За првпат во Македонија доктори од „Аџибадем Систина“ поставија срцев пејсмејкер кај дете по венски пат

Тим доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, за првпат во Македонија, по венски пат поставија траен електростимулатор на срцето – пејсмејкер кај дете. Овој начин на поставување е стандарден за возрасни пациенти, но сега македонските доктори го изведоа на петгодишно девојче. Таа е добра и ден по интервенцијата е пуштена дома.

Станува збор за пациентка на која уште кога била 30 дена ѝ е дијагностициран проблем со срцето. Тогаш д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, кај новороденчето поставил траен срцев електростимулатор, односно пејсмејкер во стомачето со електрода од надворешната страна на срцето. Со текот на времето, а поради честото прилагодување на пејсмејкерот се потрошила батеријата, па истиот требало да се замени.

Сега, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ д-р Иван Трајков и д-р Дејан Ковачевиќ, електрофизиолози аритмолози, извршија замена на постојниот пејсмејкер со нов, но овој пат интравенозно. Анестезијата беше водена од страна на д-р Мирјана Крмзова и д-р Александар Радоешки. Процедурата, која траеше околу триесетина минути, е со поддршка од д-р Чадиковски, кој во истовреме го извадил стариот електростимулатор од стомачето на детето.


„По дадено контрастно средство во вена добивме комплетна слика на венскиот систем во десна потклавикуларна регија каде се наоѓа вената која е подобна за боцкање. Преку таа вена се постави жица и уводник – преку кој се воведе електродата. За позиционирање на електродата во десната комора се користеше минимално РТГ-зрачење. Потоа кај електродата дополнително се направи уште една кружна кривина, која би се одвиткала при растење на детето. Потоа се постави посебен, најмал по димензии срцев електростимулатор специјално наменет за детската популација“, објаснува д-р Трајков.

Процедурата помина во уреден тек.