна Ѓиновска- Илкова пак вели дека смета оти го потценуваме вирусот.

„ Сметам дека го потценуваме вирусот. Ако се случува генерално епидемиски грип неопходна е превенција. Сѐ она што ќе се соопшти официјално, за мене е релевантно. Мојата превенција е во текот на зимата целосно. Тоа значи пиење на многу течности, лимони, С витамин, колку можам често сум на планина. Заради обврските кои секојдневно ги имам, не можам да седам дома , но движење колку што можам ограничувам. Вирусот кој е актуелен зимава и мене не ме заобиколи, но некако на нога го поминав. Мора да внимаваме и на себе и на своите“, ни изјави оперската првенка.

Поп-пејачката Ребека Јанкоска- Ристевски која е основач на здружението за ретки болести „Дајте ми крилја“, вели дека таа и нејзиното семејство се особено претпазливи.

„ Внимателни сме и да, загрижени сме дека може да се прошири масовно. Маски имаме, но, ако се заразиме, не треба да ги заразиме и останатите“, вели Ребека и додава дека досега имала лошо искуство со стомачен вирус.

Кристина Арнаудова, која е позната по тоа што одговорно се грижи а своето здравје и задрвјето на своите најблиски, вели дека дома имаат маски и средства за дезинфекција.

„Имаме маски и средства но не сме паничари, и сметам дека паниката не помага во вакви случаи, особено ако сите статистики укажуваат на тоа дека стапката на  смртност од корона е екстрмно ниска, многу пониска од обичниот грип. Немаме негативни искуства со болеста, сите дома имаме јак имунитет и речиси и да не се разболуваме, вклучувајќи ги и децата, а се надевам дека така и ќе остане“, е мислењето на пејачката и основач на здружението „Проект среќа“.

М.Џаровска