Вистина или лага?

Ако на нешто сум алергична (или аргелична, како што велеше ќерка ми кога беше мала) е кога некој ме лаже. Низ годиниве откривам дека и таа моја незгодна реакција на лагите е суета, демек, ми ја потценуваат интелигенцијата. Општо земено, така е. Лагата најчесто не е намената за оној кому му се кажува, туку е обид на оној кој ја пласира да се заштити од нешто. Еднаш пишував за лагите и за нивната црна и бела страна, која најчесто е сива. Ситуациите во кои свесно одлучуваме да излажеме за да не повредиме, се оние бели лаги, за кои баш и не знам колку се бели.

По долго време ја скратив косата, ама онака ѕверско кратење, при што ќерка ми кога ме виде изреагира искрено и ми рече “oh, you look like a boy, but a cute one”. Зошто дрдори на англиски е друга тема, ама детето си кажа искрено дека имам машка фризура. Луѓето со кои се среќавам имаат различни реакции. Од супер, до баш убава промена и оние кои искрено си кажуваат дека долгата коса повеќе ми прилега.

Низ годиниве научив дека за себе го правам она што мене најмногу ми одговара, без да барам оправдувања за тоа. Сепак, по изразот на лицата, веднаш знам кому навистина му се допаѓа мојата кратка коса, а кому не. И знам дека е тоа од пуста желба да не ме повредат, иако мојот однос кон косата е толку лефтерен, што нема потреба да ме штедите за тоа. Таквите бели лаги се насекаде околу нас. Помислата дека ќе повредите некого ако ја сокриете вистината има поголеми последици, отколку да се каже истата. Замислете дека ве прашува за мислење блиска пријателка која сака да купи фустан кој не и’ прилега. Што ќе сторите? Моето искуство вели дека поарно ќе кажам што навистина мислам (поаѓајќи од тоа дека штом ме прашува за мислење сака да и’ кажам искрено), отколку да дозволам некој друг да и’ се потсмева или да и’ сплеска во лице дека изгледа смешно. Дали сум во право не знам, но знам дека секогаш вистината е меч со две острици. Впрочем и лагата е тоа.

И поедноставен е односот меѓу пријатели, нели? Можеби во моментот нема да ми е по ќеф ако ми каже блиска особа дека сега личам на шкорче (а стварно е така, шпагета со црвена точка), ама па имам дома огледало и не сум сепак до толку суетна за да се лутам за тоа. На крајот, се’ се сведува на тоа дека кога прашуваме некого за мислење, имаме на ум 2 опции. Или да ни биде сплескано искрено што некој мисли, или да добиеме потврда за нашето мислење.

И како што реков, во однос меѓу пријатели, вистината секогаш повеќе натежнува на кантарот. Но, што е со неа во љубовна врска во која малку треба за некој да е повреден или навреден?

Како стареам учам дека има прашања на кои не треба да барам одговор, доколку не сум спремна да слушнам дури и она што ќе ме тресне од земја. Можеби е тоа само некоја заштита која сум си ја нашла за да бидам спокојна. Но, сепак мислам дека некогаш и не е здраво да се чепка премногу во умот на партнерот.

Чуму сама да си го забивам ножот во срце и да прашувам дали мојот партнер флертува со некоја или дали му се допаѓа некоја друга. Порано бев многу ригидна за тоа. Нененененене, ако јас сум така скроена што никој не може да допре до мене ако те сакам, што има тебе да ти се допаѓа некоја друга? Без врска, нели? Прво, не сме сите исти, а ако сакам да имам партнер кој ќе биде мое огледало, прашање е колку ќе издржам со некој кој ќе е моја машка верзија. Оти да се разбереме, сите сме ние тешки за поднесување. Некој повеќе, некој помалку, ама не сме цвеќе за мирисање. Сега ја знам таа лекција. И да, ми се има случено ова. А тој кутриот, знаејќи ме дека ќе ја исчепкам вистината, си кажа дека знае да си флертува, ама сосем безопасно. Оди и објасни му на мојот мозок што е тоа безопасен флерт. Ко што ми е имагинацијата машала, тоа во мојот ум е со невидени размери. Се вплеткав во нешто за што не бев спремна да ја слушнам вистината. И нормално, крах.

