ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Мијата ја открива приказната за „Верувам во себе“

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов


„ВЕРУВАМ ВО СЕБЕ“ (МИЈАТА)

Најхитовскиот рефрен од репертоарот на познатата кантавторка Мијата, мелодија која оригинално била создадена со англиски текст. Кога одлучила да напише македонски стихови, спонтано ѝ излегле сите тие зборови и емоции по нејзиното учество во музичкото шоу „Идол“, како што вели, во моментите кога природно ја почувствувала состојбата да биде на сцена.

- Таа песна е како моја химна која го означува патувањето на моето музичко искуство. Револтот се чувствува, но и бескрајната подготвеност човек да не се откаже од тоа што го сака. Затоа сакав аранжманот да биде отслика на мојата внатрешна борба, со зародиш и детска чистина да кулминира експлозивно со саунд-ефект на авион на полетување. Со Тања Рибарска кога го правевме драфт-аранжманот кај неа дома, не бевме свесни каква магија се случува. Со таа демо-снимка отидов кај Валентино Скендеровски на кој иако му беше чудно тоа што го барав (му се чинеа како три песни во една), сепак се согласи, ги викна сите музичари да отсвират профи, ја „напуца“ и ја пуштивме да полета – ни раскажа Мијата.