За музите

Викендов се одржа промоцијата на книгата на Тихомир Јанчовски, со наслов „Лидија, или сѐ што знам за жените“. Летово, кога имавме со Тихо настап во Битола, ја имав таа чест да патувам со Лидија од Скопје, односно, јас возев, а Лидија беше уредно спакувана во багажникот. Замислив една бизарна ситуација доколку ме застане полицаец и ме праша што имам во багажникот, ладно да одговорам „Ах, само Лидија, во околу 50 парчиња“. Нејсе, толку од мојот црн хумор. Ја имав честа да го видам изразот на лицето на Тихомир кога за првпат и тој ја виде книгата испечатена и стокмена, а за крај, честа токму јас да го добијам првиот примерок од книгата (си имам и тапија дека е така) е огромна. 

Викендов, беше онаа главна промоција на книгата, се разбира во Скопје. МКЦ преполн, впрочем како и секогаш кога се во прашање промоциите на Тихо. Ако се размуабетам за тремата (оти читав), ќе ми треба многу простор, а и тоа сега не е толку важно. Сакав да позборуваме за нешто друго. За музите. За оние кои се вечна инспирација во делата на создавачите на уметноста, без оглед дали е тоа пишаниот збор, создавање музика или сликање. Музите отсекогаш биле ставени на пиедесталот во умот и душата на уметникот. Се разбира, за да ни е некој муза, мора и да сме (повеќе или помалку) вљубени во истата.

Од аспект на некој кој има зад себе 3 издадени книги (а се спрема и четвртата), знам дека при создавањето и обраќањето некому во писанијата, чувствата ми варирале. Ех, колку ли пати сум отерала во мајчината, па сум мјаукала, па сум била разочарана и гневна, па повторно во облаци. И сето тоа, предизвикано од една личност! Дури некогаш ми се чинело дека е сосем нереално човек да има толку спротивставени емоции за еден човек. Напати и немало, напати била само мојата илузија врзана за некој или еве, илузијата за љубовта. Во принцип, љубовта не треба и не смее да боли, не треба и не смее да остава горчлив вкус во устата, ниту да предизвикува било какви фрустрации. Та нели од неа се добиваат крила, енергија, сила?

Веројатно, музите некогаш се чувствуваат искористени. Замислете само да си се читате во нечиј пишан збор! Не е воопшто важно дали другите знаат дека сте тоа вие или не, вие си знаете. Веројатно, колку што годи да бидете муза, толку и исцрпува. Но, дали музите мора исклучиво да се врзуваат со уметноста?

Тогаш не се нарекуваат музи, туку животна инспирација. Маж кој љуби некоја жена и чија љубов е возвратена и носи лекост, верувам дека со многу поголема сила и полетност ги завршува сите обврски. Маж или жена, кои се хранети со љубов и почит, денот го туркаат полесно од оние кои секојдневно само се измачуваат едни со други. 

Научно е докажано дека среќните луѓе се поимуни на болести. Научно е докажан ефектот од среќата врз животот на луѓето, на било кој план. Не мора да е секогаш врзана за љубовта меѓу мажот и жената, иако мислам (не велам дека не грешам) дека цело е кога има сѐ. Ете, имам здраво и право дете и родители, имам работа која ме исполнува и усреќува, имам пријатели кои ми се скапоценост. И да, среќна сум. Не можам во грамови или во било каква мерка да ја измерам среќата, иако секогаш била комплетна и потполна кога и на емотивен план коцките се наредиле како што треба. Нормално, со труд и секојдневна работа, учење и растење заедно со партнерот.

Моментот кога сакам да споделам сѐ, од тоа како сум поминала на работа, па што ми се случило во текот на денот, да сослушам, да се најдам како човек и пријател (пред сѐ), ме прави спокојна.

Интересно е кога човекот кој е инспирација (како кај мене за последниве неколку песни, напишани во септември), станува и реалност, односно, станува и огледало во кое можам да се видам со сите свои мани, но и доблести. Интересно е како со таквите луѓе суетата ви се топи како да е коцка мраз оставена на сонце и од сите расправии, единствено што паметите е чувството на загуба и недостасувањето.

