Владее 68 години, преживеа секс-скандали, мито и шокантни исповеди

На кралицата Елизабета Втора, семејството често ѝ задаваше главоболки. Едниот внук побегна од Велика Британија, другиот се разведе, а во медиумите се појавија и разголени фотографии

Почетокот на годината беше тежок за британското кралско семејство, поготово за кралицата Елизабета Втора (93) која е на чело на монархијата. Прво ја погоди одлуката на внукот Хари да се откаже од својата титула и да се пресели во Канада, а сега и нејзиниот најстар внук Питер Филипс (42) се разведува од својата сопруга, Канаѓанката Отaм Кели (41) по 12 години заеднички живот.

Елизабета Втора не успеа да ги исконтролира низата скандали кои се редеа изминативе години. Најдолговечната владетелка која е на чело на монархијата 68 години, се соочуваше со бројни проблеми. Нејзиниот внук, принцот Хари (35), ги потврди гласините дека е во врска со актерката Меган Маркл (38). Ја замоли јавноста да престане со сексистички и со расистички напади на неговата девојка кои доминираа на социјалните мрежи.

Меган ја навредуваа поради разголените фотографии на Инстаграм, но и поради нејзините улоги, но тоа не влијаеше на нејзината врска со Хари. Медиумите пишуваа и дека Елизабета не била многу вооодушевена од изборот на внукот, особено што Маркл веќе претходно била еднаш во брак.

Циркусот допрва следуваше по нивната венчавкла, кога следеа нападите од таткото на војвотката од Сасекс, Томас Маркл, кој даваше интервјуа буквално кај ќе стигне. Дури го пушти во јавност и писмото кое славната ќерка му го напишала, па Меган го тужеше таблоидот „Дејли меил“ бидејќи го објавил.

Не беа само Меган и Хари сериозен атак врз кралското семејство. Кејт Мидлтон (38) и принцот Вилијам (37) повремено загрижуваа. Францускиот магазин Closer објави топлес-фотографии со војвотката од Кембриџ. Кралската двојка 2017 година го тужеше магазинот кој мораше да исплати оштета од 118 илјади долари.

Принцот Ендрју непријатно ја изненади кралицата во 2015 година кога Вирџинија Робертс тврдеше дека била присилувана на секс од негова страна кога имала само 17 години. Многу бргу по оваа афера, тој се повлече од кралските должности. Тоа не е единствената драма поврзана со неговото име. Еден бизнисмен им откри на медиумите дека наводно ѝ платил 500 илјади фунти на Сара Фергусон за да му обезбеди состанок со нејзиниот тогашен сопруг Ендрју.

Пред да се смири и да се реализира како сопруг и родител, принцот Хари редовно беше присутен во таблоидите. Медиумите во 2012 година објавија негови разголени фотографии од Лас Вегас како игра билјард на соблекување во Лас Вегас. Претходно беше фотографиран и во нацистичка униформа за која јавно се извини, правдајќи се дека тоа било костум и дека погрешил во изборот.

Како 17-годишен тинејџер, Хари призна дека пробал марихуана, а поради тоа помина еден ден во центарот за одвикнување од зависности во Лондон. Портпаролот на кралското семејство тогаш ѝ соопшти на јавноста дека Елизабета го пратила внукот на клиника за да се информира за последиците од консумирањето канабис.