Утринско кафе со Спасе Манев: Зависник сум од филмови

Алармот ме буди рано наутро, не пијам кафе воопшто, а и никогаш не се спријателив со кафето. Појадувам што ќе се најде во фрижидер, потоа, скоро секој ден си ја средувам собата доколку е превртена (најчесто не е) и креветот, па, читам новости на интернет и секако, не пропуштам утрински да се насмеам со хумористични емисии. Додека се подготвувам за на работа пуштам музика, најчесто слушам моментални странски хитови.

Мотивација ми е патувањето. А кога патувам се чувствувам по среќен, по здрав, ми ја поттикнува креативноста, се здобивам со нови искуства, запознавам нови култури, обичаи и пријателства. Патувам многу често, секако, треба и временските услови да се на моја страна, а кога веќе патувам - уживам во тоа во вистинска смисла на зборот.

По работните обврски, остатокот од денот го поминувам некаде надвор од домот. Можеби на некој топол напиток во кафуле, прошетка низ градот каде што живеам, а и надвор од него во поблиските градови. За време на викендите почесто сум и надвор од државата, секако, кога е убаво времето и дозволува прошетки и надвор од Македонија и Скопје.

Денот ми завршува со топол чај во овие студени денови, не пропуштам да изгледам некоја од многуте серии што ги следам покриен со поларно ќебенце заедно со мојот најверен пријател и во добро и во зло, лабрадорот Лео.

Книга не читам од поодамна бидејќи сум со работни обврски, а и патувањето и прошетките кои ми се едни од опсесиите во животот, ги ставам пред книгите, барем јас ги гледам како побитни работи. Зависник сум од филмови. Многу често одам на кино, а и тоа што ќе го пропуштам на кино, го гледам дома. Серии имам само еден мал милион на репертоар што ги гледам. Сакам да гледам серии и филмови од скоро секој жанр. Но на врвот ми е хорор, кои ги гледам од мал. Некои деца растеле со Том и Џери, Мики Маус, Баљум Баљум, а јас израснав со хорор филмовите.


(Спасе Манев - Sales Manager)