ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанал евергринот „Во бестрага“?

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов

„ВО БЕСТРАГА“ (ДАРКО ГЕЛЕВ-БРЕЈК)

Уште еден текст на Џамбазов. Автор е Никола Перевски-Пере кој редовно ја свири на настапите со својот матичен бенд „Нокаут“.

- Првите тонови долго време владееа со мене и ми се мотаа во глава. Песната ја напишав кога имав 19 години. Франц беше вклучен како коавтор. Џамбазов само што ја слушна, преку ноќ го напиша текстот и ја снимивме во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. Брејк ни беше првиот избор, најмногу поради специфичноста на неговиот вокал. По првиот анплагд-концерт на „Нокаут“ кога Игор ја отпеа песната, продолживме редовно да ја свириме на концертите со бендот –раскажа Пере пред неколку години.