ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанеле македонските хитови?

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов

„Битола, мој роден крај“ (Петранка Костадинова)


Нејзиниот творец, покојниот Ајри Демировски, во една прилика раскажа како настанала легендарната песна која Битола ја прослави во целиот свет.

- Во 1944 година додека го учев графичкиот занает во Графичката школа во Загреб, едно утро ме фати носталгија за Битола. Времето беше тмурно, па се сетив на сончевиот југ. Како од душа ми потекоа стиховите и за неколку минути ги напишав. Песната ја изведов пред битолската јавност во 1950 година на една градска свеченост пред Народниот театар. Народот ја прифати и запеа со мене–раскажа Демировски.

„Битола, мој роден крај“ е една од најпрепејуваните македонски песни, а пред неколку години за потребите на проектот „Македонското срце чука во 7/8“ потпишан од семејството Тавитијан, нумерата ја отпеа и хрватската ѕвезда Оливер Драгојевиќ.