Уживам во моето тело: Ведрана Ѓорѓевиќ за страста кон тетоважите

Со манекенство почнала од 17 години на првата Модна недела која во тоа време се одвиваше на Скопски саем, но повеќе работела како модел и снимала реклами и каталози. Вели, во секој случај е убаво искуство но не се живее во Македонија од манекенство. Се уште работи како модел и често пати се случува да снима реклами. Последно нешто што снимала е реклама за ребрендирањето на А1, а потпишала и договор за бренд амбасадор на интернационална фирма.

Ведрана Ѓорѓевиќ која денес наполни 32 години, е во топ-форма и импонира со својата висина од 183 см, елоквентност и атрактивност. Иако смета дека естетските операции се веќе секојдневие и кај нас, страст и се тетоважите кои ги покажа како манекенка- невеста на Саемот на венчавки во Скопје.

Само за „Женски магазин“ откри кои приказни се кријат зад нив.

Зошто се одлучивте за тетоважи?

-Секоја тетоважа е од одреден дел од животот и има своја приказна, но како што ми велеа порано дека ќе ми здодеат гледајќи ги низ годините, напротив, се повеќе и повеќе ги сакам.

Колку ги имате?

-До сега имам направено 4 и мислам дека нема да застанам тука, но ги правам дозирано на неколку години по една. Првата ја направив на 18 години, а последната пред 6 месеци. Сите ми ги направи Боби Гроф. Често пати се случувало да ставам нешто за кое што за среќа ме премислувал и можам да кажам дека доста ми помага во изборот и секогаш се консултирам со него како да направам нешто и дали ќе изгледа добро, сепак тој е професионалец. Треба да ги слушаме професионалците, секој во својата бранша нели ?

Раскажете ми ја приказната за секоја од нив?

-Првата тетоважа ми се букви ,,Independent“ или независна… Тоа не се промени до ден денес. Многу ми е важно да сум независна и слободна, сепак сум Риба а рибата е најсреќна само кога може слободно да плива. Втората е „Be yourself“ со пердув која што на некој начин е продолжение на независна. Што и да правиш во животот и за што и да се одлучиш да го живееш животот биди тоа што си, и немој да се изгубиш себеси во процесот на растење и живеење. Третата ми е Карт ана -светот на стапалото, едноставно е…. Обожавам да патувам, со секое патување сум се побогата, а овие стапала ќе го прошетаат светот. Четвртата и последна за сега тетоважа ја направив пред 6 месеци, уште не сум ја промовирала.Направив крила на долниот дел на грбот, веројатно како локација немаше никогаш да го изберам тоа место, меѓутоа покрај тоа што сакав да го разубавам телото со тетоважа, сакав да ги покријам и стриите кои ми излегоа од нагло растење во пубертет токму во тој дел. Симболиката на крила се знае Слобода, така што на крај испаднаа ,,две муви со еден удар“-стрииите покриени, кожата разубавена со уште една слика.

Дали сте задоволни од својот изглед?

-Задоволна сум и среќна, иако на нас жените секогаш нешто ни фали и велиме може и подобро. Мислам треба да научиме да се сакаме себеси онакви какви што сме, да не бидеме престроги кон себе и да уживаме во нашето тело. А повеќе би рекла да се осврнеме на нашето ментално здравје.

Дали би менувале нешто?

- Единствено што мислам дека можам да го подобрам во моментов е можеби физичката подготвеност. Во зима малку повеќе ме мрзи и заборавам на физичка активност.  Како и квалитетот на косата, кој што не сум сигурна дека може многу да се подобри, мислам дека е повеќе генетика.

Што мислите за се поприсатниот тренд на естетски операции кај нас и меѓу славните личности и меѓу жените воопшто?

-Трендот на естетски операции е се повеќе секојдневие и тоа не само кај жените туку и кај мажите, иако никој не ги коментира. И мажите се доста подложни на операции, и тука нема ништо лошо, секој треба да прави со своето тело секаква трансформација која што ќе му ја зголеми самодовербата и го прави среќен. Немам апсолутно никакви предрасуди, секој има право да одлучува сам за своето тело.

Запливавте во маркетинг водите, ама не се откажувате ниту од манекенството. Бевте и невеста на Саемот на венчавки во Скопје. Како ги избирате манекенските понуди?

-Да, во моментов примарна работа ми е маркетинг агент во Color Media , но исто така работам и на проекти кои што ги избирам во зависност од производот што треба да го продадам, дали верувам дека тоа е стварно добро и потоа секако и буџетите кои ги имаат за промоција на истите.  На саемот на венчавки го претставував Ателје Пепика. Како и лани,така и оваа годинаимавме одлична соработка. Ова е само скромен почеток и враќање во овие води .

Лејла Сабит

Фото: Вангел Тануровски