Животната инспирација е сѐ во едно....и муза и поттик за да се стане подобра верзија од себе. Не треба да се занимавате со уметност за да го имате тоа. Само најдете си го капачето. Она кое толку совршено ќе ви прилега, што ќе се запрашате како ли било без него. Капаче, кое ќе стане неоткинлив дел од вас. Човек во кого ќе имате доверба, ќе го гледате истовремено и како најдобар пријател и како љубовник. Човек, кој кога ќе има храброст да ви каже „не брзај, погледни се во огледало, некогаш и ти грешиш“, нема да го истуркате од себе, туку навистина ќе подзастанете и ќе имате и вие храброст да си ги увидите грешките. А можно е! Најодговорно тврдам дека е можно! 

Горе-долу сите ние на повозрасни години сме се научиле да сме сами. Или како што некогаш се нарекувам себе „машка жена“. Со сите обврски кои на плеќите ги носам, некогаш заборавам да си дозволам да бидам и кршлива (а сум). И не си давав дозвола да здивнам, ниту некој да направи чекор напред за да влезе во мојот живот. Свикнав сама, свикнав дека можам сама и дека е тоа она што ќе го живеам. Чувствувам дека е време за промена. Можеби да омекнам малку, да дадам некому, а и себе шанса да функционираме заедно. Не знам, ама ич не знам како би изгледало тоа со мојот ритам на живот+со нечии навики и обврски. Прашања еден куп, сомнежи и стравови. И? И сѐ нека оди по ѓаволите. Ако се има желба и љубов, ќе се најде начин и тоа ќе е толку неосетно што ниту еден од нас нема да почувствува дека барал начин.

Дали грешам или не, времето ќе покаже. Но, знам дека сакам да го живеам она за што пишувам, а уште повеќе она за што не пишувам а го мечтаам.

И не, не сум била ничија муза. 

Знам само дека единствено што сакам е човекот кој го љубам, навистина само да ми каже „не мрчи Ано, љубов е. Престани да се криеш зад сѐ што те плаши. Дај раката ваму и диши“.

Ете тоа сакам...ете толку сакам...ете тоа ви сакам.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Како ќе го познајш оти тој е

Оној 

Токму за тебе ко по калап праен

Со кој ќе бидиш ниту ден ниту ноќ

Туку момент кога денот и ноќта љубов водат

Та не знајш по светлината дал осамнува ил се стемнува

Дур в сонце не се опулиш

Како да знајш дал тој твоето грнче е

Или ти негово капаче дали ќе бидиш

Ко шо вели оној мојон 

(шо ко огин од мене се плаши)

На чоек на чело не му пиши кој е и шо е

Ниту му пиши дали арен е

Или оти нема од животот пекол да ти стори

Ниту пак на нечие чело го пиши

Името на оној во кој себе ќе се најдиш

Ете не можиш

Не можиш да знајш кој твојата песна ќе е

Ниту ти чиј дом ќе станиш

Ако не престаниш со очи да пулиш

И во умот пресметки да правиш

Та кантарот за сѐ спремен да ти биди

И речта да ја мериш

Та потем и кој колку на другиот му дал

Без да ти текни оти твое е само она шо ќе го дајш

Ама без да знајш оти даваш

И на душата убо да ти биди

И ко ќе даваш мир да имаш 

Ко тебе да ти дале

И да го сеќаваш ко тука пред тебе да е

Ко рацете на неговото лице да ти се

И усните во неговите да се стопат

А телото да ти јачи од оној сладок бол

Дур накај него само ти се лепи

Како ли само во овој поган свет

Некој некого ќе препознај

И толку храбар ќе е

Угол гол да застани пред оној

Пред кој срцето ко споулавено ти чука

И раслечен му речи „еве ме, ова сум, ваков чоек сум“

Без глума и покажвање сила

Без тешка шминка и одбрана облека

Токму така

Раслечен од сите формалности 

Искрен до коска и уплашен ко дете мало

Ете така ќе знајш пиле

Така само ќе знајш кој за тебе е

Оти тој шо ќе те сака

Тој на сиот бол и страв од минатото

Пред тебе од студ ќе се треси 

Ама гол ќе стои за да те побара и твој да биди

За да го видиш

Да го познајш

Да знајш оти тој твоето второ битисување е

За цел чоек да си

За љубов да си