Во Софија сум целосно посветен на партнерот, куќата и работата: Утринско кафе со Игор Пачемски-Џоунс

Денот ми почнува разбуден од партнерот Живко или една од 3-те мачки (Луцифер, Ема или Гоце Делчев). Сѐ потешко ми е станувањето сабајле поради долгите часови минати со канцелариите во Њујорк, Лос Анџелес и Хаваите. Ми требаат 2-3 кафиња на дојдам на себе. Не доручкувам, но пијам многу вода.

Моите дневни планови и обврски зависат од кој ден во неделата е, одам во мојата фабрика во Софија или во партнерска фабрика во околината на Софија. Вторник и четврток учам Француски (навистина успева многу да ме избалансира) и потоа дома најчесто зборувам со Америка ноќно време. Додека чекам повици, обично цртам, правам репорти или едноставно листи на задачи. Никогаш немаше да верувам дека мојот поранешен живот во Лондон ќе ми се чини како далечна идила со мирно темпо. Ако сум на пат, бескрајни состаноци, презентации, саеми каде што или се излагаат колекциите или купувам материјали. Во секој случај, ултра динамично.

Ме мотивира интересен баланс помеѓу финансискиот успех, градење на репутација на пазарот, решавање на проблем (во мене сѐуште живее хемиски инженер). И секако, примарниот водач ми е креацијата на прекрасни работи по кои воздивнуваат жени на сите континенти.

Софија е доста асоцијален град. Го нема скопскиот кафеански и чаршиски дух, ниту англискиот дух на заедница. Пријателите ми се распрснати по цел свет, така да во Софија сум целосно посветен на партнерот, куќата и работата. За викенд готвам, купувам храна, пијам добро вино и сум опседнат со читање и со стари ББЦ серии.

Во слободно време доста читам и гледам филмови, но ни приближно толку колку би сакал поради преполната професионална агенда. Читам на англиски, сѐ повеќе на француски и ретко на македонски. Последните прочитани книги ми се „Добро однесување“ од Molly Keane, „Готвење со Фернет Бранца“ на James Hamilton Paterson и L’ incolore Tsukuru Tazaki et ses annees de pelerinare (на француски). Филмови гледам сѐ поретко, но сум огромен фан на „Фантастичната госпоѓа Меизел“ и на  „Фамилијата Марковски“.

*Игор Пачемски-Џоунс- дизајнер на долна облека со интернационална кариера