Утринско кафе со Софија Јанева: Сакам да посетам над 60 земји пред да наполнам 30 години

Секој ден ми почнува исто, со многу ентузијазам, насмевки и мотивација. За мене, новиот ден е нова авантура! Ако сум дома во Скопје, моето прво кафе обично го пијам со момчето или фамилијата. 

Ме мотивираат убавините во светот! Си имам зацртано како цел да посетам над 60 држави во светот пред да наполнам 30 години (сега имам 25).

Кога сум дома, секојдневните обврски ми се исти. Станувам и одам на работа во маркетинг агенцијата „Нико Медиа”. Освен патувањата, маркетингот е моја пасија затоа што секогаш си опкружен со луѓе и воедно имаш шанса да бидеш креативен.

Денот ми завршува на два начини - или уморна од шетање или од работа. И според мене нема поубаво чувство од тоа да знаеш дека денот ти бил продуктивен.

Обожавам да читам книги и да гледам серии. Моментално ја читам „Тајната” од Ронда Бирн по втор пат.

(Софија Јанева- блогерка)