Сега учам дека вистината не е секогаш благослов. И пандан на ова не е дека ги сакам лагите, туку дека тврдам дека не е секогаш здраво и паметно да се знае вистината. Впрочем, заедно сме и убаво ни е? Сосем доволно. А кога некој нешто мува на страна, тоа се осеќа. Ама факт е дека не може никој никому да му го поседува умот и она што тој смислува. Затоа, олабавив со цајканскиот пристап. И не, не ме интересира ако колешките му се згодни и фини. Згодни и фини девојки и жени има насекаде. Штом е некој со мене, значи дека сум повеќе од згодна и фина, значи дека сум го освоила на едно друго ниво, кое му поврдило дека јас сум ТАА. Тоа ми донесе мир на многу полиња. Го оставив зад себе пристапот “вистина по секоја цена”, оти некогаш и не сум спремна да ја платам цената на вистината. Не сакам да знам какви машки муабети тера некој со другарите, оти најчесто тие се неважни и немаат никаква тежина и се забораваат веднаш. Не ми се потребни информации кои не ми носат никакво добро и кои само ќе ме оптеретат. Важно ми е дека некој не прави будала од мене со тоа што ме изневерува. И останувам на тоа. Немам ниту време, ниту живци да се расплинувам дали загледува убави жени наоколу, оти да сме искрени, ние жените повеќе загледуваме и приметуваме убави жени, отколку што тоа го прават мажите.

Бидете практични и умни. Не инсистирајте да го знаете она што ќе ве вознемири и разболи. Имајте верба и потсетете се зошто сте го одбрале оној со кого сте. Секогаш тревата во туѓиот двор е позелена, ама па тоа не значи дека нашиот двор ќе го оставиме несреден, нели? Грижата еден кон друг, почитта, пријателството, работа на врската и однос базиран на меѓусебна доверба е сосем добра основа за да не се оптеретувате. И најубавите жени на светов се оставани заради други жени кои некогаш се и многу погрди. Муабетот ми е, не се обидувајте да бидете секогаш во некаков натпревар со себе или другите. Вие сте она што сте и некој ве љуби токму такви. И колку и да звучи неверојатно, некогаш со ставовите и принципите сами си го бараме да сме излажани. Никој не сака да се чувствува дека му дишеме во врет или дека е на распит. Поаѓам од себе, ако некој ме распрашува цело време и нема доверба, мојот однос ќе се смени. Не поради некој друг, туку токму поради тој однос полн со недоверба. Мудроста не е во тоа да знаеме се’, туку како да најдеме спокој во она што го имаме како сознание. И за себе и за останатите. Да сте ми живи и здрави.


До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa


Не кажувај му лаги на чоек
Не го труј, душата не му ја погани
Оти тешки се лагите
Како во чаша полна убо бело вино
Долу тонат и се таложат
И со секоја нова виното истекува
Та после чоек пие само отров
Не му лепи на чоек лаги во душата
Оти бисери му земаш
А внатре ќумурчиња му клаваш
Му зацрнуваш она што од Господ бело му е дадено
Та си го зацрнуваш и срцето свое
Поголема болка од лагата нема
И нема бела лага, ниту полубела
Таа леб не е од мешано брашно
Нема лага за добрина кажана
Оти чоек колку и да сака некојпат излажан да биди
Кусур ќе ти фати еден ден
А на лагата само лага се лепи
Та еден ден веќе и не знаеш каде отишла вистината
Немој
На чоек лаги не кажувај му
Вистината намести му ја како чиста постела
И во неа со сета љубов и почит спростри ја
Со милост во очите зборот изусти го
Ама да знај оти не е кажан за да го боли
Оти лагата е ко пелин во шербет удавен
Та низ уста ко ќе вртиш, ќе згорчи
И да го плукниш
Пак вкусот ќе ти остане
А после и мед на чоек да му дајш, џабе е
Не ќе ти верува
Ниту пак ти ќе му веруваш
И сомнежите само ќе останат
Како црвје да глодаат
Низ утроба да ти се шетаат
На чоек лага не се кажува
Ниту со неа да го храниш треба
Ниту пак да го поиш
Поарно дај му трошки од вистината
И неколку капки искреност
Поќе ќе го крепат
Отколку со лажење да го најадиш и напоиш
Оти ниту ќе се најади
Ниту жедта ќе му ја згасниш
Оти лагите се ко сол да јадиш
И никогаш од нив ќар немаш
Имај кон чоека почит
Милост имај и љубов
Како кон сам себе што треба да ја имаш
Каква што сакаш и тој кон тебе да има
Та гледајте се преку вистината
И ти поубав ќе бидиш
А и тој отспротива поубо ќе ти свети
Само на чоек не кажувај му лаги
Ниту нему, ниту на сам себе...ниту на сам себе