Утринско кафе со Никица Ацева: Мотивација добивам од луѓето кои не веруваат во мене

Денот секогаш ми започнува со утринско кафе кое го пијам со мојот мал принц Лаки, кој неодамна наполни 3 години. Зависник сум од кафе и постојано сум во потрага по нови,  несекојдневни вкусови, но првтото ми е секогаш класично, турско за расонување.

Секој ден ми е различен и тоа е предноста кога работиш како фриленсер, никогаш не е досадно. Немам конкретен дневен распоред, плановите и обврските ги распоредувам спонтано во зависност од тоа од што имам недостиг во моментот. Некои денови се случува да менувам три аутфити и да сликам цел ден, за да оставам простор следните три дена да се посветам на останатите обврски кои се поврзани со мојот блог и факултетот. Исто така во постојана потрага сум по локација за слика и тоа воопшто не е едноставно, можеби е и еден од потешките делови на мојата работа, бидејќи идејата на мојот блог не е само да ја презентирам модата, туку да дадам една реална слика за примена на истата. Единствено нешто што е сигурно и репетитивно во мојот ден е тренингот и спремањето на нови кореографии за утринската зумба во Танцов клуб Сонриса.

Ме мотивира идејата да изградам сопствен нестереотипен стил, да внесам иновација и креативност во начинот на презентирањето на модниот свет. Ме мотивира желбата да ја преминам границата на нормалното, а уште повеќе ме мотивира кога на некого тоа му се допаѓа и ми се обраќа за совет. Сепак, најголема мотивација добивам од луѓето кои не веруваат во мене, бидејќи секогаш ќе тежнеам кон тоа да се надоградам. Водечка мисла во професионална смисла, па и општо ми е познатата изрека на Коко Шанел: „Облечи се како да ќе го сретнеш најголемиот непријател“.

Денот обично го завршувам во друштво на моето момче. Вечерта ја поминуваме гледајќи добра серија, најчесто комедија за убаво опуштање по напорниот ден. Викенд вечерите се резервирани за латино забавите, бидејќи и двајцата танцуваме.

Искрено моменталниот распоред не ми остава простор да се посветам на некоја книга, но сакам да изгледам добар филм и тоа по можност на големо платно во кино, со голем начос и гооолема кока кола.

* Никица Ацева, модна блогерка и зумба инструкторка